На самиот крај на март во Брисел би имало самит на Унијата, потсетува деновиве ексамбасадорот Теговски. Вонредните избори во земјава би се одржал на средината на април. Има ли тука некакво тајно оружје во корист за искрената проевропска коалиција во земјава?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Овие денови, додека траеше драмата во органите на Унијата околу (не)започнувањето на преговорите за влез во европската заедница, се потсетив на книгата „Плетени столици“ од чешкиот автор – Доминик Татарка. Во ова дело група студенти кои престојуваат во Париз тешко ги преживуваат деновиве кога Европа ги предава интересите на нивниот народ и дозволува, преку Минхенскиот договор, германските трупи да ја окупираат нивната земја како залог за идната „безбедност“ на континентот, Франција и Британија пред се. Таа нервоза и безнадежност можевме деновиве да ја делиме и ние, особено кога ќе се спомене француската престолнина и бездушноста на континентот кога е во прашање судбината на еден народ. Стрепевме над одлуката во Брисел, додека гледавме дека јавноста во Западна Европа особено не се возбудува над емоциите кои струјат на Балканот.
Добро, споменувањето на Минхенскиот договор не го правам во онаа насока во која неодамна го спомена еден претставник на невладиниот сектор, асоцирајќи дека Преспанскиот договор не мора да е историски, како што не бил и Минхенскиот (!), бидејќи сум убеден дека она што го потпишаа Грција и Македонија во Нивици донесува многувалентна добробит за нас и за регионот и тоа останува (да го споменеме само влезот во НАТО кој ја осигурува нашата безбедност и границите за прв пат после 1991 година), туку затоа што Франција во романот и во актуелното „читање“ на нашата судбина, е врзана за една емотивна испразнетост а Париз ни се претставува само како престолнината на гревот, како што често се нарекуваше и од страна на нашите предци.
По некој случајност во Глобус можете да го читате фељтонот – големо интервју со најпознатиот француски филозоф, марксист инаку, Ален Баџу, кој многу јасно и пред актуелниве ситуации го отсликува портретот на францускиот претседател Макрон, истиот оној кој ни прави, како единствен во Унијата, проблем во нашето и онака споровозно приклучување кон ЕУ. Баџу (http://globusmagazin.mk/%d0%b0%d0%bb%d0%b5%d0%bd-%d0%b1%d0%b0%d1%9f%d1%83-%d0%ba%d0%be%d0%bc%d1%83%d0%bd%d0%b8%d0%b7%d0%bc%d0%be%d1%82-%d0%b3%d0%be-%d1%81%d1%80%d1%83%d1%88%d0%b8-%d0%ba%d0%be%d0%bd%d0%b7%d0%b5%d0%bd%d0%b7-3/) смета вели дека изборот на Макрон, неговата појава во политичкиот живот на Франција е резултат на неможноста на класичниот парламентаризам кај Галите да ги решава проблемите со вообичаено менување на местата во врвот меѓу социјалистите и републиканците, левицата и десницата. Појавата на Ле Пен ја зашеметува нормалноста во Париз. „Ова беше случај и со победата на ’Брегзит’ во Англија, но исто така тоа е случај и со сегашната криза на демохристијанската моќ во Германија. Имаме патолошка состојба на работите. Потеклото на оваа криза на парламентарниот систем е, според мене, во следната тензија: политичката моќ е национална, додека економската моќ е глобална. Политичката моќ има потешкотии да се прилагоди на глобалната хегемонија на капитализмот и ова доведе до кризи, кои, генерално, имаат идентитетски аспект. Тие ги зајакнуваат партиите кои својата моќ ја имаат во борбата за национален идентитет. Насекаде Трамп е еден пример, задно со Орбан, Ле Пен, десничарската фракција на Конзервативната партија која веќе доминира во Англија, итн. Зборувам за кризата затоа што тоа е ситуација која го ослабува воспоставениот мир … се заканува на мирниот соживот меѓу десната и левата страна, тензиите се поживи и така натаму. Во Франција, кризата се стекна со специфичен облик, што се одрази на фактот дека и левата и десната страна се распаднаа. Социјалистичката партија беше уништена, но и републиканците. Значи, мораше да се создаде нешто ново за да ги задржи односите во врска со моќта… Франција веќе искуси слични ситуации во својата традиција. Оваа го имаше со Наполеон III во деветнаесеттиот век, но исто така беше и со Шарл Де Гол во 1958 година. Во Макрон, според тоа, јас препознавам еден мал Де Гол, односно еден мал Наполеон III. Ова не значи дека левицата и десницата ги нема, нивните партии сè уште се таму, но тие се премногу слаби, така што системот – за да остане релативно стабилен – избра една силна личност да ја создаде својата партија. Истото го сторија и Наполеон III и Де Гол. Голистичката партија не постоеше пред Де Гол. Затоа, првото нешто што инсистираше на Макрон кога медиумите го поставија во првите редови беше дека тој е и лево и десно. Задачата на ваквите личности е да ја прилагодат националната политика кон светската состојба, т.е. да сторат сé што е потребно за да се одржи политиката на Франција во согласност со современиот светски капитализам“.
