Професорката забележува дека поради промените што настанале од првичните параметри при креирањето на двостолбниот систем пензиите на првите пензионери од двостолбниот систем се во помал износ од пензијата што би ја оствариле ако останале во едностолбниот систем
Универзитетската професорка Јадранка Мршиќ беше вклучена во реформирањето на пензискиот систем во три столба – државен, задолжително приватен и доброволен. Таа е и поранешна генeрална директорка на КБ Прво пензиско друштво. Но, таа во јавноста повеќе пати, и тоа веќе подолг период, вели дека пензискиот модел мора да претрпи корекции затоа што многу работи се сменија од неговото воведување.
Во разговорот за „Пари“, Мршиќ акцентира дека за финансиска одржливот на системот треба да се зголемат приходите – со подигнување на стапката на пензиски придонес и да се намалат расходите – преку зголемување на возраста за пензионирање, рационализирање на раното пензионирање и избегнување на еднократно зголемување на пензиите надвор од формулата за нивно усогласување..
Иако бевте вклучени во креирањето на задолжителниот двостолбен пензиски систем, долго време забележувате дека тој мора да се преоцени и да се направат измени. Кои забелешки во овој момент ги имате за тој модел и што ако набргу не се направат никакви промени?
– Системската реформа беше поставена на низа проекции за демографските и економските движења на долг рок, и базирана на постојната висина на пензискиот придонес од 21,2%. Во меѓувреме, настанаа промени и во демографијата (негативнен прираст на населението, засилено иселување на младите во странство, забрзан пораст на стареење на населението) и во економијата (нарушување на пазарите на капитал и пад на економијата заради финансиската криза од 2008 и пандемиската криза од 2020) кои ги нарушија проектираните трендови. Вршени се и намалувања на пензискиот придонес во тек на низа години, а и покрај покачувањето во последните три години стапката уште не е на нивото од почетокот на реформата. А праксата покажа дека пензиите на првите пензионери од двостолбниот систем се во помал износ од пензијата што би ја оствариле ако останале во едностолбниот систем.
Ваквите промени и резултати од пракса ги нарушуваат поставените очекувања од првобитната реформа и наложуваат да се направи оценка за потребата од нови измени за да се одговори на негативните ефекти и да се држи правецот кон поставената цел на реформираниот систем. Правени се прилагодувања и промени за да се одговори на слабостите пројавени во текот на функционирање на реформираниот систем, но пензискиот систем е отворено прашање кое бара постојано испитување и соодветно третирање.
Иако има посебни правила за висината на пензијата што се остварува од првиот и од вториот столб, тие столбови се меѓусебно поврзани и ефектите од промените во едниот од нив влијаат на другиот столб и обратно. Ова треба да се има предвид при носење политики кои влијаат на пензискиот систем. За постигнување финансиска одржливот на системот треба да се зголемат приходите – со подигнување на стапката на пензиски придонес и да се намалат расходите – преку зголемување на возраста за пензионирање, рационализирање на раното пензионирање и избегнување на еднократно зголемување на пензиите надвор од формулата за нивно усогласување. Време е да се направат и измени со кои соодветно ќе се адресира родовото прашање кое не е решено за пензиите од вториот столб а е регулирано во првиот столб и кое ќе влијае на проширување на родовиот јаз на пензиите. Ова прашање воопшто не е отворено до сега, а едно од можните решенија е изедначување на возраста за пензионирање на жените и мажите.
Што мислите за административниот капацитет за опслужување на еден ваков пензиски систем каде парите одат во државниот пензиски систем, а потоа се префрлаат во приватните пензиски фондови. Пред 3 години бевме сведоци на еден голем скандал – на дури 12.000 осигуреници не им биле префрлени парите од државниот фонд за ПИОМ во приватниот. Потоа таа ситуација се „пеглаше“…
– Реформата не ја промени само структурата на системот, туку вклучи подобрување на евиденцијата на пензиските осигуреници и на системот за наплата на пензиските придонеси и резултатите од тоа се позитивни. Законот јасно ги определуваше обврските на ПИОМ за пренос на примените уплатени пензиски придонеси на сметките во фондовите од вториот столб. Карактеристично во случајот што го наведувате е што ПИОМ не постапил во согласност со законската обврска, приватните пензиски фондови не укажале на доцнењето на уплата на сметките на нивните членови а ниту членовите на овие фондови реагирале што не се евидентирани уплати на нивните сметки. Ова е нетипична ситуација, но се случи. Генерално, самата инфраструктура на системот (законска рамка и институции) е солидно поставена и овозможува непречена функционалност, што дополнително е засилена со измени на регулативата заради допрецизирање на обврските на ПИОМ за пренесување на придонесите на членовите на задолжителниот втор столб.
Кое решение е сега најодржливо за идните пензионери?
