ДЕНКО МАЛЕСКИ
Без талент за дијалог, талент да се сослуша другата страна, се кај нас се претвора во расправија во кој се радикализираат спротиставените страни и нивните приврзеници. Нашите народи, било Македонци или Албанци, чувствувајќи се загрозени едниот од другиот, лесно се радикализираат на националните теми
Некој дамна рекол дека конфликтите почнуваат така што политичарите ги лажат новинарите а потоа, откако овие ќе ја објават лагата, политичарите веруваат во она што ќе го прочитаат. План за дестабилизација на Македонија на есен е слоганот околу кој се обединија мнозина, барајќи да се преземат мерки тоа да се спречи. Бидејќи зборот „дестабилизација“ во умот на македонската јавност е еднаков на вооружен конфликт, налик на оној од 2001, јасно е на какви мерки се алудира.
Не гледам индикатори кои покажуваат во таква насока, но сеќавањата се свежи и стравот е голем. А стравот знае да биде причина за конфликт. Велат дека ако некој продолжува доволно долго да повторува дека ќе има дестабилизација или насилство, можно е и тоа да се случи како „самореализирачко пророштво“ (self-fulfilling prophesy).
Но, фактите не одат во прилог на оваа теза: домашната и меѓународната ситуација не е ниту одблиску идентична со онаа пред 23 години. Она што разбирам следејќи ги партиските соопштенија и изјавите на политичарите од ДУИ, е дека тие се сметаат за легитимните претставници на албанскиот народ во власта и, согласно резултатите од изборите и принципот „победниксо победник“, тие се чувствуваат онеправдани. Меѓутоа, со оглед на фактот дека овој принцип не е запишан во уставот, партијата, со помош на странски експерт кој учествувал во пишувањето на Охридскиот договор, извесниот Пол Вилијамс, изготвила правен документ со кој ќе бара уставни измени за озаконување на новиот пристап при формирањето на владеачката коалиција. Но, и повеќе од тоа. Ако се точни информациите во печатот, се работи за јакнење на концептот на бинационална држава по угледот на мултинационалната демократска Белгија. Па од што се плаши власта тогаш?
Без талент за дијалог, талент да се сослуша другата страна, се кај нас се претвора во расправија во кој се радикализираат спротиставените страни и нивните приврзеници. Нашите народи, било Македонци или Албанци, чувствувајќи се загрозени едниот од другиот, лесно се радикализираат на националните теми. Затоа, политичари, внимателно со зборот. На почетокот од некогашните балкански војни беше неумерениот збор. Веќе некое време, нашите политичари, пак, ги прогласуваат своите опоненти за „бандити“ или „предавници“ и тоа не е добар почеток на дијалог кој ќе се обиде да го наметне ДУИ од есен. Во секоја нормална демократија власта мирно би го сочекала објавувањето на документот и би се подготвила за дебата во парламентот и пошироко во општеството . Тогаш, од каде толку нервоза кај владеачката коалиција кога се знае дека има двотретинско мнозинство и може да блокира такво гласање за промена на уставот?
Стравот е од личното искуство за тоа каква е силата на националистичката мобилизација. Имено, откога искористи се што можеше да искористи од темата за„потчинетиот Македонец“ за да ги добие изборите, власта на ВМРО-ДПМНЕ сака сега да прогласи мораториум врз етничките теми. Но, спиралата на националистичкото наддавање која ја покрена партијата на македонските националисти не запира со нејзиното доаѓање на власт. Сега ДУИ трга во истиот поход со слоганот за „потчинетиот Албанец“.