Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана всушност постои 40 години, а македонистичките студии навистина започунуваат во далечната 1962 година кога се отвора лекторатот по македонски јазик (во рамките на Катедрата за српскохрватски јазик и книжевност) што најпрвин го водеше Блаже Ристовски

АНА АРСЕНОВСКА ЗАФИРОВА
„Македонистиката не би требало да биде загрозена ако постојано посветено се грижиме за неа, ја негуваме и развиваме и настојуваме нејзината важност да биде аргументирана со добри резултати од нашата работа“, вели проф. д-р Намита Субиото, која ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на одделот за Славистика при Филозофскиот факултет во Љубљана. Иако бројот на нејзините студенти не е голем, досега под нејзиното менторство се одбранети над 80 дипломски и магистерски трудови, постоењето на катедрата игра значајна улога во промоција на Македонија, но и во одржување на релација со македонските културни друштва кои постојат во Словенија.
Ја водите најстарата катедра за македонски јазик надвор од Македонија, а Вие сте вклучени во нејзиното постоење повеќе од 20. Како гледате на нејзиниот развој?
– Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана всушност постои 40 години, а македонистичките студии навистина започунуваат во далечната 1962 година кога се отвора лекторатот по македонски јазик (во рамките на Катедрата за српскохрватски јазик и книжевност) што најпрвин го водеше Блаже Ристовски.
Под водство на неговиот наследник, Драги Стефанија, кој беше и мој професор, лекторатот прераснува во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност во рамките на Одделот за словенски јазици и книжевности, денес Оддел за славистика, а предметите по македонски јазик и книжевност стануваат интегрален дел најпрвин од студиската програма Српскохрватски и македонски јазик и книжевности (на која се запишав и јас токму во годината на распадот на СФРЈ), потоа хрватски, српски и македонски јазик со книжевностите, а по болоњската реформа Јужнословенски студии.
Лекторатот, па и Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана се основани најверојатно за да се зајакне меѓурепубличката соработка и на универзитетското ниво, поради потреба од учители на овие јазици и книжевности што тогаш биле дел од школските курикулуми, (книжевни) преведувачи, филолози истражувачи итн. По распадот на СФРЈ се случуваат реформи во образовната и културната политика, јужнословенските јазици и книжевности испаднаа од школските курикулуми, се реформираа и студиските програми… Главните задачи на Катедрата во тој период беа и остануваат да ја негуваме и чуваме македонистиката на нашиот факултет како научна дисциплина, да ги развиваме македонистичките содржини во студиските програми и да го одржуваме интересот за изучување македонски јазик, литература и култура.

Каков е интересот за неа сега? Кој сé е заинтересиран да изучува македонски јазик?
– Македонскиот јазик, литература и култура на нашиот факултет се изучуваат како задолжителни предмети на преддипломската и дипломската програма Јужнословенски студии, а македонистичките содржини се вклучени и во докторската програма Хуманистика и општествени науки, насока Славистички студии. Интересот не е масовен, но е постојан, моментално имаме студенти на сите три степени. На првиот најчесто се запишуваат студенти без предзнаење на македонскиот јазик, а со познавање на друг или повеќе други јужнословенски јазици.
Македонскиот јазик може да се изучува и во форма на изборен лекторат и на него се запишуваат студенти кои студираат други словенски јазици и други студии на нашиот факултет, а понекогаш и студенти од други факултети (архитектонски, машински, биотехнички…) или студенти на студиска размена. Некои од нив имаат пријатели или роднини во Македонија и сакаат да го научат нивниот јазик, а некои го изучуваат за да се подготват за студиски престој во Македонија или пак нивните истражувачки теми се поврзани со Македонија. И предметот македонска книжевност е отворен за други студенти, а на него најчесто се запишуваат компаративисти. Понекогаш изборните предмети ги слушаат и студенти Македонци кои студираат нешто сосема друго, но сакаат да останат во контакт со мајчиниот јазик.
Катедра со традиција долга 40 години и мисија што продолжува
Какво влијание одигра оваа катедра во градење на интересот на словенечката јавност и на издавачите за македонската литература?
Годинава одбележуваме 90 години од раѓањето на еден од најистакнатите македонски прозаисти – Ташко Георгиевски. Кога го истражував неговиот опус за мојата докторска дисертација, имав чест да се запознаам со него лично и тој ми кажа дека токму мојот професор, основачот на Катедрата за македонски јазик и книжевност е најзаслужен за објавувањето на неговите романи „Црно семе“ и „Црвениот коњ“ на словенечки.
