Иако работикте во оваа национална куќа не се најјасни, па дури на моменти и хаотични, сепак МРТВ се „протна“ во надлежното собраниско тело со своевиден ребеланс вреден три милиони евра
И покрај меѓусебните расправии и обвинувања за популизам и партиски привелегии, собраниската Комисија за транспорт и врски денеска едногласно го прифати предлогот за ребаланс на Буџетот на Македонската радио телевизија, со што за оваа година МРТ ќе добие дополнителни три милиони евра од првично предвидените 11, 4 милиони евра.
Наместо дебата, комисиската седница прерасна во меѓупартиски обвинувања за тоа кога и под чие водство МРТ имала постабилно финансирање.
ПАК ЗА РАДИОДИФУЗНАТА ТАКСА Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека укинувањето на радиодифузната такса и нанело штета на МРТ во нејзиното секојдневно функционирање. Невенка Стаменковска ја обвини владејачката СДСМ дека нема контакт со реалноста затоа што, како што рече таа, постојано има случаи кои власта ги прикажува во розово светло и дека наместо за МРТ, власта мисли како парите да ги стави во џебот на некои функционери на СДСМ.
„Кога СДСМ ја донесе одлуката за укинување на радиодифузната такса укажавме дека тоа е популистичка мерка и дека парите предвидени за МРТ ќе бидат малку за нејзиното секојдневно функционирање. Сега МРТ едвај месец за месец собира пари за навремени плати на вработените а сите други тековни трошоци се неподмирени. Може да очекуваме дека ќе нема бензин, ќе нема можност за вршење на преноси“ – рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска.
ФАЛИЧЕН ИЗВЕШТАЈ Според извештајот за работата на МРТ за 2017 година, во овој јавен радиодифузер се вработени 845 луѓе. Во извештајот нема информација за тоа колку надворешни соработници има ангажирано МРТ а кои работат на копродукциски емисии или на самостојни проекти.
Пратениците од владејачкото мнозинство истакнаа дека ребалансот се прави врз основа на првичната проекција на средства за оваа година, оти е законски и потенцираа дека дел од парите се наменети и за сервисирање на стари долгови на МРТ.
„Ова не се пари од различни ставки туку се пари кои владата ги одбори за МРТ. Владата со буџетот за 2018 година од старт определи 74 отсто за МРТ што со оваа измена на финансискиот план МРТ треба да ги распредели и во приходи и во расходи. Она што го зборувате за функционирањето на телевизијата не е точно. Дали МРТ е финансиски постабилна сега или во периодот во минатите десет години. Барам одговор дали МРТ точно знае колкава сума секој месец ќе им биде префрлена и дали оваа сума е помала или поголема од парите што ги наплатуваа за радиодифузната такса“, рече пратеникот на СДСМ, Костадин Ацевски.
ГОЛЕМ ДОЛЖНИК Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ пак ја обвини Владата дека укинувањето на радиодифузната такса „само ја зголеми цената на услуги на кабелските оператори, ја зголеми акцизата за нафтата а власта мораше да скрати од други проекти за да и’ даде пари на МРТ“.
На најновата листа на должници што минатата недела ја објави Управата за јавни приходи (УЈП), ЈП „Македонска радиотелевизија“ должи 1,6 милиони евра.
Законот за медиуми кој чека на усвојување во Собранието е пречката поради која МРТ не можела да испланира прецизен финансиски план, информираше на собраниската комисија, претставникот на МРТ, Мемет Алија.
Тој кажа дека ребалансот на Буџетот за МРТ е потребен затоа што финансискиот план за МРТ што претходно бил изработен опфаќал само 0,5 отсто од Буџетот на РМ а не како што сега се предвидува 0,74 отсто.
„Од првичните 700 милиони прво беше 0,5 отсто финансирањето затоа што од Министерството за информатичко општество не добивме ниту еден одговор на нашите четири барања. Не знаевме ниту како ќе биде предвидено со Законот за медиуми. Затоа целиот ребаланс се врши за да се дојде допроцентот предвиден во актуелниот закон а тоа е 0,7 отсто и ние уште од јануари годинава работиме на тоа“, рече Алија.
Диме Велкоски од СДСМ апелираше МРТ да биде потранспарентна во делот на расходите и побара од Јавниот сервис дополнителните пари од Буџетот да бидат потрошени за програми „кои што се во интерес на сите граѓани а не само за соработка со некои продукциски куќи“.
Со Буџетот на РМ, за 2018 година првично беше планирано МРТ да добие 11.380 милиони евра, а со ребалансот овој износ се зголемува за три милиони евра.
Пленарната седница, на која ќе се најде извештајот од јавниот радиодифузен сервис, треба да се одржи утре, 17 јули 2018 година.