АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Рака под рака со брзата мисла на Пендаровски оди и неговата втора важна духовна особина – смислата за ризик. Таа особина е тесно поврзана со првата. Во некоја мера, потекнува од неа. Само од себе се разбира дека има нешто хазардерско, коцкарско во секоја брза мисла. Па така и во мислата на пртседателскиот кандидат Стево. По ист начин само од себе се разбира дека секоја брза мисла мора да има некој што ќе бдее над неа
Ги пишувам овие редови пред да го објави, коалицијата на Заев, својот консензуален кандидат за претседател на државата РСМ на претстојните избори. Сакам да допрат до јавноста без можноста да извршат некое, макар и најмало, влијание врз изборот на Заев и Ахмети. Ќе укажам тука на две причини зошто го правам тоа. Или, уште подобро, на две темелни духовни особини без кои не може да се замисли човек што се нафаќа да води држава.
Не можам да речам дека јас добро го познавам универзитскиот професор Стево Пендаровски. Иако сум имал и некои можности да го запознам подобро. Доволен беше, меѓутоа, еден краток, tête-à-tête разговор во четири очи со него (до кој дојде минатата година во „Холидеј-ин“), за да го видам „однатре“, таков каков што е. Убеден сум дека и – тој мене. Токму затоа беше, во тој разговор, толку отворен кон мене и со мене, небаре се знаеме од мали нозе.
Како, „однатре“, изгледа тој човек? Не поинаку или барем не многу поинаку од оној кој го гледате – „однадвор.“ Спастрен, дотеран, умерен и одмерен, иако мошне брз на јазик. Како оние луѓе кои повеќе ви се “истураат“ отколку што ви кажуват кога ви зборуваат? Не! Ни најмалу! Вистина е дека неговиот збор трча пред неговата мисла. Ама, не помала вистина е дека таа мисла е побрза од неговиот збор. Дури побрза и од онаа на екс-претседателот Б. Црвенковски, чиј советник беше едно време. Ако и не е, мислата на претседателскиот кандидат Пендаровски има нијанса што ја нема(ше) брзата мисла на екс-пртседателот Црвенковски. Во што се состои таа нијанса?
Брзата и прониклива мисла на екс-претседателот Црвенковски влечеше со себеси (и зад себеси!) една верна сенка каква што е – претпазливоста. Таа беше нејзиниот невидлив советник. Тој советник будно внимаваше до каде и колку треба да оди неговата мисла. Дали да биде отворена, полутворена или дискретно отворена, на пример? Ама, како што и бидува обично во животот, добриот слуга-претпазливост, како и секој добар слуга, силно копнееше да стане господар на својот господар. Така и дојде до тоа претпазливоста на Црвенковски да стане повидлива за јавноста од неговата брза мисла.
Рака под рака со брзата мисла на Пендаровски оди и неговата втора важна духовна особина – смислата за ризик. Таа особина е тесно поврзана со првата. Во некоја мера, потекнува од неа. Само од себе се разбира дека има нешто хазардерско, коцкарско во секоја брза мисла. Па така и во мислата на пртседателскиот кандидат Стево. По ист начин само од себе се разбира дека секоја брза мисла мора да има некој што ќе бдее над неа, кој ќе ја „контролира“ нејзината брзина. Во зависност од тоа „со кого има работа“ како претседател на држава. Има ли таков „некој“ ако, веќе, реков дека мојот фаворит Пендаровски е човек со брза мисла која се разликува од онаа на експретседателот Црвенковски по тоа што има, како верна сенка, една претпазливот со – нијанса?
Улога на “некој“ што бдее над таа смисла за ризик, што ја контролира и дотерува во зависност од тоа “со кого има работа“ спроти себеси, кој му става узда на пргаво, лудо ждребе со зоврина крв какво што е секоја смисла за ризик е – никој друг туку брзата мисла на пртседателскиот кандидат Пендаровски. Тоа, во крајна анализа, значи дека брзата мисла на кандидатот Пендаровски знае добро да се контролира себеси. Дека располага со вграден систем за контрола кој не го гледате како онаа верна сенка-претпазливот на Црвенковски.
Сето тоа, во – комбинација со некој студен спокој на неговото кротко лице, осенчено со блага меланхолија, лице на кое не мрда ниеден мускул (или, ако мрда, тогаш го прави тоа со отмена дискреција) додека зборувате со него, а врз основа на што вие проценувате колку е отворено и искрено тоа што ви го велат толку искрено и отворено неговата брза мисла и смисла за ризик, токму тоа, токму тие се оние тивки „зографи од Гари“ (Конески) кои, се осмелувам да кажам, ја обликуваат јасната и силна препорака за универзитетскиот професор Стево Пендаровски како добар кандидат за иден претседател на РСМ.
Јас сум длабоко убеден дека тие две (ретки) духовни особини без кои, како што веќе реков, не може да се замисли некој човек на толку висока државна функција, добро ги виделе и увиделе предлагачите Заев и Ахмети кои денес треба да го соопштат својот консензуален избор. Најпосле, тој човек доби дури 100 000 гласа повеќе од СДСМ на пртходните пртседателски (и парламентарни!) избори, работа која не може да се игнорира. Уште помалку да се – заборави.