Македонија веќе долго време се наоѓа во спирала на политички кризи, кои ја разнишуваат стабилноста на земјата и го забавуваат нејзиниот напредок. Политичките партии се соочуваат со постојани разногласија, што често резултира во блокади и нестабилни владини коалиции. Дали ќе биде така и овој пат со новата владина коалиција останува да видиме, велат експертите за Цивил медиа
НАЗМИ АБДУРАХМАНИ
Со завршувањето на изборите и создавањето на новото парламентарно мнозинство, на повидок е формирање на Влада од речиси две третини од пратениците, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.
Предупредувањата од политичките партии, особено од оние на Европскиот фронт, се дека ќе имаме жешко лето, не само поради топлото време кое преовладува во ова годишно време, туку од политички причини, особено поради, како што велат – „легитимитетот“.
Универзитетскиот професор Мурат Алиу за ЦИВИЛ МЕДИА вели дека прашањата се посложени од предупредувањата на Европскиот фронт.
„Точно е дека Македонија ја очекува ‘жешко’ политичко лето. Тоа се должи на фактот дека новата влада ќе се соочи со многу проблеми, наталожени од порано. На прво место на политичката агенда на новата влада ќе биде борбата против корупцијата, економската криза и секако односите со нашите соседи, Бугарија и Грција“, вели Алиу.
ДАЛИ Е МОЖНО ДА ИМА ЕСКАЛАЦИЈА НА СИТУАЦИЈАТА? Европски фронт ја смета за „моноетничка мајоризација“ владината коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН, кои до вчера беа во опозиција и кои на изборите добија околу 30.000 гласови помалку од ривалската коалиција. Од друга страна, ВЛЕН сметаат дека победиле на изборите затоа што собрале 107 илјади албански гласови.
Пред неколку дена во Тетово, лидерите на коалицијата Европски фронт, покрај заканувачките изјави, потпишаа и изјава во која велат дека новата владина коалиција „го нарушува легитимитетот на другите етнички заедници, го минира соживотот, демократијата и не треба да се дозволи од сите нас заедно“.
Алиу вели дека не може да има ескалација на ситуацијата, бидејќи ДУИ нема поддршка.
„Што се однесува до можноста за ‘ескалација’ на ситуацијата предизвикана од Демократската унија за интеграција, мислам дека такво нешто не може да се случи. Тоа е затоа што такво нешто нема да биде поддржано ниту од надворешниот фактор, ниту од внатре. Притоа, овој дискурс на ДУИ е ориентиран кон внатрешното членство, со цел консолидирање на нивните партиски редови. Меѓу другото, ДУИ со ставање на овој акцент – дека власта го нема легитимитетот на Албанците, има за цел да ја делегитимира албанската коалиција во владата и е подготовка за следната кампања за локалните избори“, вели универзитетскиот професор Алиу.
Алиу понатаму нагласува дека најдобро за самата ДУИ, за Албанците и за демократијата е да влезат во процес на реформирање и на тој начин да се подготват за изборите и идните политички битки.
ИМА ЛИ СЛИЧНОСТИ МЕЃУ КОАЛИЦИЈАТА ОД 2006 ГОДИНА И СЕГА? Во летото 2006 година, тогашниот мандатар Никола Груевски направи коалиција со албанската партија ДПА (Демократска партија на Албанците) со 11 пратеници, која имаше помалку пратеници од победникот на тогашните избори, Демократската унија за интеграција (ДУИ) во коалиција со Партија за демократски просперитет (ПДП) и Демократската лига на Бошњаците (ДЛБ) со 17 пратеници. Оваа коалиција на чело со ДУИ тогаш го проблематизираше ова прашање поради мајоризација на албанските гласови, при што политичката криза по 18 месеци заврши со „мајскиот договор“ меѓу Али Ахмети и Никола Груевски кој траеше до 2017 година.
Комуникологот и политички аналитичар Сефер Тахири коалицијата од 2006 година ја гледа како идеолошко партнерство, а сега како консензус за ДУИ да оди во опозиција.
„Владината коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДПА во 2006 година беше формирана врз основа на стратешко партнерство, кое се засноваше на десничарската идеологија која овие две партии ја прокламираа. Додека коалицијата 2024 година, иако има сличности на конзервативниот идеолошки аспект, промовирана од партијата на Мицкоски и коалиционите партии ВЛЕН, не може да се каже дека е формирана на оваа основа, туку е резултат на консензусот на двата блока, ДУИ да оди во опозиција“, вели Тахири.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој се очекува во петокот утре да го добие мандатот за формирање на владина коалиција, го чекаат многу предизвици, почнувајќи од борбата против корупцијата, употребата на уставното име на државата и реформите што ги најави за време на неговата изборна кампања, додека ВЛЕН се соочува со предизвикот на подобро владеење од тоа на ДУИ.
Граѓаните, истоштени од хронична состојба на несигурност, бараат решенија кои ќе овозможат подобра иднина и реални промени. Дали е можно конечно да се излезе од овој маѓепсан круг?
(civilmedia.mk)