Со некои свои пријатели фотографите превеле дел од поетската ризница на Андреевски на чешки јазик и кога пристигнале во Демир Хисар започнале со реализацијата на проектот
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Дела на деветмина чешки професори и студенти од реномираната школа за фотографија од Либерец, Чешка Република, се претставени на изложбата која од 30 август до 7 септември се одржува во Домот на културата „Илинден“ во рамките на манифестацијата „Демир Хисар град на културата, 2018“. Тие се гости на „Арт Поинт – Гумно“ во Слоештица, а твореа инспирирани од песната „Можев да ти бидам (Пофалба на Демир Хисар)“ на великанот Петре М. Андреевски.
Можев да ти бидам твое востание,
брсјачки инает, кошница рассрдено улиште,
копче што се зашива на даровна кошула
купенден на коњот за јавање, за спрегање,
кандило што ти свети дури вечераш,
дури калапиш тутун, дури си постилаш;
можев да ти бидам, мој железен крају,
чкрапнато сонце никаде што не заоѓа.
Можев да ти бидам водна терезија,
колар и скршено колце на одење,
написмено од позната насмевка;
можев да ти бидам позајмен оган
леска над Лесково, смил за Смилево,
цер и базер пред Церово и Базерник,
бреза сред Брезово, боен вик зад Боишта;
можев да ти бидам, мој железен крају,
и сложен пат за Слојштица.
Вака бардот Петре М. Андреевски ја распосла својата љубов за родниот крај во песната „Можев да ти бидам (Пофалба на Демир Хисар)“. А инспирирани токму од неговите стихови деветмина професори и студенти од реномираната школа за фотографија од Либерец, Република Чешка, кои се гости на Арт Поинт Гумно во с. Слоештица во рамките на одбележување на јубилејот – 15 години постоење на колонијата, твореа своја уметност. Фотографите Томаш Бонхард, Јана Козакова, Роман Мацек, Ева Морицка, Алена Новакова, Шимон Пикоус, Габриела Рехакова и Франтишек Русек, предводени од нивната менторка Јана Хунтерова, во изминативе седум дена, крстосуваа низ селата на Демир Хисар за да ја овековечат магијата на пределот и духот на локалното население. Дел од нивните дела се претставени на изложбата која, пак, од 30 август до 7 септември се одржува во Домот на културата „Илинден“ во рамките на манифестацијата „Демир Хисар град на културата, 2018“.
Хунтерова, како професор во школата за фотографија од Либерец и уметница која се бави со документарна фотографија, знае да каже дека таа воопшто не се двоумела околу идејата за работилница надвор од татковината и дека притоа првата мисла и била Слоештица, односно Македонија. Дополнува дека таму прв пат престојувала пред пет години и тоа како официјален фотограф за јубилејот на првата декада од „Арт Поинт – Гумно“ откако претходно се запознала со Сергеј Андреевски во Александрија, во Египет.
Вели дека знаела оти неговиот татко Петре М. Андреевски е еден од најпознатите македонски поети и откако прочитала некои од неговите песни си рекла дека би било интересно да се направи еден таков проект во кој таа и нејзините колеги би кажале нешто за крајот но на еден поинаков начин. Со некои свои пријатели превеле дел од поетската ризница на Андреевски на чешки јазик и кога пристигнале во Демир Хисар започнале со реализацијата на проектот.
Така на пример Шимон Пикос со себе ја понел својата аналогна камера и снимал портрети на локалното население кои потем ги развил во импровизираната темна соба и ги отпечатил на хартија. Некои од колегите своето воодушевување од природата го искажале низ поетични фотографии, а други пак инспирација нашле во тутунот што се сушел на ѕидовите од селските куќи. Генерално секој го следел својот творечки ракопис, за да заедно претстават една навистина интересна колекција.
„Во суштина овде станува збор за емоции. За тоа како се чувствувавме во Слоештица. Што нам ни значи селото, а што му значело на Петре М. Андреевски кој е роден овде. Се обидовме да претставиме дел од Македонија онака како што ние сме го виделе и почувствувале. Да понудиме малку поинаква светлина затоа што сепак доаѓаме од други краишта, малку поразлична култура“, истакнува Јана Хунтерова.
Таа и со дополна дека ги виделе и Железнец, Бабино…и дека за нив било интересно што во поголемиот дел од селата во демирхисарско живеат само по неколкумина главно старци. Биле зачудени од тоа што тие се толку пријателски расположени и што по првата средба веднаш им ги отвориле вратите на своите домови. Нивното поведение, смиреноста, убавите зборови што им ги упатувале …едноставно ги натерале да се почувствуваат како да се во рајот.
Инаку, интересно е и тоа што Хунтерова на крајот на септември патува во Лисабон, Португалија, каде во рамките на групата „Урбан дијалог“ што ја чинат осум уметници (сликари, музичари, поети…) од различни страни на светот – Индија, САД, Чешка…, во рамките на проектот „Води“, ќе се претстави со видео материјалите и звуците што ги снимила токму во Слоештица и во соседните села.
Кон ова само уште и информацијата дека Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ годинава ќе го потпише и проектот „Рајот постои“ кој, всушност, претставува ретроспектива на се што е направено/постигнато во изминативе 15 години во рамките на една од главните програми што се одвиваат во Слоештица. Имено, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, ќе биде објавена публикација во која, освен врвна уметност, ќе биде прикажано како, преку уметноста, оживуваат селата, се промовира традицијата, се прошируваат видици и се раѓаат вечни пријателства, се градат мостови меѓу навидум непремостливи јазови, а пред се, се создаваат културни амбасадори што (ќе) ја промовираат земјава.