Значи , Макрон и е нужен на Франција и оние моќници кои решението го најдоа во овој нов политичар, иако тие не се многу среќни со изборот, бидејќи Ле Пен му дише во вратот. Но, не можат да си дозволат тој да губи, веќе својата длабост ја покажа на изборите за европскиот парламент во мај, кога исто така добивме црвен картон од Унијата, за сега да дозволат гласовите на националистите целосно да се прелеат кон Ле Пен! И ние секако сме без многу емоции кај француските моќници исчкртани од агендата за почнување на преговори. Со или без Албанија, со оваа или онаа причина, некоја приказна веќе ќе се најде…
И германскиот коментатор Берн Ригерт повторува дека ова не е „не“ на Македонија и Албанија, туку дека може да се смета за „не“ на претпристапниот процес!
„Неразбирливото вето на Макрон ја турна ЕУ во двојна криза на веродостојност, не само на Балканот туку и во Брисел. Колку вредат ветувањата на ЕУ ако по сите спроведени реформи и сите напори на кандидатите тие на крајот да не бидат исполнети? Зошто стручњаците од Европската комисија, која не е некритична, со години ги проверуваат кандидатите ако на крајот е доволно НЕ од Париз за бројните резултати од проверките да ги направи безвредни?“ – размислува критички Ригерт.
Не многу јасно видливиот дуел меѓу Германија и Франција околу Балканот е појасен ако се поогледнат реакциите на новата претседателка на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, која се сликаше со Заев и јасно го спомена зборот срам околу неправдата која и се нанесува на Македонија. Таа е свесна дека Макроновото „Не“ околу двете кандидатки за преговори веројатно значи подолготрајни проблеми со францускиот отпор. Тука се наѕира и лутината која Макрон ја вади на свтлината на денот откако не помина неговата кандидатка за позиција во Европската комисија. Всушност, во Брисел се коментира – Макрон е лут на Брисел. Не помогна ни уверувањето на сојузната канцеларка Ангела Меркел која и самата е за проширување на ЕУ.
На Макрон му е важно нешто сосема друго, смета Ригерт, да се вратиме одново на него. Веродостојноста на ЕУ и последиците во балканските земји, имено фрустрацијата и падот на подготвеноста за реформи, на францускиот претседател очигледно не му се толку важни како внатрешно-политичките аргументи кои не ги изнесува. Отпорот кон доселениците кај Французите се рефлектира и во отпорот кон приемот на нови членки кои би имале полесни критериуми за да се „вкотват“ во нивната земја, сметаат тие, ако влезат во Унијата. Без оглед ашто се работи за долг пат до тој момент на самиот прием на некоја нова членка и што Европа тогаш може да има нов поглед кон движењето на населението од Европа. А дел од Французите – по чии гласови пека и Макрон, како и Ле Пенова, едноставно имаат аверзија кон Балканот, сметајќи ги нив за дел од „другите“
Многумина деновиве и на програмите на македонските телевизии посебно го критикуваа аргументот на Макрон дека Албанија не може да започне преговори, бидејќи, многу Албанци бараат азил во Франција, прогласувајќи го за „шуплив“. Имено, се вели дека во Франција во 2018 азил добиле точно 74 Албанци. Останатите осум илјади во секој случај се економски мигранти и можат да бидат вратени назад. Но, Макрон создаде слика која е наменета за неговите земјаци: еве како ве бранам од напливот на луѓето кои се и онака „страни“ на француската култура, што може да се види од контекстот на говорот на првиот човек на власта во Париз.
Во овој контекст треба да се спомене изјавата на Александар Сорос кој рече дека постојат прикриени предрасуди и нетрпеливост кон етничките Албанци во Западна Европа, што не може да се потцени при одбивањето на Албанија и Северна Македонија од Советот. Изјавата на Александар Сорос, син на познатиот филантроп, основач на Фондацијата отворено општество Џорџ Сорос, дојде токму по негативната одлука на Европскиот совет за отпочнување преговори на двете земји со Европската Унија. Тој на неговиот статус ја постави и реакцијата на комесарот Јоханес Хан кој пишува: „И само да биде јасно: Одговорноста за овој неуспех не е на две земји, многумина со право се надеваа на позитивна одлука. ЕУ е таа која потфрли поради внатрешните проблеми. Ова го поткопува кредибилитетот на ЕУ“.
Реакцијата на младиот Сорос, кој не ретко ја посетува Албанија и постира фотографии со премиерот Еди Рама, ја пренесува тиранската телевизија „Топ канал“, додавајќи дека колебливоста на Европската унија да започне разговори за членство со Албанија и Северна Македонија била критикувана од многу истакнати европски личности.
Во Унијата нешто треба да се случи во декември. За тоа сега во Брисел не се говори, но закажани избори кај нас во средината на април, пред Велигден и стартот на Рамазанскиот пост, би можеле да изнедрат некаква ненадејна награда за Заев? Можеби тука и лежи сметката на актуелната вкласт во однос на новите и брзи избори и новопојавената колебливост кај ВМРО во однос на терминот на изборите?! Да потсетиме, премиерот Заев дури предложи избори во декември, но ВМРО ДПМНЕ, како што претходно беше предвидено, започна со својата превртливост, па побара повеќе време за да имал време за подготовки…