Македонски дизајнер кој ја пишува новата историја на Мерцедес смета дека нашиот развој во голема мерка е заложник на непостоењето на образована работничка класа – смета „Мерцедесовиот“ дизајнер Славче Таневски. Тој е еден од најмладите дизајнери во Мерцедес, така што неговите дизајни допрва ќе ги освојуваат патиштата низ светот
АНЕТА ШИЈАКОВА
Најновиот модел на Мерцедес, Mercedes CLA Shooting Brake, по нацрт на Таневски ги собра аплаузите на саемот за автомобили во Женева
Многумина во светот сонуваат да возат мерцедес. Новите спортски дизајни будат воздишки. Некои можат да си ги дозволат дури и најскапите модели. Другите се фокусираат на подостапните верзии.
Но, колкумина учествуваат во нивното дизајнирање? Малкумина, бидејќи брендот од светски ранг Mercedes-Benz бара и дизајнери кои со својата визија ќе го одушеват светот.
Такви беа реакциите на публиката на саемот за автомобили во Женева, каде беше претставен моделот Mercedes CLA Shooting Brake – дело на македонскиот дизајнер Славче Таневски.
Неговиот дизајн е оценет како подвижно уметничко дело во стилот на дигиталната ера.
„Мерцедес имаше голема премиера. Вниманието на светските медиуми е огромно. Посебен момент за мене беше тоа што лично го промовирав автомобилот. Лично возев до бината“, вели Таневски.
Вообичаена пракса е тоа да го прави некој од бордот на директори, а фактот дека Таневски ја имал таа чест се смета за исклучително признание.
Но како Таневски станал еден од најпрестижните дизајнери на Mercedes-Benz? Роден е во Свети Николе. Црта од дете, наследувајќи го талентот за цртање од неговата мајка, а интересот за машини од татко му. За Гласот на Америка на македонски Таневски скромно вели дека се нашол на вистинско место во вистинско време. Студирал во Германија, учел од германски врвни дизајнери. Победил на конкурс за дизајн по што следела поканата од Мерцедес.
„Никогаш не сум имал план Б. Од секогаш знаев што сакам да бидам. Се ангажирав, се насочував кон тоа. Користам многу самоиницијатива. Константно учев правила на цртање, перспектива, софтвери, барав туторијали на интернет. Се информирав каде може да студирам и сето тоа ме донесе до Минхен на Факултетот за дизајн во 2007 година“, вели тој.
И самиот заминат од Македонија на 19 години, тој разбира зошто младите гледаат преку границите за поголеми можности.
„Со голема ангажираност, љубов, труд и залагање може да се успее. Треба да се има пасија за тоа што се работи и што се учи. Да се има фокус. Да знаете што сакате. Која ви е целта. Во денешно време ја имате секоја информација на дланка и има многу повеќе можности од порано“, вели Танeвски.
Го запрашавме што недостасува во македонското образование за да се продуцираат кадри кои ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.
„Мислам дека најголемиот проблем во Македонија е тоа што нема практична подготовка на работници. Од една страна во одредени области има презаситеност со стручни кадри, а во други области има недостаток. Многу се оди на теорија, а малку на практична работа. Од друга страна сите сакаат канцелариска работа, но некој треба и да произведува. Во Германија тоа е решено на друг начин. Учениците уште од мала возраст се насочуваат преку обука кон некој занает или вештина или за продолжување на образованието.
(ВОА њуз)