Директорката на УЈП смета дека проектот Мој ДДВ прави само трошоци и смета дека треба да се укине а нејзината шефица вели дека „нешто потслушнала“ за тоа

Ќе се укине ли популарниот мој ДДВ.Одлука за укинување немаме но ни „јаде“ по 14,5 милиони евра квартално,вели директорката на УЈП Петрова. Иако во моментов не се разговара за укинување на популарната мерка „Мој ДДВ“, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), предупредува дека проектот е скап за буџетот, а не ја исполнил својата основна цел – сузбивање на сивата економија.
Во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Петрова ги изнесе бројките кои покажуваат колку државата ја чини повратот на данок кон граѓаните.
Според податоците за 2025 година, трошоците се сериозни:
Квартален трошок – околу 14,5 милиони евра се исплаќаат на секои три месеци.
Број на корисници: Во просек, околу 502.000 граѓани скенираат сметки.
Удел во буџетот: За оваа мерка се одвојуваат околу 4% од вкупната годишна наплата на ДДВ, што е еквивалентно на половина од целиот месечен приход од ДДВ што го собира државата.
Петрова потсети дека главната цел на мерката, воведена во 2019 година, беше секој граѓанин да се стави во улога на „даночен инспектор“ и преку барање фискални сметки да се намали сивата економија. Сепак, нејзината оценка е дека тоа не се случило.
„Состојбите кои што ги гледаме на терен и внатрешните податоци, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект“, децидна е Петрова.
Ќе се укинува ли тој модел? Иако во јавните медиуми излегоа некои тврдења дека нема повеќе скенирања на сметките, Петрова го менува мислењето во од и умирува – „и покрај слабите резултати во борбата против сивата економија и високата цена, директорката смирува дека нема одлука за запирање на исплатите. Не можам да кажам дека постои некаква таква одлука или намера. Меѓутоа, кога се трошат јавни средства, мора да се разговара за ефикасноста“, заклучи таа.
Значи за исплатата на „Мој ДДВ“ сè останува како досега, а конечните листи за исплата на солидарниот данок се направени и таа ќе почне во март годинава, информираше министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
– И за исплатата на солидарниот данок направени се конечните листи, повеќето од компаниите се согласија враќањето на солидарниот данок да биде на две рати, март 2026 година и март 2027 година. Обрасците се подготвени, УЈП сето тоа треба да го објави на својата веб-страница во најкраток рок, така што очекувам за приближно два месеца, во март, компаниите да ја добијат првата половина од износот на солидарниот данок – рече Димитриеска-Кочоска на новинарско прашање.
По изјавата на директорката на УЈП дека „Мој ДДВ“ не го дава посакуваниот ефект, Димитриеска-Кочоска рече дека не се размислува за такво нешто и оти сè останува како досега.
– Не, апсолутно. Јас вчера нешто потслушнав на крајот на денот, бидејќи цел ден бевме оптоварени со ова (со солидарниот данок), што сметам дека е еден од најголемите предизвици на државата и немав можност да ја слушнам директорката. До овој момент нема некаков извештај или информација до Министерството ниту, пак, сме разговарале воопшто дека ќе го менуваме законот или воопшто ќе дискутираме за „Мој ДДВ“, така што не можам да кажам дека ќе има какви било промени, туку, напротив, сè останува како што беше досега – рече Димитриеска-Кочоска.
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во емисијата Бизнис21 на ТВ21 истакна дека проектот МојДДВ е добар.
Како што вели, со тоа дел од средствата се враќаат кај граѓаните
„На тој начин се испраќа добра порака кон луѓето кои плаќаат данок. Вториот сегмент претставува сегментот на контрола во даночниот сфера меѓутоа за да се почувствуваат сите позитивни ефекти од аспект на можностите кои што ги нуди ваквиот проект во поглед на контролата и издавањето на фискални сметки неопходно е целосна дигитализација на работењето на УЈП, но поврзано и со другите институции.“, вели Миноски.




