На темата за одразот на современите натани врз политичките системи пишува и д-р Љубомир Фрчкоски во текстот „Пандемијата и лузните врз неолибералната држава“
Петер Слотердајк во препораките за преживување на човештвото (Што се случува во дваесетиот век) препорачува и вели: треба да се премавне капиталистичката неконтролирана експанзија и ширење, да се постигне меѓународна солидарност која може да создаде извршна власт способна да ја совлада и да работи преку државните граници и националната сувереност, способна да ги сочува заедничките природните и културни добра (а пред сè животот на луѓето)…и понатаму прави алузија дека тоа е единствениот можен комунистички хоризонт, ако за таков може да стане збор. Од другиот крај на филозофскиот спектрум Жан Лук Нанси го „чувствува“ истото кога вели дека пандемијата не „поеднаквува“ на радикален начин, од нас прави заедница и преку самоизолацијата бидејќи да се биде заедница е да се претпоставува, да се замислува заедништвото, да се соочувате со предизвик заедно и да поставувате барања на основа на него…и повторно на еден чуден начин го споменува комунистичкиот хоризонт: вирусот нè комунизира и го нарекува „комунавирус“ (Версо, 2020).
Епа за ова, од различни полит-филозофски агли зборуваме како за имплицитна „еманципаторска политичка платформа“ која се актуализира со пандемијата на корона вирусот, а која држи хуманистички, социјалистички хоризонт.
Основното прашање е како со пандемијата се отвора политички хоризонт на можни промени, а со политичките, радикални и револуционерни движења се отвараа само разочарувања и нови и нови триумфи на неолибералната држава? Како е тоа можно и дали е сериозно?
Во прилог на тезата служи историското искуство на човештвото кое „учи“ и врши значајни промени само после трагедии и погроми, никогаш како резултат на беневолентни мислења за тоа што би било подобро или поугодно. Човештвото „учи“ како лошите ученици од своити најтешки грешки кои по пат ги повторува. Меѓународното право за правата на човекот станува меѓународно само поради трагедијата и холокаустот во Втората светска војна, не поради тоа што човековите права се важни и биле веќе дел од уставите на некои држави и дека тоа би било генерално подобро за сите во светот! Не поради тоа, туку поради дупката во која човештвото пропадна со злосторството на холокаустот и жртвите на војната.
Човештвото е пред една таква ублажена трагедија, со пандемијата на Короната која не мора да биде толку трагична, но е потресителна и допира до неколку клучни нерви на неолибералната држава и нејзината логика на пазарот, а и до улогата на суверенот-државата и некои нејзини битни биополитички техники и прашања на владеењето преку ставање на фокусот на условите на човековиот живот (Х.Арент), а тоа прави разлика.
Две паралелени тенденции извираат од премислувањата на влијанието на пандемјата врз реорганизација на функциите на државата и нејзините клучни сервиси: една и очигледна е апел кон неа, обрќање на сите нас кон неа повторно и кон никој друг или спорадично и небитно кон другите актери на капитализмот. Државата е таа која треба да се „грижи“ да нè спаси, со која се бориме заедно против вирусот, со која сме во „војна“ против…и сл. Значи тезата ‚‚општество не постои и државата е ноќен чувар е тотално дерегулирана (на Хаек и Тачер на неолибералите) е под критика и негирање – држава постои и игра важна улога далеку посилна под заканите од пандемијата кои се егалитарно хобсовски – секој богат и сиромав е под закана, пазарите се затвараат, нафтата не вреди толку кога потрошувачката паѓа, комуникацијата е редуцирана на минимум…Катастрофалниот апел на неолибералите на пандемијата „Ќе има стратегија на борба против вирусот преку стекнување на имунитет на стадо и ќе има многу мртви и возрасните ќе страдаат навикнете се на тоа“ е скандал и паника на оваа здравствена стратегија. Главните промотори (Трамп и Џонсон) ја откажаа недела дена откако ја закажаа и изговорија.
