TОМЕ НИКОЛОВСКИ
Во последниве децении објавени се повеќе од 100 труда на оваа тема.
Општо земено, утврдено е дека интелигенцијата е поврзана со верувања кои можат да се класифицираат во две категории: како социјално либерални и фискално конзервативни верувања
Во психолошката литература е соопштено дека интелигенцијата (IQ) е поврзана со низа политички верувања, на пример, со либерализмот (Carl, 2014) и антирасизмот (Deary et al., 2008). Онрет (Onraet, 2015) покажал дека интелигенцијата е негативно корелирана со десничарско идеолошките ставови (r = −.20), а Станков (Stankov, 2009) нашол негативна корелација помеѓу конзервативизмот и интелигенцијата. Џедингер и Бургер (Jedinger & Burger, 2022) нашле многу мала, но значајна корелација помеѓу интелигенцијата и фискално конзервативните верувања (r = .07). Колку за потсетување, поимот фискалeн конзерватизам е изведен од економскиот либерализам. Според фискалниот конзерватизам, потребно е намалување на даноците, намалување на државните трошоци, дерегулација, приватизација, слободна трговија и сл.
Во последниве децении објавени се повеќе од 100 труда на оваа тема.
Општо земено, утврдено е дека интелигенцијата е поврзана со верувања кои можат да се класифицираат во две категории: како социјално либерални и фискално конзервативни верувања.
И покрај големиот број истражувања, основните причини за поврзаноста помеѓу интелигенцијата и верувањата не се доволно разјаснети. Во поврзаноста помеѓу интелигенцијата и верувањата можат да се вметнат разни фактори на околината, како што е, на пример, социо-економскиот статус. Тоа ја наметна потребата проблемот подетално да се истражи.
Неодамна е објавено едно интересно и значајно истражување кое привлекува пошироко внимание на психолошката (и друга) јавност, а кое е спроведено со цел да се разјасни природата на поврзаноста помеѓу интелигенцијата и политичките верувања. Тоа ќе биде накратко прикажано.
Истражувањето е извршено од група психолози при одделението за психологија, Универзитет во Минесота (University of Minnesota Twin Cities).
Истражувачите ги искористиле податоците од Студијата за интеракција и однесување на браќата и сестрите (Sibling Interaction and Behavior Study, SIBS). Во таа студија биле собрани детални информации за посвојувачките и биолошките семејства. Семејствата биле регрутирани помеѓу 1998 и 2003 година. Биле користени податоци од државната евиденција за родени и податоци од агенцијата за посвојување. Студијата опфатила 82 пара биолошки браќа и сестри, 96 пара посвоени браќа и сестри и дополнителни 35 пара составени од еден посвоен и еден биолошки брат или сестра. Оваа база на податоци им овозможила на истражувачите да ги споредуваат браќата и сестрите во исто семејство, но и да се фокусираат на генетските влијанија.
Податоците користени во оваа студија биле собрани во периодот од 2017 до 2023 година.
Децата биле посвоени пред нивниот втор роденден.
Политичките ставови се мереле со пет скали за политички ставови (политичка ориентација, авторитаризам, егалитаризам, социјален либерализам и фискален конзерватизам) и една скала со која се мерела религиозноста.
За мерење на интелигенцијата се користеле два вида мерки: традиционални психолошки тестови и полигенски мерки. За испитаниците што имале 16 години и повеќе бил користен Векслеровиот тест на интелигенција за возрасни (Wechsler Adult Intelligence Scale–Revised, WAIS-R), а за испитаниците што имале 15 и помалку години се користел Векслеровиот тест за деца (Children Revised, WISC-R). Овие психолошки тестови спаѓаат меѓу најпризнатите и најпочитувани инструменти за мерење на интелигенцијата и мерките добиени со нив се сигурни процени на интелигенцијата.
Покрај традиционалните тестови за мерење на интелигенцијата, истражувачите користеле и полигенски мерки за когнитивната перформанса и мерки за образовните постигнувања.
Полигенските мерки претставуваат збирна мерка за генетска предиспозиција за одредени особини. Тие се пресметуваат со собирање на ефектите на бројни генетски варијанти низ геномот, при што секоја придонесува со мала количина за односната карактеристика.
