ИДА ПРОТУЃЕР
Пред 15-тина години кога Еуростандард беше нова банка, пишував една тема која ја проблематизираше нејзината оценка. Во тоа време НБРМ ги оценуваше перформансите на банките и Еуростандард доби највисока оценка за таа година, но за мене беше проблематично што немаше јасна сопственичка структура
Додека трае возбудата за исходот од средбата Заев – Ахмети за нова влада, да раскажам нешто и јас за Еуростандард банка како долгогодишен новинар што следел банкарство и финансии.
Прво Народната банка е една од најсериозните и најстабилни институции во Македонија.
Второ, секогаш кога се затвора банка, не знае никој освен гувернерот и неколку луѓе од негова доверба. Сум сведочела на пропаста на Експорт-импорт и Македонска банка. Кога би било познато дека се затвора банка, тоа би им оставило на оние кои ја довеле банката до таа ситуација уште повеќе да ги загрозат туѓите пари. Затоа што банка не е приватна компанија, туку институција која располага со туѓи пари. Така што верувам во одлуката на гувернерката и проценката на ризици и можам да искажам лично мислење дека после Љубе Трпески, Македонија имаше и има професионални и одговорни гувернери.
Сега за моето лично искуство со Еуростандард банка. Пред 15-тина години кога Еуростандард беше нова банка, пишував една тема која ја проблематизираше нејзината оценка. Во тоа време НБРМ ги оценуваше перформансите на банките и Еуростандард доби највисока оценка за таа година, но за мене беше проблематично што немаше јасна сопственичка структура. Како мнозински акционери беа наведени три приватни фирми на иста адреса, се сеќавам и на името на улицата каде беа регистрирани, Виа Покобели во Лугано, Швајцарија. За фирмите никакви информации, тотална мистерија. Со оглед на тоа што е банкарска институција и располага со туѓи пари, мислев дека треба да се отвори тема дали толку скудни информации за мнозинските акционери се во ред за НБРМ.
Потоа НБРМ ги укина оценките за банки, но тогаш беше тоа актуелно. Немаше ништо клеветничко во прилогот, но повод за тужба беше насловот кој беше провокативен, „Гошев ја почасти банката на Костовски со најдобра оценка”. Пологично беше Гошев да тужи бидејќи лично тој не даваше оценки, туку служби во НБРМ, но нејсе, добив тужба од Еуростандард, односно од директорот Тозија. По само две – три рочишта добив и пресуда, три месеци условна затворска казна. Судија беше Никола Ивановски. На своја кожа ја почувствував (не)зависноста на судството. Судијата, кој потоа во време на Груевски напредуваше до уставен судија, ме праша од каде документите за трите фирми на иста адреса во Лугано. Му дадов извештаи испринтани од веб страната на банката. Ми кажа не се валидни, не се заверени кај нотар. Веднаш потоа материјалите „исчезнаа” од страната на банката. Залудно се обидував да му објаснам на судијата дека интернетот и официјалните институции се наш валиден извор на информации. Ниту еден мој доказ не беше прифатен.
Нејсе, во процесот се вклучи ОБСЕ како набљудувач, доби јавност, на Апелација затворската казна падна и се врати одново судењето и тоа траеше повеќе од две години. Банката се повлече од процесот кога излезе аферата Фиком и таму ислезе дека Еуростандард или Поштенска, не се сеќавам која (Еуростандард ја купи пред десетина години Поштенска банка) имале голема изложеност во проектите на Фиком. Директорот Тозија ме покани на кафе, се извини и ја повелече тужбата. Претпоставувам дека му било калкулација да не си создава непријатели во Дневник кој беше највлијателен весник во тоа време, во ек на афера, но не се занимавам со причините. Немам никакви лоши чувства кон никого околу тој случај, но го памтам како едно од најнепријатните искуства што сум ги имала како новинар.