ДЕНКО МАЛЕСКИ
Зошто не им веруваме на странците кога ни велат дека францускиот предлог е најдобриот што Македонија можела да го добие? Зошто не веруваме кога ни повторуваат дека секакво репреговарање е загубено време?
Одговорот е едноставен: немаме знаење од базичните принципи на меѓународната политика. Тоа тие го знаат, па оттаму молбите и заканите да не ја прокоцкаме шансата за влез во ЕУ. Затоа се подготвени да излезат од рамките на дипломатскиот протокол.
Наспроти убедувањето кај нас дека тоа го прават од желбата за доминација, се работи за сожалување кон народ, чии бројни политичари не го разбираат светот во кој живееме. Што е тоа што нашите политичари, новинари и интелектуалци треба да го знаат?
За тие што имаат трпение да прочитаат подолг текст, го пренесувам моето воведно предавање од меѓународна политика, дисциплина, чии темели ги поставив пред нешто повеќе од дваесет години. Можеби ќе успеам да премислам некој што решил да гласа против уставните измени, кои ни го отвораат патот кон ЕУ.
ДРЖАВАТА КАКО ЛИЧНА КАРТА Системот на суверени држави како релативно трајни политичко-територијални единици е европски изум што настанал по Мирот од Вестфалија во 1658 година. Тој постепено ќе се прошири низ целата планета Земја: во 1778, кога се формирале САД, имало само 21 држава, во 1945, кога настанале ОН, 51, по антиколонијалните револуции и распадот на Советскиот Сојуз, Југославија и Чехословачка, во деведесеттите, бројот изнесува 193.
Меѓутоа, некаде меѓу 3.000 и 5.000 национални, етнички, религиозни или лингвистички групи се потенцијални кандидати за државност. Ако ги прашате што им е најблиску до срцето, без двоумење ќе ви одговорат – држава.
Зошто? Затоа што тоа е инструментот за комуникација меѓу народите. Ако твојот народ нема држава, тоа е исто како вие како поединец да не поседувате лична карта, а да сакате да подигнете кредит од банка, или да сакате да патувате во странство, а немате пасош, другиот документ за идентификација.
Има големи народи што бројат и преку дваесет милиони, како курдскиот на пример, кои немаат држава, иако ја посакуваат. Историјата, географијата и политиката не им одат во прилог на остварувањето на оваа цел, за која, понекогаш, се подготвени да загинат.
Значи, самиот факт дека етничките Македонци, еден од најмалите народи во Европа, имаат своја држава е големо достигнување.
Сите 193 држави се еднакви и суверени, што ќе рече, носат сопствени одлуки и не признаваат власт повисока од својата. Меѓутоа, еднаквоста е формално-правна, затоа што фактички тие се нееднакви. Тие се нееднакви по својата моќ. Улогата на моќта, пак, е пресудна во односите меѓу државите, кои се одвиваат во услови на релативна анархија.
Имено, во отсуство на централна власт во светот, организацијата на политиката во меѓународното општество е хоризонтално поставена. Тоа значи дека политичката моќ е разлеана, а не концентрирана во влада, која би била на врвот на вертикална структура на моќ, како што е тоа случај во домашното општество.
Значи, на меѓународното општество му недостасува функционално и хиерархиски интегрирана структура со влада на врвот, низ која течат политичките процеси.
МЕЃУНАРОДНА ХОРИЗОНТАЛНА СТРУКТУРА Меѓународниот амбиент го карактеризира една егоистичка трка на државите за промоција на својот национален интерес. Самата хоризонтална структура на меѓународното општество на држави ги диктира правилата на игра.
Првото правило е самопомош. Натаму, тука е правилото дека не постои заеднички меѓународен интерес способен да ги потчини и да ги координира поединечните национални интереси на државите.
Згора на ова се и големите економски нееднаквости, културните разлики и желбата за доминација меѓу државите, како и отсуството на ефикасни механизми за мирно решавање на конфликтите.
Иако во основа доминира правилото „секој за себе“, постои и соработка на која државите, сепак, гледаат како на начин на остварување на својот национален интерес.
Бројните длабоки конфликти на интереси меѓу државите, кои произлегуваат од нивните контрадикторни аспирации за моќ, богатство и престиж, не дозволуваат да се изгради хиерархија на интереси во која благосостојбата на меѓународното општество би имала примат над поединечните интереси.
Кога националните интереси се судираат околу прашања што државите ги сметаат за витални, а не можат да ги решат со мирни средства, тогаш моќта добива на значење. Решавање конфликти по мирен пат значи примена на меѓународното право. Но, тоа не успева секогаш.
Во тој случај, правото го отстапува местото на силата, која, во крајна линија, ќе го реши конфликтот во полза на таа страна што е посилна. Моќта, пак, дефинирана како способност да натерате некого да стори нешто што инаку не би го сторил, може да се манифестира како сила, убедување, авторитет, принуда и манипулација.
Токму поседувањето средства за насилно решавање на споровите ги става државите во позиција да го нарушат меѓународниот правен поредок кога ќе посакаат. Оттука и перманентниот стремеж на државите да ја зголемат својата моќ, затоа што се свесни дека во ситуација на конфликти на интереси, државата со доминантна моќ – доминира.
