Со панелот модерираше вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој се осврна на значењето на евроинтеграциите за забрзување на развојот на земјите од Западен Балкан, но и значењето на човечкиот капитал за подобрувањето на конкуретноста на економиите
Европската унија е како машина за конвергенција на економии во развој – во развиени економии и тоа за кус период од деценија или две. Ова се должи главно на инјектирањето на средства преку структурните фондови, но исто така и новите можности коишто се отвараат преку инвестициите, структурните промени и пристапот до единствениот пазар. За побрза конверегнција на регионот кон просекот на приходите по глава на жител во ЕУ, треба да се поттикнува водењето на зелена економија и зелени бизнис модел, поттикнување на инвестициите, особено во поврзувањето и инфраструктурата, како и поддршка на малите и средни претпријатија. Макроекономската стабилност нема да ја забрза конвергенцијата, но секако без стабилност не може да има раст.
Ова беа главните пораки на вториот панел вчера на Скопскиот економски и финансиски форум „Пазари, институции и економски просперитет“.
Со панелот модерираше вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој се осврна на значењето на евроинтеграциите за забрзување на развојот на земјите од Западен Балкан, но и значењето на човечкиот капитал за подобрувањето на конкуретноста на економиите. Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак, истакна дека поврзувањето треба да започне прво на национално, потоа на регионално и ЕУ ниво, како и дека развојот на земјите треба да се става секогаш на прво место пред се останато. Бектеши истакна и дека стратешкиот пристап е од суштинско значење во постигнување на долгорочните цели, односно иако администрациите се менуваат, стратегиските интереси секогаш треба да бидат исти во интерес на развој на земјите. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, говорејќи за синергијата при заедничкиот настап и поврзувањето на регионот истакна дека со заедничко барање и координиран настап од земјите во регионот, ЕУ го вброила Коридорот 8 во еден од главните европски коридори.
На вториот панел на конференцијата забележителен говор одржа првиот човек на нашата најуспешна фармацевтска компанија „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
„Алкалоид“ е компанија која многу успешно егзистира во македонската економија веќе девет децении, а клучната девиза во нивното работење е „Здравјето пред се“. Обезбедува вработување за речиси три илјади македонски граѓани, има 20 фирми ќерки, а своите производи го пласира во 50 држави во светот. Работи во дејностите како што се фармација, козметика и хемиски производи за домаќинството.
Мукаетов објасни дека за многу македонски компании, меѓу кои и „Алкалоид“, е важна тема фактот што ние се наоѓаме во чекалницата на Европската унија, а со тоа и на европскиот пазар, на кој многу полесен пристап имаат фирмите од земјите членки на ЕУ.
„Алкалоид“ е компанија која во 2007 година успеа да добие лиценца од ЕУ, а за таа цел требаше да регистрира лабораторија во Љубљана. Денес оваа наша компанија многу успешно продава во европските земји, па од извоз од околу 260 милиони евра годишно, 55 милиони евра се производи кои се продадени во земјите членки на Европакста унија. „Алкалоид“ има пристап до 27 земји членки на ЕУ и до пазар од 448 милиони жители, што е голема придобивка.
„Некој ќе рече зошто за компаниите е битно државата да биде членка на ЕУ. Еве ќе докажам преку нашиот пример. Ние уште од пред две години имаме договор да купиме фабрика во Полска, но процесот за тоа да се финализира за нас е три години, а за иста компанија од Полска тој трае една година. Што значи дека за земјите кои не се членки, тој процес е повеќекратно подолг“, објасни Мукаетов.
Претседателот на Управниот одбор на „Алкалоид“ објасни и дека е точно дека нашата Влада се грижи да им го олесни работењето на домашните компании, но компаниите во Полска, на пример, добиваат грант во висина од 50 отсто од секоја инвестиција во производството.
„Доколку сте компанија која не е од земја членка на ЕУ, не е лесно да се настапува на нивниот пазар. За сите нас ќе беше полесно доколку бевме членка на ЕУ, ќе покажевме колку ние сме квалитетни компании на нивниот пазар“, рече Мукаетов.
Тој нагласи дека „Алкалоид“ успеа да се глобализира и покрај сите овие предизвици.
„Ако сте квалитетна компанија и доколку сте од земја која е членка на ЕУ, само небото ќе биде граница и за нас, и за сите добри компании кои работат во Македонија“, потенцираше Мукаетов.
Зборувајќи за конверегцијата на земјите од регионот, беше истакнато дека, иако на почетокот од 2000-тите години, регионот напредувал побргу кон ЕУ просекот, по Глобалната економска криза, развојот забавил.
Томас Бочек, вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, како и Матео Колангели, директорот на ЕБОР за Западен Балкан ја истакнаа потребата од зајакнување на инвестициите во јавната инфраструктура, образованието, работната сила со социјален фокус, додека шефот на Канцеларијата на ЕИБ во земјава Бјорн Габриел го посочи значењето на зелена енергија и поддршка на бизнис секторот, особено на малите и средни претпријатија. Жак Миниан, шефот на Мисијата на ММФ, го истакна значењето на одржувањето на макроекономската стабилност за економскиот развој, одржувањето на ниско ниво на буџетски дефицит, а воедно задржување на развојната компонента на буџетот. Главниот економист на Светска банка за Европа и Централна Азија, Иваило Изворски, исто така, ги истакна инвестициите како движечка сила за конвергенцијата и развојот, а нагласи дека истите можат да се постигнат со инвестиции во човечкиот капитал и дигитализација за забрзување на економскиот раст.
(nezavisen.mk)