ЉУБОМИР ФРЧКОСКИ
Дури МАНУ и да има поинаква идеолошка идентитетско- јазична позиција по македонското прашање и да сака да ја спротивстави на онаа владеечката – тоа би било во ред и би било возбудливо. Проблем е што МАНУ нема позиција!
Кога телото ви страда, кога се свивате и во кошмарите превреднувате ствари, кога ве дрма депресија и кога на крајот од тој тунел ќе ги дослушате од некаде, со полуглас , како цвркот лажа/паралажа Докторите на Молиер од МАНУ – тоа Ве тера да се насмеете колку и да Ви е тешко, Ви се чини всушност како знак дека силата не ве напуштила конечно, дека не сте го преминале рубиконот, дека заздравувате или што и да е?
Она човече од ГП-5 мрежата како Претседател на МАНУ вели дека ќе организирале дебата за научна преоцена на Преспанскиот Договор (веројатно и оној со Бугарија ) како фактори за дестабилизација на регионот, како лоши договори кои ја понижиле Македонија и македонскиот народ и на кои сега (тука е поентата бидејќи МАНУ не би бил тоа ако не побара непристрасна научна расправа) со аргументи треба да се докаже изречената фатва врз договорите?
МАНУ е непоправлив, тој е монументална ирелевантност . Ми ја крена сатурацијата на 97. Дензел Вашингтон во „Порамнувач“ го прашува лошиот лик пред да го повреди: има болка која само боли и болка која менува! Која ќе ја одбереш? МАНУ е болка која само боли и тоа е тоа !
Неверојатна е неспособноста на МАНУ да ја оцени и да најде свое место во либералната демократија и нејзините вредности во македонснкиот современ контекст во кој постои и во кој се финансира од буџетски пари на крајот на краиштата. Ќорсокаците на национализмот и скаменетиот идентитет можат да бидат личен избор на некои ликови таму, некои „визоготи во твид“ но со наши пари тоа е луксуз кој не мора да го поднесуваме кога се работи за политика на културна институција. Не мора да ја поднесуваме нејзината бесчуствителност и незнаење за дискримнацијата во образованието и родовата дискриминација низ учебниците на Универзитетите која е едноставно скандалозна и која МАНУ и УКИМ се обидува, замислете, да ја припокријат со слобода и автономија на расистите професори да напишат штогоде? Со лесна рака пишуваат патетични „македонски манифести“ со попови сметајќи дека се тоа, замислете, лични ставови и дека принципот на секуларност не го опфака МАНУ бидејќи не била владина институција? Па није ваљда? А што е буџетска институција и прима пари од даноци на сите граѓани од државата независно од религиската припадност, тоа не е важно?
Но да се вратиме на темата каде МАНУ би требала да биде најсилна, да држи вода цврсто, а тоа е македонскиот идентитет и јазик.
МАНУ „се разбудила“ велат, но во погрешен филм и во погрешна кино сала. МАНУ ја игра не евтината туку најевтината популистичка карта во моментов – сентиментот на повредениот народ кој нема глас да го артикулира „бесчестието“ кое наводно со неговата идентитеска гордост си игра „ташак“ и го черечи владеечката гарнитура. Без артикулирана опозиција која не знае кај тера, МАНУ смета дека неговиот политички па и партиски момент е дојден да ја го преземе балансот на и кон власта и со „научни аргументи“ да ја натегне десната позиција на националистичко буре македонска жолта.
Сега малку за смоквиниот лист на оваа националистичка дама, што се тоа „научни аргументи“ во меѓународното право и меѓународното договорно право.
