Поранешниот претседател на републиката Иванов потпиша меморандум за соработка со актуелниот министер за надворешни. Познато е дека на својот јуноша му помага таткото на министерот, кој е поранешен вработен во МНР. Во исто време опозицијата јасно укажува дека присуствуваме на целосен дебакл на надворешната политика – Владата не знае каде тера, се констатира во соопштение на СДСМ

После една година од изборите и речиси цела година од мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ заклучокот за меѓународната политика и дипломатијата е поразителен. Најнапред, се констатира во соопштение на СДСМ дека ниту едно предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ не е исполнето. „Ветуваа променета и подобра преговарачка рамка за членство во ЕУ, ветуваа подобра меѓународна позиција на Македонија, ветуваа силна надворешна политика и нови меѓународни успеси.
Реалноста е сосема спротивна: Македонија има полоша меѓународна позиција, нема подобра преговарачка рамка, закочен е европскиот пат а нема ниту еден меѓународен успех. Наместо подобра позиција за преговори со ЕУ, добивме целосно замрзнување на процесот и блокада на европската агенда“.
Се додава и дека за време на мандатот на СДСМ, Македонија напредуваше во европската интеграција. Денес сме зад Албанија, зад Црна Гора, зад сите. Тоа е вистината. Молдавија го завзема местото на Македонија на патот кон ЕУ, ние остануваме назад, заглавени во неизвесност. На секое поле во меѓународната политика е хаос, владата не знае каде тера.
Јасно е дека Власта не успеа да покаже конзистента и државничка политика со стратешките парнери ЕУ и САД. Посетите на премиерот Мицкоски во САД се сведоа на фотографии од хотелски лобија, ракувања „од нога“ со новинари и неколку бизнисмени – без конкретен бенефит за државата. Па така, наместо успех и „влегување во периметарот“ добивме маргинализација и царини највисоки во регионот.
Констатацијата е дека нема никаков успех на меѓународен план, затоа што воопшто и не се работи. Додека земјите од регионот водат дипломатска агресивна агенда преку средби со високи државници, нашата дипломатија е сведена на бирократски протокол и импровизација, без стратегија и реална надворешно-политичка визија.
Практично, министерот за надворешни работи, Муцунски, за една година не покажа никаков резултат, нема ниту еден успех. Единствен потег што го направи е партиско-политички чистки во дипломатијата, незаконско отповикување на амбасадори, замена на професионалци со партиски кадри. Сето тоа кулминира со обидот за противуставно менување на Законот за надворешни работи, со цел Владата да го преземе и последниот збор во дипломатијата, исклучувајќи го Претседателот на државата.
А Македонија нема амбасадори во клучни европски држави: Франција, Италија, Данска, Белгија, Романија, Унгарија, Естонија. Нема амбасадори во НАТО, Женева, Њујорк. Воедно Владата нема назначено ниту Генерални конзули во важни конзулати како Солун, Мелбурн, Њујорк, Детроит, Торонто.
Дури и во Кралството Данска, држава што од 1 јули ќе претседава со ЕУ – Македонија нема предложено амбасадор.
Дипломатско-конзуларните претставништва се речиси нефункционални, а дипломатите сами, без поддршка, се борат да ја претставуваат државата.
Ова е дипломатски срам, ова е целосно потфрлање на македонската дипломатија. Се додава дека СДСМ е партија што ја доведе државата најблиску до ЕУ, и ќе продолжи да се бори – за отворање на поглавјата, за активна надворешна политика, и за Македонија како рамноправен партнер во НАТО и ЕУ.
Во меѓувреме на мала врата во МНР се внесува поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој ќе му дава совети и ќе му помага на министерот за надворешни работи во областа на афирмација на културната дипломатија и афирмација на македонскиот идентитет во странство. Муцунски јуниор преку фејсбук објави дека денеска е потпишан Меморандум за соработка меѓу МНР и Меѓународната алијанса за цивилизации, застапувана од поранешниот претседател Иванов.
Целта на меморандумот е унапредување и збогатување на соработката помеѓу двете страни во областа на јавната дипломатија, развојот на културната дипломатија и афирмацијата на македонската култура и идентитет во странство.

Во рамки на оваа соработка, како некаква премиера, МНР беше домаќин на третиот Форум за културна дипломатија. Со сесии посветени за важноста на малите држави и нивниот придонес во културната дипломатија и улогата на уметноста како алатка во дипломатијата, во Скопје според министерот успешно се заокружли третиот Форум за културна дипломатија кој се одржа од 19-21 мај 2025 година и кој оваа година бил под мотото „Одржлив развој и културна дипломатија – Поттикнување глобални партнерства“.
Првата сесија се одржала во МНР., каде домаќин биле министерот Тимчо Муцунски кој заедно со поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов го отворија форумот. Тие во своите обраќања ја потенцирале важноста од одржувањето на ваков вид на собири и улогата на културната дипломатија во актуелните глобални текови. Со свои поздравни говори се обратија и Претседателот на Извршниот одбор на Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите, Иван Иванов, и Директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид.
Имало тркалезната маса во Собранието на тема „Иднината на демократијата во фрагментиран свет“, која ја отворил и модерирал претседателот на Собранието, Африм Гаши. На неа Иванов ја истакнал важноста на политичката стабилност и лидерството во турбулентни времиња, но и важноста на транспарентноста за да може да имаме силни и стабилни институции. Во текот на вториот ден се одржала тркалезна маса во Вила Водно под покровителство на македонската претседателка, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, каде беше отворена дискусија за улогата на малите држави во глобалниот мултилатерализам. Говорниците, меѓу кои и поранешниот претседател на Република Чешка, Вацлав Клаус и Розета Епифани, како виш експерт од Италија ги споделија своите експертски гледишта на оваа тема.
„Генералното собрание на ООН е единствената платформа каде малите држави се еднакви со големите“, потенцираше поранешниот претседател на Генералното собрание на ООН, Волкан Бозкир, истакнувајќи ја важноста на оваа институција.
Во својот говор, Хенри Џонс, советник на државниот секретар на државата Арканзас, ја потенцираше важноста на културата и идентитетот, особено за малите држави.
Форумот се заокружи во – би рекле незаобиколивиот Музеј на македонската борба – со панел дискусија насловена „Уметноста како алатка за дипломатија: Градење мостови преку културата“. Сесијата беше отворена од страна на Зоран Љутков, Министер за култура и туризам, кој во своето воведно обраќање ја нагласи моќта на уметноста како средство за поврзување и дијалог меѓу различни култури и нации“.
За тоа колку од семејството Муцунски му се помага на синот-министер почна посебно да се говори пред три месеци, кога беше објавен мејлот од неговиот татко – Ѕвонко Муцунски. Дописот беше наречен – шокантен и се појави на социјалните мрежи. Во него Звонко Муцунск кој работи во МНР, кој инаку е татко на Тимчо Муцунски кон министерот се обраќа со фамилијарни квалификации наместо како што, како што доликува со министер. „Почитувани ве информираме во иднина сите странки кои доаѓаат во Министерството на средби и состаноци со мојот син, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, задолжително да бидат придружувани од вработен во Министерството при доаѓање и заминување“.
Одговарајќи на пратерничко прашање на оваа тема министерот најави кривични пријави за оние кои го објавиле мејлот, но суштински не ја објасни позицијата на неговиот татко во однос на неговата функција.
.