Изминатите денови во Скопје се одржа неколкудневна конференција во организација на Врховниот суд на РСМ, а поддржана од Советот на Европа и Европската Комисија. Главната тема беше – судењето во разумен рок, интервју на редакцијата на „360 степени“
Поранешниот шпански судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Луис Марија Лопез Гера, советува земјава да инвестира повеќе пари во правосудната администрација, ако се сакаат брзи резултати во однос на должината на судењата. Поранешната судијка во Стразбур, а сега судијка во Врховниот суд на РСМ, Мирјана Лазарова – Трајковска, вели дека земјава бележи напредок на планот за судењето во разумен рок, но и дека состојбата не е задоволителна
360°: Судија Гера, судија Лазарова-Трајковска, ретка е шансата да се разговара со двајца поранешни судии од Судот за човекови права во Стразбур. Ќе бидам директен, ако излеземе сега на улиците на Скопје и ако почнеме да ги прашуваме граѓаните што мислат за брзината на судските постапки, би бил изненаден ако најдеме личност која би била задоволна. Што би се случило ако го направиме истото во Мадрид?
– Па, шпанскиот Устав јасно пропишува дека сите авторитети се обврзани да ја следат Конвенцијата за човекови права и судската пракса на судот во Стразбур. Тоа го подразбира и прашањето на судските одложувања. Факт е дека шпанскиот Устав пропишува фундаментално право на судски постапки без непотребни одложувања. Е сега, во интерпретацијата на овој член, се разбира дека е многу важна праксата на судот во Стразбур. Бидејќи не се само судиите оние што треба да бидат поажурни со судските случаи туку и за законодавецот треба да прави закони кои предвидуваат побрзи постапки. Исто така, треба да се мисли на администрацијата, да се обезбедат средства со кои ќе овозможи судските постапки да не траат предолго. По мое мислење, всушност, може да се каже дека шпанското правосудство е подобрено во однос на примената на судската пракса од Стразбур, но, како и да е, секако не е совршено. Шпанија има изгубено најмалку 16 случаи во контекст на прашањето за судење во разумен рок. Причината е што одредени судии не ја земаат сериозно предвид оваа обврска и понекогаш судските случаи траат 13, 14, 19 години. Тоа е премногу и мислам дека судот во Стразбур го прави најдоброто што може за да превенира вакви работи – вели Луис Марија Лопез Гера, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Дали би рекле дека напредокот во Шпанија беше директна последица, односно последица само на хармонизацијата со судската пракса на судот во Стразбур или мислите и дека и други реформски процеси однатре овозможија должината на судските постапки сега да биде порационална?
– Мислам дека се должи на три фактори. Прво, се разбира, е праксата на Стразбур, бидејќи е срамота за шпанските власти да ги прекршуваат правилата на судот во Стразбур. Срамота е кога се случува тоа. Вториот фактор не е само меѓународниот притисок од судот во Стразбур туку и внатрешниот притисок. Тоа се одразува преку јавното мислење, дека има доцнења во шпанскиот судски систем. Но, тука е и силниот политички притисок. И мислам дека третиот фактор е зголемувањето на капацитетите на правосудната администрација.
Сè на сè, би рекол дека во последниве 10-15 години е направен прогрес, генерално. Не само во Шпанија туку генерално низ европските земји. Морам да кажам дека бев тука во Македонија пред 12 години, на сличен настан. Луѓето што живеат во Македонија можеби не го гледаат тоа, но кога доаѓате однадвор навистина може да се види дека работите се подобруваат“, одговара поранешниот судија Гера.
Дали имате совет за Северна Македонија – ако мора да преземе барем еден чекор, кој треба да биде тој чекор за да стане прифатлива должината на судските постапки?
– Според мене, најважни се условите за правосудната администрација. Материјалните и економските услови. Интересно е да се види колку проценти од буџетот се одделуваат за правосудството споредено со други важни работи како образованието, безбедноста, одбраната итн. Значи, ако морам да дадам совет, мојот совет би бил – зголемување на материјалните и економските услови за правосудната администрација“,
вели Гера.