Втората страна на ова враќање на Левијатанот на суверенитетот и централната (и централизирана) улога на државата е страв на архи-либералите дека вонредната состојба и мерките на рестрикција во неа имаа гадна особина да продолжат (барем некои од нив) и кога состојбата ќе се нормализира. Дека контролата на движењето и контактите на луѓето преку мрежите, апликациите за тоа и телефоните и системите за ликовно-препознавање се застрашувачки продори во приватноста (која практично исчезнува во старата смисла) и можат лесно да бидат злоупотребени и оставени во функција на властите и после укинување на вонредната состојба (се дават примери на Израел, Кина и сл).
Меѓународниот сообраќај на луѓе (помалку стока) ќе дојде на удар на подолг план на регулација, рестрикции и контроли, што со право ги плаши либералите. Нив дополнително ги плаши општата согласност дека тие мерки дале резултат во борба со ширењето на пандемијата и имаат некаква премолчена масовна поддршка и согласност, потврда дека биле „учинковити“ и треба да продолжат да се користат, имено се создава некаква плебисцитарна поддршка на рестрикциите и авторитарните искуства на државата од време на борба со пандемијата, на која властите се потпираат во иднината во зоната на сивото продолжување на некои контролни мерки. Тоа е онаа јака „мисла“ лесно изговарана (а сите под тоа подразбираат нешто различно) дека по пандемијата „ништо нема да биде исто“?!
Да се вратиме на првата надежна тенденција и нејзините можни еманципаторски потенцијали! Онаа која се расправаше накратко низ полемиките со Агамбеновите лапидарни коментари за воведување на вонредната состојба во државите низ контра прашањето: Дали вонредната состојба може да биде хуманистичка, еманципаторска „демократска“ на некој чуден первертен начин?
Кои сè удари врз анархијата на саморегулирачкиот пазар на неолиберализмот и фетишизмот на commodities, добрата кои ги произведува и продава, врз услужните дејности и финанските и пропагандни стратегии и работни места – врз целокупната идеологија и фантазии на општеството-по-вистината – се зададени од колапсот во пандемиската самоизолација и општотo затворање (lockdown)?
Земјите на демократијата масовно мораат да ги затворат своите економии, работни места и да го смрзнат пазарот. Некои од нив јасно одлучуваат да ги плаќаат вработените кои седат дома за да се овозможи успешно пандемиско затварање (lockdown). Принципот на пазарот: луѓето мора да работат за да заработат се заменува со тоа дека луѓето треба, заслужуваат да живеат иако не се во можност да работат. Сиот јавен сектор кој беше прилагоден на неолибералните вредности и динамика, а таа се одвиваше преку фетишизација на пазарот како најдобра алатка за тоа – создаде квази вредности и работни места кои беа инспирирани единствено од правење пари и забрзување на размената, финансиските трансакции (како Дејвид Грабер ги нарече bullshit jobs) – сега во пандемијата се препознаваат како непотребни, излишни, исфрлени од фокус. Кризата на социјалната заштита и здравствениот систем се согледува како трауматична кога е најпотребна, а таа страдаше од „попазарување“ на овие јавни сервиси. Тие се покажуваат како живото-важни и херојски професии, а се платени само за да преживеат. Фудбалерите и филмските ѕвезди се разоткриваат како „забавувачи“ а докторите и медицинските сестри како херои (а се платени неспоредливо различно, имено вториве – хероиве мизерно).
Принципите на кои е водена економијата за размена се покажуваат како животно загрозувачки, погрешни, во криза потенцирана од пандемијата и нејзините социјални последици. Луѓето на кои се апелира на дисциплина и одговорност се покажуваат како дел од решението и не можат веќе да бидат маргинализирани, експлоатирани ограбувани. Треба да бидат вклучени, да партиципираат бидејќи сите плаќаат со своите животи, ни повеќе ни помалку.
Науката и експертските мислења (образованието) стануваат повторно важни. Приказната со пандемјата не може да се решава со полулизам и post-truth фантазии и реторика на која „ѝ се верува“. Животот е несигурен и кршлив за да се ризикува со празна политичка реторика наместо одговорно знаење, експертски препораки и методи на пристап.
Меѓународната солидарност и размена на информации е контратежа на општото затворање на националните држави долж пандемијата. Некаков парадокс се случува, затворањето подразбира целосно затворање на границите и целосно отворање на информатичката мрежа за инфо за лековите, вакцините, опремата, третманите и солидарноста на помош на најзагрозените места и држави.
