Во Драмски се случи праизведбата на „Мојот маж“, претстава работена по книгата на писателката Румена Бужаровска во режија на Нела Витошевиќ. Претстава за која се вели дека е обид да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
По нецели две години од поставувањето на „Странци“, претставата за која и натаму се бара карта повеќе, Нела Витошевиќ се враќа во Драмски театар-Скопје со нов проект. Овојпат, наместо по филмско сценарио, посега по книгата „Мојот маж“ на Румена Бужаровска. Станува збор за проект кој во годиниве наназад на два пати бил одбиван на Годишниот конкурс на Министерството за култура, за да конечно биде исправен на сцена во текот на изминативе нецели три месеца.
Витошевиќ, која заедно со Викторија Рангелова – Петровска ја направиле драмската адаптација, во своето обраќање до публиката ќе забележи дека структурата на театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени дела, од драматизацијата на шесте раскази „Супа“, „Празно гнездо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени“ и „Лиле“ и од документарениот материјал произлезен од авторските монолози на учесниците во неа. Таа истакнува дека дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел (авторските монолози) тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, се уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото, пишува Витошевиќ.
„Се обидовме некако да нурнеме во нашите мисли, да трагаме по нашата психа и да отвориме некои горливи прашања за нашето општество. Да се обидеме на некој начин преку отворањето на некои ранливи точки да проговориме за некои стигми и табуа којшто се длабоко вкоренети во македонскиот конзервативизам и патријархат и да речеме на еден многу искрен и реален начин да воспоставиме дијалог не само со расказите на Румена туку и со самата публика“, вели режисерката.
Таа дополнува дека заедно со актерите и целата екипа пробале да отворат некои мемориски кеси и преку тоа да отворат еден цел архив од мемории којшто произлегуваат од општеството во кое живееме, од конзервативните стеги коишто ни се наметнати, од обреметеноста со религија и на тој начин да ги отворат главните три теми кои според неа ги носат расказите на Бужаровска а тоа се: темата за промашен живот, неверството и грижата на совест.
„Првиот пат кога ги читав расказите на Румена почнав да се прашувам за причините. Ми беше интересно што ме мотивираа да се запрашам за сопствените пориви, за сопствените стравови, сопствените вредности, сопствените трауми, и да се обидам да проникнам како тие ме формирале како личност и што е тоа од сите тие белези што денес сеуште го носам. И не само јас, туку сите ние како општество. И дали тие рани и белези што останале сеуште крварат. Дали е нешто што останува само како белег или е останато како рана која непрестано крвави“, истакнува Витошевиќ.
Инаку, таа воопшто не крие дека оваа двеипол часовна претстава (која ако имале и подолг процес можела да биде и подолга) и е еден од најдрагите проекти досега и дека со неа, заедно со Румена Бужаровска, продолжуваа да ја негуваат традицијата на тандеми во Драмски театар по угледот на Слободан Унковски и Горан Стефановски.
Режисерката и со голема благодарност до актерите од претставата, за кои вели дека ја следеле во еден процес кој е нов и уникатен и за неа и за нив, и кои многу брзо откако започнале со работа поверувале во целата идеја и се впуштиле во неа „како по тобоган“
Во „Мојот маж“ играат и дел од сопствената интима оставаат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.
Сања Арсовска, откако ќе забележи дека е среќна што е дел од проект во кој посега по расказите на Румена Бужаровска, а кој го режира Нела Витошевиќ, ќе рече дека во него тие „вадат по едно или повеќе парчиња од своите животи“.
„Не е направено тоа за да кажеме колку ние колку можеме да се отвориме и каде можеме да пристигнеме, туку е направено на еден начин да можеме да си помогнеме и себе си и на сите останати којшто би се идентификувале со тоа што го доживуваме ние на сцената. Претставата со еден збор би ја дефинирала како искрена и тука би застанала. Ние искрено влеговме, искрено сеуште опстојуваме во претставата и искрено ќе ја одржуваме затоа што нема поинаков начин на којшто може да се игра еден ваков тип на театар којшто е различен и за нас како актери и за публиката“, ќе рече Арсовска.
Трајанка Илиева – Вељиќ појаснува дека сега во очи на премиерата тие како актери се чувствуваат на сигурно тло, но дека во текот на процесот имало такви отварања што дури „биле отровни за себе и за другите“.
Исмет Шабановиќ, кому ова му е прва претстава во Драмски театар, ќе рече дека наспроти уморот тој сега јасно гледа колку тие по овие два и нешто повеќе месеци поминати заедно се различни во однос на емоцијата која сега ја носат. За него е важно што во процесот на подготовка тие расчистуваат со своето минато. Дека не го ставаат под тепих, туку буквално „го вадат џигерот на сцена“. Дека додека играат околу нив летаат многу емоции и многу флешови кои едноставно не ке можат да се контролираат.
Емилија Мицевска забележува дека „нив жените работата на проектот ги направила вистински жени бидејќи им помогнала приватно да се соочат со некои нешта и полесно да живеат“. Дека направиле голема, „молекуларна“ претстава.
Наталија Теодосиева смета дека потпишуваат не само искрена туку и многу храбра претстава и дека тие се толку храбри како актери и уметници што и дозволуваат на публиката да го види и да го слушне она што веројатно не би го кажале ни на психијатар. И сето тоа затоа што ја сакаат публиката, затоа што толку многу, дури неизмерно го љубат театарот.
Сара Климоска по прв пат е во Драмски и со Нела Витошевиќ со која имала огромна желба да работи. Неизмерно е радосна што тоа се случило со македонски текст и писателка каква што е Румена Бужаровска.
Игор Ангелов, како најстар, како што ќе рече, бил и најзбунет, а Филип Трајковиќ истакнува дека имале исклучително интензивен период на проникнување и дека ако тие како актери обично „зипуваат“ некој карактер за потоа да го дадат во час и половина на сцена, овде имало еден обратен процес.
„Направивме ’анзип’ на нашите животи. Ги отворивме и мислам дека тој тип на соголување на самите себе си е сублимат на сето кажано досега. Дадовме се од себе и оставивме се од себе. Некој гради, остава куќи. Тоа е опипливо, се гледа. Еве, јас сега имам поента зошто ние се бавиме со оваа професија. Затоа што и ние оставаме нешто многу големо зад себе. Нешто што не може да се допре, но и тоа како ќе се почувствува“, вели актерот.