Судија Лазарова Трајковска прогресот за кој зборува вашиот колега е забележан и од Европската комисија, во последниот извештај. Се забележува забрзување или расчистување на старите случаи пред судовите, дури и оние по стариот закон за кривичната постапка. Но дали сметате, особено поради вашето искуство во Стразбур, дека сме блиску до некој прифатлив стандард на должина на судење?
– Секогаш може подобро. Мислам дека сè уште долго траат постапките пред македонските судови, особено пред управните судови и пред граѓанските судови. Тоа го покажуваат и статистиките пред Врховниот суд во однос на барањата за заштитата на правото за судење во разумен рок. Нашите, како што спомнав статистики пред Врховниот суд, покажуваат дека најголем дел од постапките поврзани со долгото траење се поврзани токму со управните постапки, па овде ќе ги спомнам предметите поврзани со денационализација кои траат неприфатливо долго, 15-16 години. Предметите поврзани со постапки за граѓаните пред Фондот за здравствено осигурување, пред Фондот за пензиско осигурување… и како што можете да видите, во прашање се постапки што се од суштинско значење за животот на граѓаните, а траат неразумно долго. Истото е поврзани и со граѓанските постапки. Недопустливо е постапки за стечај да траат по 16-17 години и да не се завршуваат, да се чека да стигне решението од Врховниот суд со кое се наложува да се заврши постапката во одреден временски период“,
одговори Мирјана Лазарова – Трајковска, поранешна судијка во Стразбур и актуелна врховна судијка.
Од една страна го имаме механизмот каде што оштетената странка се обесштетува со одредена сума доколку е дел од судење чиј разумен рок е надминат. Но тоа се чини како единствена казна во нашиот систем?
– Знаете што, нашиот правен лек покрај исплата на нематеријален надомест, како некаква сатисфакција кон барателот за долго траење, утврдува и можност Врховниот суд да наложи на судот пред кој сè уште трае постапката, во одреден временски период да ја заврши таа постапка. И тоа е механизам по кој Врховниот суд посегнува во предметите за неразумно траење. Од друга страна, предолгото водење на постапките и утврдување вина кај судијата што ја водел постапката претставува основ и за негова одговорност пред Судскиот совет. Што значи дека внатре, самиот закон, разработил механизми, но во суштина, во пракса, судот нема можност да следи дали неговите укажувања до пониските судови се до крај испочитувани. Тоа е една мала фалинка, мал недостаток на законот кој би требало да се измени понатаму. Од друга страна, местото на самиот правен лек, според мене, повеќе личи да е пред Уставниот суд, преку уставна жалба при оценка на правото на правично судење одошто пред Врховниот суд, затоа што честопати Врховниот суд и самиот се доведува да ја оценува должината на траењето на постапката пред него. Ние сме едни од ретките Врховни судови во регионот што го носи на свои плеќи, така да кажам, овој правен лек – вели Лазарова Трајковска.
Деновиве сте на конференција со ваши колеги од регионот, но и од Европа. Што очекувате од конференцијата, пред сè кога зборуваме за судењето во разумен рок, за нашата земја. Како стоиме споредено со регионот и дали можеме нешто да научиме?
– Конференцијата ја организира Врховниот суд во соработка со Советот на Европа и е финансиранa од Европската комисија. И тоа самото по себе зборува дека интересот и на Европската комисија и на Советот на Европа е Македонија да ја види како ги развива правните лекови кои им стојат на услуга на граѓаните и што всушност ќе значат реформа на судството на некој начин однатре. Затоа што, знаете како вели судот во Стразбур, бавната правда е еднаква на неправда. Значи, преку постапките за разумното траење во граѓанско, кривично или во управно како материја, вие како на огледало ја отсликувате состојбата на судскиот систем во една земја – одговори Лазарова – Трајковска.
Само на кратко. Дали некоја од земјите од регионот губи повеќе случаи од нас во Стразбур, кога е во прашање судењето во разумен рок? Дали сме ние најлоши или има и полоши од нас?
– Не сме најлоши затоа што ние имаме ефективен правен лек. Значи, судот во Стразбур, преку одлуката Аџиспирковска против Република Македонија во 2011 година, го прогласи правниот лек пред Врховниот суд за ефективен правен лек. Не сме најлоши во регионот дефинитивно, меѓутоа можеме да бидеме и подобри од ова досега – заклучи врховната судијка Мирјана Лазарова Трајковска.