ОБСЕ разговараше лично со над 15.000 жени за да собере податоци околу обемот на сексуално, физичко и психичко насилство врз жени во Југоисточна и Источна Европа. Резултатите покажуваат „мрачна слика“
КРИСТИНА БУРАК – МАРИНА МАКСИМОВИЌ
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) објави „мрачни“ резултати од големото истражување за насилство врз жените спроведено во осум земји во источна и југоисточна Европа. Со истражувањето е опфатен репрезентативен примерок од 15.000 жени на возраст меѓу 18 и 74 години од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Молдавија, Украина и Косово. Прашањата беа поврзани со искуствата со насилство и злоставување уште од 15 годишна возраст.
Клучни факти од истражувањето:
– Околу 70 отсто од жените ијзавиле дека доживеале некаков вид на насилство уште од 15 годишна возраст, а 31 отсто рекле дека тоа им се случило во последните 12 месеци
– 23 отсто од жените одговориле дека биле физички или психички малтретирани од интимниот партнер, додека 18отсто го искусиле ова од некој што не им бил партнер.
– Членови на семејство биле одговорни за 31 отсто од не-партнерско физичко насилство кое го доживеале жените
– Психолошко насилство е најчеста форма на насилство врз жени, а дури 60 отсто рекле тоа им го правел партнерот
– Сите жени може да доживеат насилство, но оние кои се посиромашни, економски зависни или имаат деца, се изложени на поголем ризик
– Кај жените со повисок степен на образование во принцип стапките на насилство се повисоки, особено од некој што не им е партнер
„Насилството врз жените и девојчињата е тенденциозно кршење на човековите права“, вели организацијата во својот извештај и додава: „ОБСЕ го препознава насилството против жените и девојчињата како закана за поединци и општата безбедност”.
„Застапеноста на насилството врз жените во регионот е толкава, што е неопходна политичка акција. Бројките се толкави, што се неприфатливи од човечки аспект, но и од аспект на безбедноста и стабилноста, како и економската и социјалната состојба на нашите општества“, вели генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер.
Извештајот на ОБСЕ, квалитативно и квантитативно, се осврнува и на нормите и ставовите за жените и насилство во земјите во кои е вршено истражувањето. „Верувањето дека жените се потчинети, дека треба да бидат покорни сопруги и молкот кога е во прашање насилство врз жени и девојки и натаму се застапени во регионите“, се вели во извештајот.
Речиси 6 од 10 жени сметаат дека насилството врз жени е многу или прилично раширена појава. Истражувањето исто така покажува дека многу жени не пријавуваат насилство поради тоа што немаат доверба во властите, или пак немаат доволно информации околу тоа како треба да постапат. Организацијата посочува дека истражувањето требало да го адресира недостигот од податоци и да надополни истражување направено во рамките на ЕУ во 2014.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер го опишува извештајот како „многу важен чекор кон елиминирање на насилството против жените“: „Конечно, мора да ги искористиме овие резултати за да постигнеме конкретни цели: да се намали насилството врз жените, да се подобри помошта за жртвите кои го преживеале насилството и да се постигне поголема безбедност за жените и девојчињата воопшто“, додава тој.
Гремингер ги претстави резултатите заедно со советникот за родови прашања на ЕУ, Мара Маринаки. Истражувањето беше спроведено во соработка со различни партнери, вклучително и Европската комисија, ОН Жени и Германската постојана мисија во ОБСЕ.