Музејот на ВМРО, погрешен и идејно и законски. За изградбата на музејот биле потрошени 12 милиони евра, а идејата за музејот првпат се појавува во буџетот од 2007 година со почетна сума од 16 милиони и 600 илјади денари. Дури една година подоцна е донесена одлука за основање на музејот, па во следните години од државната каса се одвојуваат средства за таа намена
Прекршувања на законите за буџет, за музеи и за заштита на културното наследство утврди работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на Музеј на македонската борба за државност и самостојност / Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим.
Низа законски прекршувања, почнувајќи од идејата, па до изградбата на Музејот на македонската борба за државност и самостојност/Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим, констатирала работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост на постоењето на овој музеј. За изградбата на музејот биле потрошени 12 милиони евра, а идејата за музејот првпат се појавува во буџетот од 2007 година со почетна сума од 16 милиони и 600 илјади денари. Дури една година подоцна е донесена одлука за основање на музејот, па во следните години од државната каса се одвојуваат средства за таа намена, посочува Донка Барџиева -Трајковска, според која изградбата на музејот е проследена со низа законски нерегуларности. Барџиева-Трајковска вели дека се прекршени Законот за буџет и спроведување на буџетот, Законот за музеи и Законот за заштита на културното наследство.
„Изградбата на овој музеј е ставена под ставката „музејска и кинотечна дејност“. Тоа е веќе прекршување на законот за буџет и злоупотреба на пари коишто се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската и кинотечна дејност. Во однос на другите две прекршувања, прекршен е Законот за музеи во делот кој се однесува на основање на музеј, треба да биде изработен елаборат, а него го нема, исто така нема побарано ниту согласност од матичната институција, односно Музејот на Македонија“, изјави членот на работната група Донка Барџиева Трајковска.
Третото прекршување е кај законот за заштита на културно наследство, во однос на прогласувањето на музејот како културно наследство „екс леге“, но за тоа треба да постојат одредени услови, односно музејскиот материјал да се валоризиран и категоризиран со вредност за значајно културно наследство, што воопшто не е направено, особено не било во моментот кога во 2013 година го добило тој статус.
„Истото се однесува и на депандансот на Порта Македонија која не знаеме по кој основ го добива тој статус на културно наследство. Дополнителна е и набавката на материјалите кои оделе преку Управата за заштита, тоа е еден обемен дел и уште еден основ на прекршување, бидејќи Управата не е надлежна да откупува музејски материјали“, вели Барџиева-Трајковска.
По обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека составот на работната група е „тотално некомпетентен да оценува историска поставка и дека нивен заеднички именител е тоа што сите биле учесници во шарената револуција“, регираше Барџиева-Трајковска. Според неа, спорна е всушност стручноста на историчарите кои биле ангажирани за музејот, бидејќи како што вели, единствени надлежни за музеите се музејските работници и кустосите. Ангажираните професори можеле да учествуваат во изборот и концепцијата на одредени делови од поставките, но наместо тоа, тие се јавуваат во изработките на проектните програми за восочните фигури и уметничките слики со историска содржина, вели Барџиева-Трајковска.
Работната група не предлага затворање на сегашниот Музеј на македонската борба за државност и самостојност/Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим, туку само преименување со скратување на името на истиот во Музеј на македонската борба за државност и самостојност. Во дел од препораките се и формирање експертска комисија која ќе изработи нова историска поставка во која ќе има повеќе оригинални документи, а помалку слики и восочни фигури. Идејата е, велат, да имаме музеј кој ќе се фокусира врз соживотот, а не врз поделбите во општеството.
„Генерално е проблем тоа што во Музејот доминантно место имаат восочните фигури и платната, а не оригиналите. Целата музејска поставка концепциски е правена театарски. Не добивате впечаток дека сте во музеј, како на театарска сцена да сте, зошто оригиналните предмети се губат, или се сместени во многу мал дел од просторот“, изјави Александар Литовски, претседател на Работната група.
Во прилог на тезата дека овој музеј е партиски, Литовски го посочи фактот дека од 13 оддели во музејот, осум се посветени на историјата на ВМРО, ТМРО, во периодот од 1893-1991 година. Во другите пет оддели има елементи каде повторно, само на индиректен начин, се зборува за дејците на ВМРО низ историјата.
Во извештајот на работната група му се предлага на Министерството за култура ваквите сомнежи да ги искаже пред надлежните институции, односно пред Специјалното јавно обвинителство кое веќе води постапка во врска со Музејот, со цел истата да ја прошири на деловите како што се аспектите на изградбата на објектот и откупот на музејски материјал.