Можете да формирате какви сакате – и етнички или други здруженија, но никој нема право од позиција на такво здружение да негира, да загрозува права на другите или слично, порачува академикот Камбовски
Академик Владо Камбовски не очекува дека Венецијанската комисија ќе ги оспори измените во законите за здруженија и фондации и за политички партии со кои се забрани здруженија и партии да имаат програма, статут и дејност насочени кон омраза, нетолеранција, фашизам, нацизам итн., како и во нивните називи да користат имиња поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх …
Камбовски не гледа ништо спорно во ваквите законски измени и вели дека формирање такви здруженија и партии не дозволува ниту една демократска држава во светот.
Тоа е пракса која постоела и порано сме испраќале такви закони на преглед.
„По мене тој закон во тој дел на забрана е општа практика насекаде, во сите демократски држави, дури и уставните судии имаат директна надлежност да забранат делување на партија која има програма или дејствува спротивно на вредностите што се прогласени со националниот устав – човекови права, забрана на дискриминација, ширење омраза нетрпеливост и сл. Очекувам дека Венецијанска ќе го потврди тој став, не верувам дека таа ќе рече, да може да формирате здруженија што ќе шират национална омраза или нетрпеливост. Тоа ниедна држава во светот не го дозволува, тоа е спротивно на сите меѓународни стандарди и норми“, рече Камбовски.
Секој може да се бори за одредени свои права, порача тој, но без да ги загрози правата и слободите на другиот.
„Тоа е темелно начело на правото што мора секој национален правен поредок да го заштитува. Можете да формирате какви сакате – и етнички или други здруженија, но никој нема право од позиција на такво здружение да негира, да загрозува права на другите или слично“,
вели академикот.
Да се потсетиме дека ваквите законски измени без ниту еден глас „против“ во Собранието беа изгласани на 2 ноември, а доаѓаат откако во земјава беа отвори бугарски клубови со контроверзни имиња од историјата, поврзани со фашизмот – клубот „Ванчо Михајлов“ отворен на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Бугарија веќе реагираше дека се загрижила оти измените со кои се забрануваат имиња поврзани со фашизам и нацизам во називите на здруженијата и организациите ќе го ограничат правото на здружување на Бугарите во земјава бидејќи обвини дека кај нас може да има еднострано толкување на историските факти и личности.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, пред два дена за време на посетата на Бугарија најави дека ќе предложи Владата да го испрати законот до Венецијанската комисија, за да се утврди дали е спорен или не.
Премиерот Ковачевски, пак, рече дека неговиот став е оти Законот нема преголеми недоречености.
„Сметам дека тој Закон нема некои преголеми недоречености во себе бидејќи алудира само на чувствата на граѓаните во нашата држава кои се однесуваат на користење на имиња од периодот на Втората светска војна дека треба да бидат зачувани при организирањето на какви било клубови, организации или трговски друштва“, изјави неодамна Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, порача дека наместо до Венецијанската комисија, Законот за здруженија треба да почне да се применува што поскоро.
(360 степени)