– Главни цели на политиките за пензии и пензионирање е (1) да обезбедат адекаватен приход за старите лица и во исто време (2) да обезбедат финансиска одржливост. Но, тие две цели не можат автоматски да се усогласат, туку се потребни голем број и различни мерки во различни области: економија, пазар на труд, образование, социјала.
Еден од проблемите на македонската економија е високата неформалност на трудот што влијае и на пензискиот систем кој е заснован на придонеси и ги исклучува неформалните работници. Проблем на пензискиот систем е и тешкотијата да се постигне зголемување на задолжителните придонеси што се уплаќаат на индивидуалните сметки во капитализираниот пензиски систем, со што се оневозможува зголемување на пензиите од вториот столб. Постојните стапки на придонес се намалија и останаа непроменети во тек на неколку години, наспроти порастот на очекуваното живеење после пензионирање. Како резултат, исто ниво на пензиска заштеда од вториот столб треба да финансира зголемен период на користење пензија. А симулациите за висината на пензиите на осигурениците од двостолбниот систем со пониска плата од просечната (70% од сегашните вработени) покажуваат дека тие ќе бидат пониски од пензиите што би ги оствариле во првиот столб.
Македонскиот пензиски систем има и ниска покриеност со пензии, релативно мал процент од работната сила плаќа редовни пензиски придонеси и е подобен за остварување право на пензија при достигнување на возраста за пензионирање.
Во земјите со ниска вработеност и значителна неформална работа се воведуват нови форми и извори за финансирање на пензиите за обезбедување пензии за сите граѓани и повисоки пензиски приходи. Една новина која веќе се испитува и/или се воведува во некои од земјите на Латинска Америка е финансирање на пензиите преку личната потрошувачка. Оваа политика води кон универзална покриеност со пензии, во која сите работници независно од работниот статус можат да придонесуваат во пензиски фонд. Одреден процент од данокот на додадена вредност се преместува на индивидуалната сметка што купувачот ја има во пензиски фонд, и на тој начин граѓаните ќе можат да остваруваат пензиска заштеда и пред да се вработат и независно дали имаат формален договор за вработување. Државна пензија што се исплаќа на сите граѓани после одредена возраст е уште една од можните мерки за оние со ниски пензии.
Што мислите за сегашното законско усогласување на пензиите, кое се врши 2 пати годишно и тоа единствено со инфлацијата. Пaртијата на пензионери бара растот на платите да зависи и од растот на просечната плата. Што мислите Вие за тоа?
– Редовното усогласување на пензиите, вообичаено со инфлацијата и со растот на платите, согласно најдобрите меѓународни пракси, промовира социјална кохезија и економска сиигурност на пензионерите. Ова е нарушено кога само стапката на инфлација е основа за усогласување на пензионерите, па пензиите заостануваат зад платите особено во услови на забрзан пораст на платите како што беше во последните неколку години кај нас. Комбинираното усогласување, познато како швајцарска формула, кое ги користи еднакво (50% : 50%) двата главни фактори – порастот на цените и на платите, треба да се врати во регулативата и во праксата.
Какви пензионери ќе бидат денешните вработени, мислам на оние што со години работат, не биле осигурани, па тешко им е да соберат 15 години стаж. Дали треба да очекуваме посиромашни пензионери во иднина?
– Голем е бројот на граѓани со ниски приходи во земјите во развој и за нив пензиите од задолжителното пензиско осигурување имаат клучна улога во обезбедувањето приходи за старост. Во такви услови, лицата со ниски приходи за време на работниот период стануваат лица со ниски пензионерски приходи. Невработените, повремено вработените и оние што се ангажирани на неформален начин се целосно исклучени од пензискиот систем. Затоа, креаторите на политики во овие земји нужно треба да посветат посебно внимание на овие карактеристики и да предлагаат соодветни социјални мерки за намалување на сиромаштијата помеѓу старите лица. Додатоци на пензиите во форма на додаток за живеење, социјална, државна, граѓанска, општа пензија се можности што ги користат некои земји за проширување на минималниот приход во старост.
Слично е и кај нас, коефициентот на ефективна пензиска покриеност е приближно 80% од лицата над законската возраст за пензионирање кои примаат старосна пензија што е пониско од пензиската покриеност во земјите од регионот. Уште подраматична е состојбата со покриеноста на лицата кои уплаќаат придонеси во однос на активното население (51% во однос на 75% во регионот), што укажува на намалување на населението што ќе има пристап до пензии во иднина. Жените имаат пониска активност на пазарот на труд и пониска вработеност и помал пристап до пензиии што создава повисока сиромаштија помеѓу жените на активна возраст и на старост.
(остатокот на интервјуто прочитајте го линкот https://pari.com.mk/inetrvju-jadranka-mrsik-kreator-na-penziskiot-sistem-penzii/?fbclid=IwAR226wTNNlT6CA1sAMi4pTix096RcpCDkePbXa1dyZpIQl-QB-Ihij3SK3I)