Свеста за односот кон книгата расте, а сите знаеме дека навиката за читање се развива уште во најраната возраст, кога текстот е збогатен со илустрација
МАРТА СТЕВКОВСКА
Кога едно мало дете се интересеира и сака да отвори книга и сликовница прво нешто што ќе го привлече е илустрацијата. Поради тоа решивме да направиме разговори, што ги објавуваме во два дела, со неколку илустратори кои цртаат за македонски автори и издавачки куќи и создаваат нов, фантастичен свет за детските очи.
Иванка Ниба е дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има 15 годишно работно искуство како графички дизајнер, а во последните неколку години активно се занимава со детска илустрација.
„ Детскиот цртеж ме фасцинирал отсекогаш. Јас сум колекционер на детски цртежи, имам едно купче богатство од детски цртежи дома и ја користам секоја прилика и средба со дете да ја надополнам колекцијата. Ме фасцинира нивната способност да го претстават светот околу нив во цртеж што зрачи со слобода, спонтаност, фантазија и неповторливи форми. Всушност, од таму ја црпам инспирацијата за моите илустрации и слики. За да се оживее една приказна напишана за деца, и да се претстави веродостојно за децата да може да ја доживеат, со слика и со збор, потребно е да се навлезе во нивната психологија и тоа е голем предизвик за секој илустратор. Се стремам кон поедноставување на формите, сакам цртежот да е близок до детската непосредност, нешто што тие би го нацртале кога би биле илустратори, со што верувам дека придонесувам и во едукацијата за цртежот. Тие се големи критичари, имаат многу прашања, како за текстот така и за илустрациите. Темите најчесто ми се наметнати од приказните кои ги илустрирам. Во принцип сакам сè да цртам, сè да пробам, да експериментирам, како во класичниот цртеж на хартија така и во дигиталниот, но и во темите кои ми се дадени како приказна или песничка. Пред една година заедно со издавачката куќа ‘Арт и Арт студио Батев‘ ја започнавме едицијата ‘Светулка‘ која наиде на многу добар одзив кај публиката. Едицијата е составена од 15 нови приказни напишани од македонски автори, а јас се појавувам како илустратор и уредник. Во последно време може да се забележи експанзија на детската литература, што е секако за поздрав. Кај нас можат да се најдат многу убави изданија кои се преводи од странски автори, но забележувам потреба кај публиката од домашни автори и ме радува тој факт. Свеста за односот кон книгата расте, а сите знаеме дека навиката за читање се развива уште во најраната возраст, кога текстот е збогатен со илустрација. А јас ја имам најубавата работа на светот преку која го негувам детето во себе :)“
Наталија Лукомска е полска илустраторка која живее и работи во Скопје. Веќе неколку години соработува со различни издавачи, списанија и културни институции.
„Цртањето ми било пасија отсекогаш, а како илустратор работам неколку години. Сепак, во однос на илустрацијата за деца сѐ уште сум почетник – првата и засега единствена книга за деца со мои илустрации излезе пред осум месеци. Во моите ислустрации обично се концентрирам на ликот во дадена ситуација, а помалку значење ѝ придавам на позадината. Најчесто се трудам да ја интерпретирам сцената со еден или два мотиви, за да избегнам целосен опис. Тоа ги прави илустрациите автономни, да можат да делуваат како посебни дела, независно од текстот. Се трудам моите илустрации да создадат паралелна приказна во однос на текстот и се трудам цртата да ми биде внимателна и прецизна, што е интересно со оглед на тоа што кај другите илустратори (кои лично ги сметам за врвен пример) најчесто ме фасцинира и ме привлекува едноставна и лесна црта. Најчесто користам стишени ретро бои. На сите им ја препорачувам книгата ‘Сонувалко‘ од Сања Михајловиќ-Костадиновска во издание на ‘Бегемот‘, на чија илустрација работев јас. Освен илустрации за деца, пред сѐ подготвувам илустрации за корици за книги, се занимавам со прес-илустрација и визуелни идентификации. Одзивот во Македонија за илустрирана детска литература е сѐ подобар, но сѐ уште има многу простор да се зголемува. Секако, голема улога во тој процес имаме ние, илустраторите, заедно со новите генерации автори, како и издавачите, кај децата и кај родителите да создадеме потреба да поседуваат убаво илустрирана книга и заедно да читаат квалитетна литература.“
Повеќе од нејзините дела може да видите на www.natalialukomska.pl
Ване Костуранов е уметник и илустратор, автор е на сликовниците „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“, кои добија први награди за најдобро ликовно-графички уредено издание, на Саемот на книга во Скопје, 2018 и 2019 година. Сликовницата „Девојче и мече“ се најде на престижната листа „The White Ravens“ ,во 2019 година, селектирана од International Youth Library од Минхен.
„Мојата најрана меморија за себе е онаа во која цртам пикнат под масата. И сега како возрасен уште го правам тоа, само сега се префрлив на масата. Не знам кога точно почнав да цртам детски илустрации, коментарите за моите слики отсекогаш беа дека наликуваат на илустрации. Меѓутоа, пред скоро три години почнав да работам на мојата прва книга за деца, ‘Ѕвездено дете‘. Оттогаш нацртав и напишав уште две сликовници, ‘Девојче и мече‘, (2019) и ’Девојчето и градот‘(2020), сите во издание на ‘Арс Ламина‘. Користам најразлични техники и стилови на цртање, во најголема мера тоа зависи од текстот, од амбиентот и атмосферата на тоа што е напишано, зошто илустрацијата е продолжение на текстот. Па потоа по неколку неуспешни обиди, фрустрации, внатрешно премислување и борба, доаѓам до решение од кое сум задоволен. До сега во моите илустрации имам користено дигитален цртеж, акрил, водени бои, пастели, дрвени бои… одлуката за тоа што да се користи е многу интуитивна. Но, на крај, техниката на цртање и стилот се само алатки, она што вистински допира до луѓето е цртежот и емоцијата што ја пренесува.. На нашиот мал пазар, очекувано е дека одзивот е скромен, бројот на луѓе кои читаат и купуваат книги е мал, особено оние кои купуваат книги за деца. Но, тоа ќе се промени само ако имаме квалитетна понуда на домашна и светска литература за деца и млади. Последните неколку години има зголемена продукција на детски книги и сликовници и многу се радувам што и писателите и издавачите почнаа тренд на продукција и преводи на повеќе книги за деца, со што секојдневно се подобрува состојбата.“
(portret.digital – опремата е на глобус)