Музејот на современа уметност во Скопје дојде во „зрели години“ – одбележа значаен јубилеј
Оваа година на 12 февруари Музејот на современата уметност – Скопје одбележи 60 години од основањето. Со цел одбележување на овој настан да послужи и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот организираше дневен настан.
На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност” на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023).
По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан беше претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло” бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности, практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.
Солидарноста на светската и југословенската заедница во обновата на Скопје се изрази и со првите спонтани донации на уметнички дела. Такви на пример беа донациите на италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо и германскиот графичар Хап Грисхабер, како и оние од приватната колекција на хрватскиот колекционер Герхард Ледиќ. Уште една спонтана реакција во овој период уследи и од познатиот црногорски и српски уметник Петар Лубарда, кој ги подари сите дела од неговата самостојна изложба во таа 1963 година. Напоредно со овие индивидуални гестови, Меѓународното здружение на ликовни уметници (AIAP) упати апел за помош во создавањето збирка на уметнички дела со која ќе ја поттикнат културната обнова на градот. Првата таква акција ја организираше италијанската секција на AIAP, а со истата цел во Франција е формиран Комитет за помош на Скопје, кој го раководи познатиот писател и историчар Жан Касу; во Комитетот во Англија учествуваат сликарите Денис Боуен, Кенет Коуц-Смит, Питер Брд и скулпторот Џеси Воткинс.