Секако јасните тенденции државата да има според Фуко (продуктивна) мобилизација на моќ во корист на животот, а не пазарот – зависи од прашањето дали овие промени ќе останат како лузни на неолибералното тело кое ќе се консолидира по пандемијата или ќе извршат потрајна промена, превреднување на некои аспекти на социјалниот живот и улогата на државата – во правец на социјалистички вредности на солидарност. Дали кризата ќе трае доволно долго овие промени да се повнатрешнат да се социјализираат како потребни и самоодржливи? Дали ,тоа е дури поважно, политичките елити ќе бидат доволно умни и храбри да ги поддржат и отелотворат еманципаторските јасни тенденции и социјална сила зад нив во социјалнистичка перспектива или барем социјалистички чекор напред?
Ова е една теза, прашање кое е спротивно на кризолошките, катастрофични предвидувања кои кружат деновиве за посткризата од Чомски понатаму.
За тоа да се стори тенденциите од хоризонтот на ревоспоставување на заедницата треба да се воочат и претворат во политички след на акции со план. След судири со воспоставените институции и средишта на моќ, во што сега на властите би им помогнала вонредната состојба воспоставена заради пандемијата. Во таа смисла ќе издвојам само неколку, според мислење, основни акции кои владите треба да ги преземат (последна е Шпанија): прво и основно редовен приход за сите што остануваат без работа со теза „нивниот живот е вреден“ (не нивните работни места ниту профитот на работодавците). Еднаква и државно контролирана медицинска услуга и сервис за сите погодени од пандемијата и сосредоточување на буџетите првенствено во таа насока (со теза дека нивните животи и здравје се вредни и економијата и финансииите служат тоа да го поткрепат, а не профитите на елитите). Последново создава императив на меѓународна солидарност од страна на државата која е обврзана да испорача ефективна и курентна медицинска услуга и информации за третманите на своите граѓани. Следното и можеби најтешкото за властите е судир со групациите на профитна егоцентрична моќ внатре во земјата, а тоа е имено судир и присилба на социјална одговорност на средиштата на таа моќ – банките! Ова е посебно клучно за нас во Македонија , на пример каде банките сè уште функционираат како цркви/џамии во пустина. Коски и скелети лежат во пустината на пандемијата и заканата за општеството околу нив, а нивниот аргумент за себичноста кон тоа исто општество од кое профитираат е: имале годишни дивиденди да поделат и тоа било важно и одговорно од нив кон акционерите, а каматите на одвај одложените кредити морале да се плаќаат бидејќи имале многу вработени да ги плаќаат?! Какви се овие луѓе бре?
Владата не смее да се покаже слаба кон вакви центри на егоистичка моќ и да ги пушти да пројдат со нивните одвратни себичности. Тоа ке биде погубно по неа и нејзината улога подоцна да менаџира било што, и ке ги востоличи како пиемонти на нејасна недопирлива себична профитерска моќ, во едно општество кое страда. Владата има неколку опции со уредбите со законска сила. Може радикално и без пардон да им одземе на банките (селектирано по нивна моќ и остварен годишен профит) 1/3 тина од годишниот профит со еден потег и тиа пари да ги пренамени во делот на буџетот кој се бори со пандемијата за платати на сите отпуштени или за здравствените работи и сл. Да им наложи (дали преку Народна Банка или преку Уредба со законска сила не е важно, важно е дека може и дека нема да може да се правда ако такви акции не презела од страв од банкарите и корупцијата од нив) – да даваат кредити со минимална камата или без неа, да ги укинат сите, буквално сите медиумски плаќања на граѓаните на ситните банкарски услуги и да овозможат таква банкарска мрежа на активности да отстранат секакви гужви и групирања пред банките и зголемувања на ризикот од зараза. Тоа е важно заради одмерување на моќта на владата да преземе акција на општествена одговорност кон центрите на неодговорна и себична моќ и тоа е стани/падни за неа во овој момент во тој домен на политиката на справување со пандемијата. Тоа е пиемонтот, меѓникот на идните соодноси на одговорната социјална држава и неолибералната моќ на финансискиот капитал овде кај нас (толку и не помалку ниту повеќе).