Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, десна рака на вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и одговорен за нашето црковно досие, во прво интервју за македонски медиум, ја пренесува перспективата на Вселенската патријаршија од каде што МПЦ-ОА очекува томос за автокефалност и прифаќање од севкупната православна екумена. Според Вселенската патријаршија, Охридска архиепископија е жртва на поголема игра на Русија за која валканата работа ја одработува Православната црква на Србија – објавува „360 степени“
„И тука Русите, растревожени да не ја изгубат и оваа земја – затоа што, за жал, тоа е целта, наметнувањето на Русија на оваа земја – ги натераа Србите, брзо-брзо, брзо-брзо, да го дадат тој псевдотомос“, вели г. Кирил во интервјуто за „360 степени“
На прашањето на 360 степени“: има ли Православната црква денес официјален став за прашањето за автокефалност? Што велат каноните и традицијата?, соговорникот Г. Кирил изјави дека „Треба на почетокот да кажеме дека ќе водиме искрена и чесна дискусија, без да криеме работи и без да кажеме работи што се неточни. Од четвртиот Вселенски собор имаме веќе одредено дека првопрестолна патријаршија е Рим, постариот Рим. И со оглед на тоа што се прави пренесување на главниот град на империјата, новиот Рим, Константинопол, ги има точно сите, ама баш сите привилегии и предности што ги има патријархот на Рим. Нему, (на Константинополскиот), Четвртиот вселенски собор со каноните му ја дава привилегијата, му ја дава можноста, му ја дава, во наводници да кажеме, „власта“ да применува некои работи, како, на пример, темата на првиот. Тоа е една многу голема тема што не ја разбираме лесно, но и во последно време, можеби затоа што на некои така им одговара, ја имаме ставено во контекст на историската привилегија – дека историска привилегија е константинополскиот да биде прв, всушност, вселенски патријарх. Потребата од првиот е суштинска, и е чисто духовна, догматска, литургиска и секако, ги има и следните импликации: освен да претстои, првиот има право да свикува сеправославни, да свикува големи и врховни собори, да свикува, да речеме, собор на претстојатели – првиот го има ова право. Има право на таканареченото еклитон (апелација), да разгледува предмети во разни цркви, коишто доаѓаат во ќор-сокак. И настапува патријархот со Патријаршискиот синод на Вселенската патријаршија, за да го испитаат тоа прашање, и во рамките на свештените канони и на каноничноста на Црквата, го даваат токму решението кога некоја помесна Црква ќе стаса во ќор-сокак. Впрочем, тоа се случи и овде. Архијереите на оваа земја, откако дојдоа во ќор-сокак кога Србија не ги признаваше, кога ги екскомуницираше, кога ги затвораше, кога… кога… кога…, што направија? Знаејќи многу добро дека вселенскиот патријарх го има правото, упатија еклитон до вселенскиот патријарх и го замолија и му рекоа: „Помогнете ни и дајте ни го решението преку каноничноста и правдата што произлегуваат од Црквата“. Значи, покрај сѐ друго, Вселенската патријаршија и вселенскиот патријарх го имаат и правото за автокефалија. Сите цркви, сите цркви до денес, кои се создадени по древните, историски патријаршии – петте патријаршии: Рим, Константинопол, Александрија, Антиохија, Ерусалим – сите останати добија автокефалност и патријаршиско достоинство од Константинопол. Вселенската патријаршија и вселенскиот патријарх беше тој кој даде автокефалија.“
Во тој контекст соговорникот давањето на автокефалија на СПЦ на МПЦ тој ја нарече „провокација, тоа е, дозволете да се изразам така, срам за Црквата. Додека сите стари патријаршии и стари автокефални Цркви и поновите никогаш не направиле такво нешто, сега дојде една од новите патријаршии, веројатно најмалиот според редот на патријарсите, Порфириј, српскиот, и го направи овој голем престап, да даде автокефалност. Кому? На една црква која, за жал, над 50-60 години ја држеа во изолација, ја мачеа, ја обвинуваа, ја клеветеа, ја озборуваа со најлоши зборови, основаа друга црква во рамките на оваа црква, за да можат да ги контролираат состојбите и сл. И кога видоа дека работите почнуваат да земаат еден друг замав, – со ставот на Руската црква, за жал, Србите се приклучија кон Руската црква, станаа орган на Руската црква и по налог на Руската црква – го направија овој голем престап: да ја дадат таа лажна хартија – та тоа нема суштина, тоа е лажен томос, никој го нема признаено, баш никој, освен Русија, која од конкретни причини го стори тоа“.Г. Кирил нагласи дека „некои архијереи овде не ја разбраа играта што ја играат Русите со Србите. Се разбира, тоа е една многу долга приказна, за тоа што точно се случи во текот на целиот овој период, за да стасаме до каде што стасавме, но како што ви кажав, мораме со искреност и со чесност да му кажеме на народот, за и народот да ја дознае вистината. Кога со години Вселенската патријаршија се обидуваше да најде решенија, тие што нè туркаа в ѕид беа самите Срби. Кога се склучи Преспанскиот договор и заврши прашањето со името, патријархот веќе, по консултација со владата овде, со владата на Грција, ги молеше, буквално ги молеше Србите да дојдат и да седнеме на маса, за да изнајдеме решение. Пишувавме писма до блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, за да дојдат, да разговараме за ова прашање. И тој не ни одговори. Патријархот (вселенски) не сакаше да направи нешто игнорирајќи ги Србите, од љубов и од почит. Патријархот ја почитува и сака секоја држава, секоја земја, секоја нација, секој народ; ги признава неговите права, го признава нејзиниот територијален интегритет, го признава идентитетот, националниот идентитет на една држава. Патријархот не настапува, за да се вмеша и да стане окупатор. Не. Вселенската патријаршија сака да даде решенија и да помогне помесните цркви да излезат напред, да бидат слободни, за да можат и тие да им помогнат на луѓето, на народот. Затоа што тоа е мисијата на секоја помесна црква.
Пишувавме, значи, писма, не ни одговараа. Умира блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, доаѓа Порфириј. Му напишавме едно, му напишавме две (писма), не одговори. Третиот пат му подрековме: „Видете, ако не ни одговорите, ќе бидеме принудени да продолжиме самите“. Тука работите малку натежнаа. И ни пишува едно писмо, кое поскоро беше малку невкусно исмевање кон вселенскиот патријарх. Тој напиша: „Да, да се сретнеме и да разговараме, но сега не можам, затоа што одам во термални бањи на терапија. Исто така, и архиепископот Стефан, и тој ќе оди во термалните бањи на терапија“. И иако ни го напиша ова писмо, ние дознаваме – бидејќи денес сè се дознава лесно – дека тие имале тајна средба во Ниш, каде што биле договарани работи одзади грбот на Вселенската патријаршија и со укажувања од Руската црква. Тоа се нечесни работи. И тогаш, значи, Вселенската патријаршија рече: Го искористувам правото на еклитон (апелација) што го побараа јерарсите на Охрид. Им давам каноничност. Дека се канонски, немаат проблеми, ги признаваме. И тоа беше едно многу големо нешт“о„.
МПЦ на ова коментираше дека г. Кирил не бил официјално лице! Многу други детали на страницата на „360 степени“.