Редакцијата на „360 степени“ испрати речиси идентични прашања за изборот на новиот шеф на ОЈО за ГОКК до амбасадите на САД, ЕУ и Холандија како докажани партнери на земјава во реформите во правосудството и борбата против корупцијата. Никој не честита на изборот, а амбасадорката на САД упати и јасни и остри критики
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер, остро го критикува изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на барањето на „360 степени“ за став за целиот процес и епилогот од него. Како ретко кој дипломат на САД, па и воопшто кој било дипломат во земјава, таа изразува отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството, што треба да ја предводи борбата против корупцијата.
Во писмениот одговор на прашањата на оваа редакција, јасно се вели дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
Според зборовите на новата амбасадорка на САД во земјава резултатите (од изборот на Абази) „ги сметаат за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“..
Речиси идентични прашања по повод изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за ГОКК, „360 степени“ упатила и до Амбасадата на Кралството Холандија и до Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Можеби не толку остро како амбасадорката на САД, но и од холандската дипломатска мисија во земјава јасно ставиле до знаење дека немаат високо мислење за изборите на нов шеф на ОЈО за ГОКК и за епилогот. Меѓу редови, јасно ставиле до знаење дека поради ветувањата за борба против корупцијата ја кренале рампата за старт на преговори со ЕУ и дека нивниот став во иднина ќе зависи од однесувањето на обвинителството на темата.
„За Холандија, владеењето на правото е од огромно значење и внимателно ги следиме сите случувања во правосудниот сектор во Северна Македонија“ Во февруари 2020 година, во последен момент, пред парламентот да се самораспушти на подолг период, со закон се овозможи гонење на случаите на корупција на високо ниво што беа под СЈО. Овој поединечен настан ѝ овозможи на Холандија да се согласи да започне процедура за пристапување во ЕУ за Северна Македонија во март 2020 година. Затоа, работата на Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и како тоа постапува со сите случаи на организиран криминал и корупција на високо ниво ќе продолжи да биде под лупа од Холандија“, одговориле од Амбасадата на Кралството Холандија на прашањата на „360 степени“.
Најмека реакција на прашањата на редакцијата имало од Канцеларијата на ЕУ во земјава. Но и тие во одговорот нагласиле дека очекуваат новиот шеф на ОЈО за ГОКК да работи „посветено и во дух на независност“ и дека борбата против корупцијата ќе биде под детален надзор на ЕУ.
Во интерес на сите граѓани е напорите за справување со организираниот криминал и корупцијата да бидат ефикасни и ефективни. Исто така, тоа е од клучно значење за напредок на преговорите за пристапување во ЕУ кои Северна Македонија ги почна во текот на годината. Од тој аспект треба да се забележи дека во текот на процесот напредокот во борбата против корупцијата е под детален надзор (внимателно се набљудува, испитува), вклучувајќи го и секое поглавје од преговорите.
Во овој контекст, фундаментална е улогата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во последниот извештај Европската комисија ѝ препорачала на Северна Македонија да оддели доволно ресурси за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вклучувајќи и финансиски експерти, со цел да се гарантира ефективна одговорност (отчетност) за случаите на корупција на високо ниво.
„Очекуваме новиот шеф на ова обвинителство да се погрижи работата на оваа институција да се одвива со посветеност и во дух на независност, непристрасност и професионалност во согласност со очекувањата на граѓаните и во согласност со очекувањата на ЕУ за земја која е во процес на пристапни преговори“ одговорија од Делегацијата на ЕУ на прашањата на „360 степени“.
Обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, беше избран за шеф на ОЈО за ГОКК пред 10 дена. Не го избираше Советот на јавни обвинители како досега туку за него гласаа сите обвинители во земјата.
За истата позиција конкурираа уште тројца обвинители. Во неделата пред изборот сите се појавуваа пред медиуми и ја претставуваа својата програма, за разлика од Абази кој остана анонимен и за јавноста, а неофицијално и за дел од колегите. Па, сепак, на крај тој освои најмногу гласови, меѓу другото, значителни седум гласа во штипското апелациско подрачје, а победи и во битолското апелациско подрачје.
Обвинувањата дека за негов избор работела и политиката добија основа кога, веднаш по изборот, во јавноста почнаа да се појавуваат фотографии на Ислам Абази со високи функционери на владејачката ДУИ. Засега тој се брани дека станува збор за случајни средби.
Инаку, ако зборуваме кој бил „најмек“ во реакциите е министерот за правосудство Никола Тупанчевски, кој во знакот на „политичка коректност“ изјави дека на новоизбрњниот шеф Абази треба да му се даде шанса, иако потоа и самиот Ахмети, по критиките од американската амбасада рече дека во правосудстворто е неопходен ветинг. Да, сега откако си избраа свои луѓе во две значајни обвинителства?!
Впрочем, токму при овие два избори (вториот засега не е изведен до крај) прашање е колку сево ова говори за квалитетот на човечкиот материјал во оваа институција и дали тоа може да биде причина за одново да се разгледа опцијата за генерален реизбор на обвинителите и судиите. Дали логичната реакција во нормално општество би била континуиран притисок за повлекување на одредени кандидати, кои и онака се малку на број