Студиите за поврзаност на ниво на геном (Genome-wide association studies, GWAS) користат регресија за да ја проценат големината на ефектот на гените врз човечките особини. Овие гени се единечни нуклеотидни полиморфизми (single nucleotide polymorphisms, SNP). На секој локус на геномот има или 0, 1 или 2 копии од SNP. Множење на бројот на SNP на една личност со големината на нивните ефекти и потоа сумирање на сите локуси дава процена на влијанието на гените на личноста врз некоја особина. Генетскиот индекс на нечија особина е познат како полигенски резултат.
Врз податоците биле применети серија регресивни постапки, при што од интерес биле две регресии: ефектите на фенотипската IQ и ефектите на генотипската IQ врз скалите на политички верувања.
Резултатите од истражувањето покажале дека мерките на IQ, добиени било со класичните психолошки тестови било преку генетските маркери, биле поврзани со политичките верувања, конкретно со либерализмот и авторитаризмот. Овој наод е значаен затоа што сугерира дека политичките верувања можеби не се исход на срединските фактори, туку на генетски варијации што влијаат врз интелигенцијата.
За сите политички верувања, фенотипскиот коефициент на интелигенција значително ги предвидува верувањата во левичарска насока. Исто така, генотипскиот коефициент на интелигенција предвидува левичарски политички верувања. Полигенските скорови за образовните постигнувања предвидуваат левичарски верувања за сите политички скали, освен за скалата што ја мерела религиозноста.
Во рамките на семејствата, се покажало дека брат или сестра со повисок коефициент на интелигенција или со поповолни полигенски резултати за интелигенција, со поголема веројатност се приклонува кон либерални политички убедувања во споредба со нивниот брат или сестра со пониска интелигенција.
Ова било констатирано и кај биолошките и кај посвојувачките семејства. Овој исход ги нагласува потенцијалните генетски основи на политичката идеологија, сугерирајќи дека варијацијата во генетските фактори поврзани со интелигенцијата може делумно да објасни зошто браќата и сестрите израснати во иста средина може да развијат различни политички ставови. „Откривме дека и IQ и генетските показатели за интелигенција, познати како полигенски резултати, можат да помогнат да се предвиди кој од двајцата браќа и сестри има тенденција да биде полиберален“, велат авторите на трудот. „Тоа се браќа и сестри со исто воспитување, кои се израснати под ист покрив. Ова имплицира дека интелигенцијата е поврзана со политичките убедувања, не само поради околината или воспитувањето, туку дека генетската варијација на интелигенцијата може да игра улога во обликувањето на нашите политички разлики“.
Резултатите потврдиле дека интелигенцијата има причинско-последичен однос со политичките верувања, што сугерира дека врската помеѓу интелигенцијата и политичкото верување не може да се објасни само со влијанието на околината.
Во студијата е најдено дека генетските индикатори на интелигенцијата, познати како полигенски мерки, можат да предвидат кој од браќата или сестрите ќе биде полиберален.
Меѓу браќата и сестрите израснати во исто семејство, оние со повисока интелигенција или со генетски индикатори за интелигенција, поверојатно ќе имаат либерални и егалитарни верувања и понизок степен на авторитаризам. Ова сугерира дека нашите политички верувања се под влијание на генетски фактори што влијаат врз интелигенцијата.
Важно прашање во врска со наодите од ова истражување е прашањето за нивна генерализација. Метаанализите на врската помеѓу интелигенцијата и политичкото мислење откриле дека над 90 % од варијациите на ефектите потекнуваат од хетерогеноста помеѓу студиите, наместо од грешка при земање примероци. Ова може да значи дека ефектот на когнитивната способност е суштински зависен од општеството и културата.
Истражувачите не ги коментирале импликациите за поврзаноста на интелигенцијата со политичките верувања, но истакнале дека обврска на истражувачите е својата работа да ја вршат неутрално.
Наодите од ова истражување фрлаат нова светлина врз односот помеѓу интелигенцијата и политичките ставови. Самата интелигенција, по себе, не наметнува политичка идеологија. Околината, културата и историскиот контекст во голема мера влијаат врз верувањата.
Интелигенцијата е само еден фактор, меѓу многуте, што влијае врз политичките верувања што, пак, не ни дава право да претпоставиме дека една идеологија е „поинтелигентна“ од друга. Низ историјата имало интелигентни луѓе кои имале спротивни идеологии.
(второт е проф. по психологија на УКИМ во пензија а текстот е обајевен во fakulteti.mk)