Додека скопјани се незадоволни, а вработени во градски претпријатија протестираа за неисплатени плати, Арсовска беше избрана за портпарол и координатор за следење и спречување на корупција на локално и регионално ниво на Конгресот на локални власти во Советот на Европа. Таа ќе го претставува Конгресот на сите значајни настани организирани од Советот на Европа и меѓувладиниот сектор за прашања на јавната етика и корупцијата.
СУНЧИЦА СТОЈАНОВСКА ЗОКИМОВСКА
Додека вработени во градски претпријатија протестираа за плати и под закана е дали Скопје ќе ја зачува титулата Град на културата во Европа за 2028, Арсовска надвор од државата беше избрана за координатор за следење и спречување на корупција во Конгресот на локални власти во Советот на Европа, претседаваше со Форумот на градоначалници во ОН, а Град Скопје доби признание „Европска диплома“…Работата надвор – дома не се гледа, велат граѓани за РСЕ.
Многу сум задоволна од тоа како е среден и украсен градот, од редовноста на автобусите на секои пет минути да не можеш да избереш во кој да се качиш, од тоа како се чисти и топли, убавина…, вели иронично Марија Диев, жителка на скопската општина Центар, додека го поминува плоштадот во центарот на Скопје.
„Најмногу им се радувам на кучињата скитници кои ме пречекуваат секое утро во седум часот, кога одам на работа и често трчаат по мене“, вели Марија.
Нејзиниот ироничен коментар се однесува на состојбите во Град Скопје под водство на градоначалничката Данела Арсовска, која ја привршува третата година од мандатот во континуиран конфликт со сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ и под постојани критики од скопјани, најмногу за јавниот превоз и за хигиената во Градот.
Граѓани дополнително ги иритира тоа што на пет дена пред Нова година, беше неизвесно дали ќе има организиран дочек на плоштадот „Македонија“. Градот дури вчера објави дека прослава ќе има, а ќе настапат четири групи.
„Не е ниту украсено како што треба. Скопје никогаш не било помрачно и подепресивно за Нова Година“, вели студентот Владимир Давидовиќ.
Од Комората на музичката индустрија информираа дека музичарите не ги добиле договорените хонорари за ланскиот дочек. На ова од Град Скопје одговорија дека на музичарите со кои не потпишале договори не им должат ништо.
ПРИЗНАНИЈА НАДВОР, КРИТИКИ ДОМА Нејзини надлежности, меѓу другите, се да го координира и подобри влијанието на работата на Конгресот за спречување корупција кај локални и регионални власти.
Минатата година, градоначалничката на Скопје беше избрана за претседателка на Форумот на градоначалници што се одржа во Обединетите Нации во Женева, Швајцарија. Град Скопје тогаш објави дека таа ја добила довербата преку директно гласање на Форумот во кој учествува по еден градоначалник од секоја држава од Пан-европскиот регион, Северна Америка, Африка, Азија, Латинска Америка и Блискиот Исток.
Преку оваа функција, Арсовска ќе учествува во формирањето на програмата на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиштето на Обединетите Нации, и преку усвојување на декларации ќе учествуваат во креирање на меѓународните политики за локалните власти.
Летово, пак, Град Скопје доби признание „Европска диплома“ од Парламентарното Собрание на Советот на Европа, за „промовирањето на европскиот идеал, исклучителни меѓународни активности и соработка“.
„На Градот Скопје и на градоначалничката во овој мандат покрај оние кои ги наведовте, се доделени над стотина признанија и награди од меѓународни и домашни институции и организации. Истите се за придонес и поддршка на социјално ранливите категории, лицата и деца со попреченост, поддршка на младите, проекти за одржливост и награда од Младинскиот климатски фонд од САД за Првата регионална биотехнолошка лабараторија на Град Скопје..“, одговорија од Градот за Радио Слободна Европа(РСЕ).
ПРИЗНАНИЈАТА ДОМА НЕ СЕ ГЛЕДААТ Но, граѓани со кои разговараше РСЕ велат дека работата надвор – дома не се гледа.
„И да е добра менаџерка, тоа не успеа да го покаже откако се скара со сите. Барајќи ги грешките на нејзиниот претходник, не стигна да ги спроведе сопствените предизборни ветувања. Мислам дека се зафати со преголем залак, да го води Скопје, сама. Градскиот превоз е во колапс од почетокот на нејзиниот мандат, ѓубре и отпад не се собира редовно, улиците не се измиени и изметени, улицата „Македонија“ и плоштадот се срам за главниот град, иако треба да бидат најрепрезентативни“, вели Билјана Дамеска, жителка на општина Аеродром.
ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ – СОВЕТНИЦИТЕ Градските служби посочија дека проблемот е во советниците кои ги кочат проектите. „Без одлуки од Советот за проектите и активностите од јавен интерес,
не постои законска можност градоначалникот да спроведе најголем дел од програмските активности за кои реакции има и во јавноста. Последен пример се одлуките за јавниот превоз и комунална хигиена каде одлуките од Совет се донесоа дури по реакциите од јавноста со скоро девет месеци задоцнување во 2024 година, а штетите од неносење на тие одлуки од Советот не можат да се надоместат за три месеци“, ни одговорија од Град Скопје.
Арсовска беше избрана за градоначалничка на локалните избори во 2021, со поддршка од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата и сегашен премиер Христијан Мицкоски тогаш рече дека нивната кандидатка Данела Арсовка има импозантна биографија, докажани и признаени успеси во стопанството, прогласена е за најдобар женски пример во деловниот свет за Југоисточна Европа и дека таа ќе го креира идниот развој на Скопје.
Откако им се разидоа патиштата уште во првата година од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите во главниот град, во кој ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во Советот.
ПОЛИТИКА НА ГРБОТ НА ГРАЃАНИТЕ Најочигледна последица од бојкотот меѓу Арсовска и градскиот Совет е нефункционирањето на јавниот градски превоз. Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) нема доволно автобуси, тие што ги има доцнат или често се расипуваат, дел од приватните превозници на 26 декември повторно го прекинаа превозот поради, како што велат, неисплатени долгови од ЈСП што датираат од јуни. ЈСП е во долгови и Владата неколку пати му даде субвенции за пртпријатието за да продолжи да работи.
Во неколку наврати главниот град се соочи со проблеми со несобрано ѓубре од контејнерите. Преку протест вработени во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ лани во јули бараа повисоки плати и враќање на отпуштени работници, за кои што надлежните тврдеа дека не доаѓале на работа, а земале плата.
Арсовска неколку пати до сега ја обвини централната власт дека главна причина за проблемите во јавниот превози и градската хигиена се неизгласаните програми во Советот на Градот од советниците двете најголеми партии ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ.
Под знак прашалник е и дали Скопје ќе ја зачува титулата Град на културата во Европа за 2028, што му беше доделена лани во септември во Брисел, од страна на Европската комисија (ЕК). Одборот во ЕК изразил загриженост од информациите кои ги добил од претставници од Северна Македонија за активностите околу организирањето на настанот Скопје Европска престолнина на културата 2028, стои во извештајот објавен на интернет-страницата на ЕК.
Сегашните закони не дозволуваат можност да се смени градоначалник ако граѓаните се незадоволни од неговата работа. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ најави измени во Законот за локална самоуправа, за градоначалниците да можат да се отповикуваат на референдум пред да им заврши четиригодишниот мандат.
Арсовска веќе изјави дека нема амбиции за втор мандат.
Следните локални избори во Северна Македонија треба да се одржат во октомври 2025 година.
(РСЕ)