А, сепак, улогата на меѓународното право е значајна како контрола врз силата. Меѓутоа, хоризонталниот меѓународен поредок се рефлектира и врз правните норми што го уредуваат.
НЕСРЕЌНИ КИТОВИ И СРЕЌНИ САРДИНИ Имено, меѓународниот поредок не почива врз субординација, туку врз координација на волјата на државите. Тоа е така затоа што правото не може да ја елиминира моќта, туку може да ја стави во определени рамки, со цел битката за моќ меѓу државите да се одвива во рамки на меѓународното право.
Развојот на меѓународната етика, пак, ја произведува денешната ситуација, државите во своето однесување да настојуваат да го почитуваат меѓународното право, едновремено работејќи на зголемувањето на својата моќ.
Меѓутоа, кога нормите на меѓународното право се во колизија со националниот интерес на државата (а национален интерес на една држава е тоа што таа држава ќе го прогласи за национален интерес), таа ќе настојува да го заобиколи правото.
Рамката на тој меѓународен систем на држави ја држат големите сили, чии интереси и влијание се глобални. Регионалните сили, пак, влијаат врз регионот во кој се лоцирани додека малите држави имаат само една цел – да опстанат во морето на светската политика, во кое пливаат и китови и сардини. Оваа констатација не смее да се сфати лично.
Како поединци, ние можеме да бидеме и посилни, и подобри, и попаметни од кој било Американец, Британец или Кинез. Но, без оглед на правните норми што прокламираат еднаквост на државите, Кина и натаму ќе биде милијарда и триста милиони, а ние ќе бидеме два милиони жители. Или Америка ќе има нуклеарно оружје, ракети, сателити и носачи на авиони, а ние ќе имаме четири хеликоптери.
Значи, нееднаквоста, а не еднаквоста, како што е запишано во меѓународните документи, е главната карактеристика на меѓународното општество на држави. Меѓутоа, големата моќ на државите не е секогаш услов за среќа на луѓето што живеат во нив зашто имаме несреќни китови, како Русија или Кина, и среќни сардини, како Норвешка, Финска, Шведска, Данска или Швајцарија.
Тоа се земји кои на најдобар начин се грижат за тоа што е смислата за постоењето на модерната држава: да ги востановат, да ги одржуваат и да ги бранат базичните општествени состојби и вредности, какви што се безбедноста, слободата, редот, правдата и благосостојбата на своите граѓани.
РЕАЛИСТИЧЕН И ИДЕАЛИСТИЧКИ ПРИСТАП Основната дебата во науката што се занимава со изучувањето на односите меѓу државите се води меѓу реалистите и идеалистите.
Реалистите тргнуваат од претпоставката дека човековата природа е лоша, дека односите меѓу државите се конфликтни и резултираат во војна; дека безбедноста и опстанокот на државата се врвните вредности; дека истите „проклети нешта се повторуваат одново и одново“ зашто нема подобрување на односите меѓу државите во меѓународното општество, кое би било аналогно на подобрувањето на односите меѓу поединците во домашното општество.
Безбедно за твојата земја е ако поаѓаш од претпоставките на реалистите. Предупредувањата на Тукидид, Макијавели или Хобс, интелектуалните претходници на модерната реалистичка школа, треба да се земаат со сета сериозност. Дури откога цврсто стоиме со двете нозе на земја, разбирајќи го светот онаков каков што е, а не каков што сакаме да биде, можеме да посегаме по идеалите, кои, според Русо, се положени на небото.
Идеалистичката традиција, која влече корени од делата на Кант, на Бентам или на Мил, е врзана со појавата на либералната држава. Во духот на оваа традиција, човековата природа е добра, соработката, а не конфликтот се во основата на односите меѓу државите и постои прогрес во општеството на држави, соодветен на оној во државите и дека државата треба да се однесува подеднакво морално како и поединецот.
Така, со разјаснување на поимите на моќта и интересите во анархичната структура на општеството на држави почнува курсот преку кој студентот ја учи азбуката на меѓународната политика. А, сепак, мора да се рече дека ние што живееме на европскиот континент сме од привилегираната сорта луѓе.
По страотните лекции од Првата и од Втората светска војна, Европа стана зона на мирот и човековите права, со чии граѓани не владеат поединци, туку закони. Никогаш порано во човековата историја, двоножните суштества наречени луѓе не живееле во поголема слобода, безбедност и благосостојба отколку во земјите на Европската Унија.
За овој толку несовршен свет, кој е одраз на несовршената човечка природа, ова е огромно достигнување. Затоа, гласајте за францускиот предлог и не попречувајте го патот на државата кон зоната на мир, демократија и прогрес, единствена од таков вид во светот.
Има големи народи што бројат и преку дваесет милиони, како курдскиот на пример, кои немаат држава, иако ја посакуваат. Историјата, географијата и политиката не им одат во прилог на остварувањето на оваа цел, за која, понекогаш, се подготвени да загинат. Значи, самиот факт дека етничките Македонци, еден од најмалите народи во Европа, имаат своја држава е големо достигнување.