БОШКО НАЦЕВСКИ
Антимакедонска глутница од галеријата, држеа плакат на кој беше напишано “Македонија е Бугарија”, и притоа испраќаа дрски пораки со неискриен милитантен порив, на прекуграничната адреса, до нивните браќа по род, крв и ген во Македонија. Тоа би бил крунскиот показ за тоа колку се сака или колку се мрази сопствениот корен. Колку се услишуваат, помнат и почитуваат заветите и аманетите на претците
Точно пред 95 години, се би се рекло, пред еден век, од вкупнионт состав на бугарскиот парламент, 70 пратеници биле Македонци, доселеници, бежанци од своите огништа од македонските земји во Бугарија, или нивни потомци. Токму така, со цело име и презиме се декларирале и под тој ноторен факт, своерачно се потпишувале.
Така забележал новинарот Ѓорѓи Трајчев, по потекло од Прилеп, извонреден хроничар, новинар, публицист и уредник на два софиски весника. Во истото време, како што вели Трајчев, осум министри во тогашната бугарска влада биле нашинци. Дипломатите, професорите, ректорите, генералите, банкарите, лекарите, во оваа пригода да не ги спомнуваме.
Баш би сакал да знам колкумина од сегашните бугарски пратеници се од македонска гора лист. Македонци по род, потомци на милионот емигрирани во границите на источниот сосед. Се дел од сегашната одлучувачка собраниска машинерија. Од играчите на постојниот состав на тимот народни избраници, арбитри во бугарскиот законодавен дом.
И дали некој од нив беше меѓу грлатите кои во собраниската сала хулигански не сатанизираа. Присуствуваше ли со онеменост на триумфот на глупоста и иронијата, во мигот кога се одлучуваше за симнување на ступидното вето за влез на Македонија, земјата на нивното потекло, меѓу хегемоните од ЕУ. Кога националистички набилданите јастреби не негираа, не присвојуваа… И дали некои од нив, во своите дланки исто како и оние типови од здивемата антимакедонска глутница од галеријата, држеа плакат на кој беше напишано “Македонија е Бугарија”, и притоа испраќаа дрски пораки со неискриен милитантен порив, на прекуграничната адреса, до нивните браќа по род, крв и ген во Македонија. Тоа би бил крунскиот показ за тоа колку се сака или колку се мрази сопствениот корен. Колку се услишуваат, помнат и почитуваат заветите и аманетите на претците. За непрегорот со кој треба да се сака, каде и да сме, родната стреа, прадедовското огниште, мајката земја, која од своите пазуви не изнедрила. А да не забораваме, во Бугарија не има барем милион. Направете ја споредбата со маргиналната бројка од 3.000 Бугари, кои според инсистирањата, или поточно уценувањата на официјална Софија, треба да ги ставиме во стаклено ѕвоно, како уникатен артикл во македонскиот демографски мозаик, а во исто време и како услов за пречекорување на прагот од влезната врата во куќата на европското семејство.
Колку за потсет, Димитар Благоев, култниот трибун и лидер на социјалистите,
од Загоричане, Костурско, во 1917 година, во бугарскиот парламент, во својство на пратеник на националистички и антимакедонски настроените пратеници, им ја фрли ракавицата на предизвикот. Во жесток патриотски говор, давајќи им притоа, до знаење, без влакно на јазикот, со аргументите на вистината, дека Македонија не е Бугарија и дека официјална Софија нема право да се меша во македонските работи. Појаснувајќи им притоа дека тој не е Бугарин од Македонија, како што тие милуваат да го восприемаат и да го ословуваат, туку е Македонец од Македонија, заштитник на македонските национални интереси. Некогашна Горна Џумаја, по Втората светска војна, во времето на претседателствувањето на Георги Димитров, Македонец по род, го доби името Благоевград, посветен на херојот, родољубот и трибунот Димитар Благоев. Комплетниот текст од неговиот настап е содржан во осумнаесетиот том од неговите избрани дела. Но при нивното препечатување во времето на живковизмот, овој дел од говорот на Благоев, е исфрлен.