Во меѓународното договорно право нема научни аргументи какви МАНУ сака да најде за да ја скрие идеолошката осуда на Преспанскиот договор што му е единствена цел. Имено во меѓународното договарање важат рамките на обврзното меѓународно право (Јус Когенс) кои не можат да се прекршат бидејќи договорот станува ништовен. Се друго е поставено во рамките на диспозитивното меѓународно право и стандардите за пишување: структура, имплементација, толкување на договорите (ставање резерви и сл.) кои се предвидени во номотехниката и одредбите на Конвенцијата за договорното право. Суштината на диспозицијата на странките е да ги уредат односите како им одговара. Тоа, главно, значи согласно компромис направен од позиции на нивните почетни национални интереси. Овие се водат пак од безбедносните, признавачко-идентитетските и развојни опции кои можат да се добијат и осигураат преку конкретните договори. Основен принцип при склучувањето на договорот е слободно изразената волја на страните. Такви имале и Македонија и Грција при склучување на Договорот од Преспа и во однос на нивната реализација низ постигнатиот компромис се цени и оценува успешноста на меѓусебниот договор (друга наука тука нема).
Значи МАНУ сака, но не сака тоа да го каже отворено – повикувајќи се на наводни „научни“ да црпне од национално-интересните погледи и опции каде МАНУ идеолошки смета дека се разликува од позицијата на владеечката гарнитура денес во Македонија.
Но што е проблемот во сево ова, драги мои ! Дури МАНУ и да има поинаква идеолошка идентитетско- јазична позиција по македонското прашање и да сака да ја спротивстави на онаа владеечката – тоа би било во ред и би било возбудливо. Проблем е што МАНУ нема позиција! Нема концепт ниту поим за што сака да зборува! За кој идентитет, како се формулира тој? За кој историски од на тој идентитет и каде завршува тој? Кои се неговите перспективи и како се трансформира и конструира, модернизира и сл! МАНУ сака нешто да заштити, ставајќи се на фронтот на слепците, и не сум сигурен дека го има и тоа едно око на илјада борци.
МАНУ има едно паланечко, повеќе интуитивно, мрзливо и втренчено чувство дека за тоа што сака да зборува – не смее да се зборува? Дека тоа е нешто „свето“ кое само нас ни го одречуваат, а власта не го брани доволно! Дека поради тоа и такво предизвикување ние треба да се закопаме во минатите митови за нашиот идентитет. МАНУ е досадна во таа смисла, смртно досадна и ирелевантна кога покажува колку е слаба со своето незнаење и немање концепт како да го води внатрешнот дијалог и монолозите за идентитетските премрежија на Македонците.
МАНУ нуди идеолошка осуда на договорот од Преспа од националистички позиции со злоупотреба на т.н.научни аргументи за расправа на тотално борнирани позиции за тоа што е и како е конструиран нашиот национален идентитет и како тој ќе се развива. Ако можам да претпоставам од серијата изјави дебати, округли маси сиве овие години за и околу македонскиот идентитет (за кој не се зборува ) МАНУ е заробена од неколку премиси за и околу него:
– премиса на нација жртва која не може да биде сторител на расизам или повреда кон друг бидејки била жртва на која сега се и е дозволено и која има право на протегање неограничено без преиспитување на тоа која е и што е (произволен идентитетски хоризонт);
– замисла за идентитетот како „торта“ на спратови и со слоеви пандишпан и крем или како мермерни коцки наслагани една на друга (т.н. вгнезден идентитет) каде цврсто едни од други произлегуваат и се држат во врска на значења;
– времето стои за овие идентитети, замрзнато е и се е претворено во симбол на истиот, секоја победа и пораз од минатото (Илинденизирање на сегашноста, АСНОМизирање на сегашноста, расколот и убиствата на ВМРО, поделбата на територијата,страдањето на населението и сл, а најчесто кај нациите жртви поразите ја хармонизираат нацијата);
– Дискурсот на конструкција, самоконструкција и развој на идентитетот вака замислен е исфрлена како опција. Нема разговор, нема развој само дефанзива и одбрана со празни флоскули (затоа „научната дебата“ во МАНУ од овие позиции е абсурдна).
Од тие позиции заклучокот на МАНУ во идната дебата можеме лесно да го антиципираме: со Преспанскиот договор е прекршено меѓународното право со тоа што е натерана една од страните да го смени името и со тоа договорот вградил насилие и не-право во регионалните договори како елемент на трајна дестабилизација во регионот.
