Како Охридското Езеро го промени животот на еден холандски турист?
МИКИ ТРАЈКОВСКИ
Корнелис Сгравема од Холандија, успеа да направи вистински подвиг, откако без една нога, каде има вградено вештачка протеза, неодамна исплива 18 километри од Охридското Езеро.
Тој преплива од „Свети Наум“ до хотелот „Гранит“ за пет часа и 15 минути, без поголеми проблеми.
Корнелис, на кого во 2017 година му била ампутирана десната нога, вели дека пливањето му претставува задоволство.
„Пред да ја изгубам ногата тренирав триатлон. Потоа се прашував како ќе пливам. Често се обидував, но, беше навистина многу тешко. Разговарав со многу луѓе за тоа како да си го олеснам пливањето. Сега пливам многу лесно и уживам во природата“, вели тој.
Вели дека Охридското Езеро е вистинскиот избор за лица со хендикеп.
„Зошто ме инспирира Охридското Езеро? Затоа што водата е многу свежа и чиста, и имате чувство дека сте жив. Водата е многу убава, и во не ане само што може да се плива, туку може и да се пие“, рече Корнелис.
Тој, за Гласот на Америка, откри дека негова желба е да настапи на 30 километри долгиот Охридски пливачки маратон, кој ќе се одржи на крајот на август.
„Она што ме мотивираше е убавата околина. Но, кога слушнав за маратонот се инспирирав уште повеќе, бидејќи сакам да им покажам на луѓето дека лицата со хендикеп можат да пливат исто како и останатите. Луѓето мислат дека не можам тоа да го направам, но, кога успеав се воодушевија. Најтешиот дел е да им покажеш на луѓето дека се е можно“, раскажува Корнелис.
Неговата сопруга Силвија Боселар вели дека е горда на Корнелис.
Тој е пример за многу други лица со хендикеп. Покажува дека може да направиш се` што сакаш, но, само доколку така и размислуваш.Тој го користи пливањето како начин да се справи со фрустрацијата со која се соочуваше, но, со помош на овој спорт прави баланс и наоѓа начин да се справи со стресниот начин на живот во Холандија“, вели таа.
За Корнелис и Силвија Охрид е нивниот втор дом. Со задоволство велат дека доаѓаат овде и уживаат во се` што градот и неговата околина нудат.
Посакаа да се видиме повторно во август за време на Охридскиот маратон.
(Гласот на Америка)