Ова може да е преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги толкува како непримерни, недостојни и опасни обидите на МПЦ-ОА да влијае на новинарските трудови и информирањето, и остро го осудува начинот на најбескрупулозна пресметка со главниот и одговорен уредник на порталот religija.mk, Марјан Николовски.
ССНМ смета дека обвинувањата и „судската“ постапка (?!) во рамките на својата хиерархија во Светиот архијерејски синод во МПЦ-ОА се преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња. Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува и бара притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи особено што со своето медиумско делување Марјан Николовски секогаш бил промотор и еден од главните, и најрелевантни информатори за состојбите во оваа, па и во другите религиозни групи во Македонија.
ССНМ во исто време ја повикува на будност и извршната власт и соодветните институции да водат сметка и да го заштитат колегата Николовски, но и загарантираната слобода на изразување бидејќи на тој начин практично ги штити и интересите на граѓаните да бидат информирани од сите сфери, па и од религиозните.
Колегата Зоран Иванов на порталот Цивил исто така реагираше. „Некаков си при МПЦ суд црковен ќе го судел новинарот Марјан Николовски од ’Религија.мк’ за некаков си негов став или за некаква навреда спрема МПЦ или за некое делче од МПЦ“ – го започнува својот коментар Иванов. И продолжува – сеедно и баш фино и од страна на МПЦ конечно нешто прогресивно и еве некое судче таму, засега срамежливо, па сепак, макар за миг, се изборило со тескобите на сопствените црковни догми и, еве, од теренот на божјата, сега се впуштило да ја оправа и световната правда. Па констатира дека – надежно е да се очекува на дневен ред и по принципот по допрен глас и во името на правдата, бргу да се позанимава и со кримигените теми од својот двор, како на пример со инволвираноста на своите црковни великодостојници во афери како онаа со плацот кај скопски ГТЦ но и на цело купче слични па, кажано во оваа една реченица, овој световно неидентификуван суд на МПЦ кој во случајов со колегата Николовски ја прескокнал оградата на црковните надлежности и се впуштил по анатеми врз световното. Заклучува – „чуму си се усточичил за суд црковен кога, нели, само Бог суди“.