Што МАНУ треба да стори, освен секако да не се глупира со нешто за што не е способна, е да организира како научна расправа или долгогодишен проект (сега шпекулираме знаејки дека се неспособни за тоа): Треба да смогне храброст и пред се знаење да ја отвори дебатата од другата страна на тунелот на идентитетот!
Треба да ја позајми како рамковна, концепциска основа инаку генијалната идеја на Бранко Тричковски за шема на елипсирање на идентитетот, шема на идентитески развој во вителни циклуси кои завршуваат работа и се ослободува од нив, елипси на динамично впивање/ослободување на идентитетските значења од циклусите на идентитетски евенти-симболи-значења. Кај Македонците тоа се три симболични циклуса: Илинденскиот, Асномскиот и модерниот. Концептот се потпира на избегнување на мермерните вгнездени идентитети на нацијата напластени едни врз други во смртоносен статус-кво на споменичарство кое дави и умртвува секој развиток и кој концепт конечно го загрозува идентитетот недозволувајќи му развиток и виталност. Наместо тоа концептот на идентитетски вители, спирали на самосвест и самоконструција на идентиетот на Македонците функционираат на начин што едновремено ги впиваат значењата и конститутивните потези на циклусите секој за себе во формирање на тој идентитет, но истовремено ослободувајќи се од тврдото, митолошко и оловно преувеличување и стегање на идентитетските значења кои секој циклус ги носи (најчесто недовршени и довршувани со фантазмите на националистичката свест). Во таа смисла патот на идентитетот во самоконструкција е преку деконструција на елиптичните, магматични идентитетски циклуси кои едновремено се впиваат и се напуштаат (нивните тоталитарни значења „ослободување-од- Македонија“ со зборовите на Б.Тричковски) е надежна концепција како основа на нашата интерна дебата.
Второ, тој и таков рамковен концепт треба да се исполни со поинаква содржина и разбирање на идентитетот на секој колектив па и на македонскиот (за тоа постои судир односно неразбирање за што всушност разговараме, за кој и каков идентитет и кои се неговите структурни белези?).
Модерниот македонски идентитет е конструкција која се менува врз историските мемента и значења на кои е поставен и низ вителите низ кои е воздигнат. Ние не сме селф-мејд атоми на либералната фантазија, но не сме ниту заробеници на една верзија на националната и етничка заедница. Како што заедницата станува полиберална така нејзините членови сакаат да ги делат основните вредности и со другите либерални култури излегувајки од прангите на дефанзивниот „наш живот“. Членовите на либералните култури држат до припадноста на сопствената култура. Држат до нејзиниот посебен карактер независно од модернизацијата засебноста на институциите и јазикот опстојува и се развива. Луѓето мора да можат да одлучуваат што е најдобро за нивната култура и да интегрираат делови од други култури во својата – да ја одржуваат виталната интристичка хибридност и историска меѓузависност на традициите и нивните имагинариуми .Само тој и таков идентитет е витален и жив. Ричард Рорти тоа го нарекува конверзациска сооченост на идентитетите и културите во онтологија на анти-фундаментализам.
Идентитетот живее и расте низ културната продукција. Да се сочува идентитетот не значи да се земе една негова верзија и да се петрифицира, мумифицира, замрзне во замислена чистота на битот! Нас ни е потребна културна продукција која го опфаќа и промислувањето на идентитетот а која е заснована на релевантно знаење. Нас ни е потребна жива мисла како чувствителна површина, изгребана кожа, мрачен набор кој пулсира и живее. Тоа создава контекст во кој ние Македонците/ките ги правиме и разбираме нашите избори и во кои тие имаат смисла. Само луѓе со зачувани, богати културни структури можат да станат свесни за опциите што им се разумно пристапни и да ја истажат нивната вредност.
Тоа е фазата на модерната елипса на македонскиот идентитет која треба да ја освоиме и потоа напуштиме повторно!