На катедрата постојано се трудиме да го задржиме интересот на словенечката јавност за македонската литература, соработуваме со неколку издавачи, со Друштво на словенечки писатели и Друштво на словенечки книжевни преведувачи, со националните медиуми… А постојат и одлични светски реномирани современи автори и авторки, како Лидија Димковска, Гоце Смилевски, Румена Бужаровска, Никола Маџиров кои го вртат вниманието на словенеките читатели и без посебно ангажирање на нашата катедра.
Вашата професионална посветеност овозможија Ацо Шопов и Петре М. Андреевски да бидат блиску до Словенците. Што толку Ве врза со јазикот и Македонија?
– Со македонскиот јазик најпрвин ме поврза љубопитност што беше и една од причините да се запишам на студската програма хрватски, српски и македонски јазик со книжевности. Уште при предавањата по фонетика и фонологија ме привлече ритамот на македонскиот јазик, а во неговата убавина, магичност и сила се убедив читајќи ги делата како што се „Небиднина“,„Вампир“, „Црно семе“… Ацо Шопов, Петре М. Андреевски, Ташко Георгиевски и многу други автори и авторки не само што го задржаа мојот интерес за македонскиот јазик, литература и култура туку го претворија во моето професионално, а често и приватно секојдневие.
Кога во 2002 година за прв пат дојдов во Охрид на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура почувствував некаква посебна енергија и топлина од самиот град, од Езерото, а најмногу од луѓето со кои имав чест да се запознаам. Со некои од нив соработуваме и денес, а во меѓувреме мојот круг на драги колеги и пријатели од Македонија се прошири и уште се шири.
Какви се новите словенечки – македонисти? Што е тоа што нив ги провоцира или го буди интересот за проучување на јазикот и книжевноста?
– Иако бројот на моите студенти не е голем, меѓу нив речиси во секоја генерација има и такви што искажуваат посебен интерес за македонистиката. Во последните дваесетина години на нашиот факултет се одбранети 84 дипломски и магистерски трудови токму од оваа област или дводисциплинарни (трудови во комбинација со словенистика, социологија, историја, чешки јазик, општа лингвистика, палеославистика, географија…), а три од нив добија награда за најдобри трудови на факултет, од кои би го истакнала магистерскиот труд „Концептот на етимолошкиот речник на македонски јазик“ од Емилија Нешкоска Чретник која го продолжува својот интерес на ова подрачје на докторските студии. Моментално се работи и на докторската дисертација за македонската литература за деца, на магистерскиот труд за словенечкиот и македонскиот интимизам итн. Неколку мои бивши студенти се покажаа како талентирани книжевни преведувачи и денес можеме да ги читаме книгите на Славе Ѓорѓо Димоски, Александар Прокопиев, Петар Андоновски и други во нивни преводи, а минатата година престижната награда за млади книжевни преведувачи што ја доделува Друштвото на словенечки книжевни преведувачи, ја доби Маја Ковач за нејзиниот восхитувачки препев на целокупниот опус на Даница Ручигај.
Во моментов значително се зголеми бројот на македонски иселеници во Словенија, што не беше случај дури ниту во поранешната заедничка држава. Каков однос имате со нив?
– Нашата катедра има добра соработка со македонските културни друштва на подрачјето на култура и образование. Минатата година Сојузот на македонските културни друштва на Република Словенија основа книжевна едиција Македонска култура, а мене ме замолија да бидам главен уредник. Првата книга беше посветена на стогодишнината од раѓањето на големиот Ацо Шопов и педесет години ликовно творештво на академскиот сликар Боге Димовски, а главната тема на втората ќе биде 80 години од македонската азбука.
Знам дека во Словенија студираат голем број македонски студенти, на нашиот факултет организиравме и неколку средби со едно од нивите друштва, некои се запишуваат и на изборни предмети кај мене, а за други не знам колку се упатени во мојата работа.
Освен образовната, каква друга улога има оваа катедра? Дали може да направите дистинкција колку е значајно нејзиното постоење во словенечки контекст, а колку е битно за македонскиот?
– Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана ја гледам и како место на поврзување меѓу словенечките и македонските македонисти и слависти и како еден вид центар од кој словенечката научна и културна средина добива информации поврзани со македонскиот јазик, литература и култура, а македонската средина за рецепцијата на нејзината култура и уметност во Словенија.
Вие сте редовна учесничка на Семинарот за македонски јазик во Охрид и активно придонесувате во активностите со катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје. Како проучувач каков е вашиот поглед на развојот на македонистиката, во овој политички контекст за Македонија? Дали таа е загрозена?
– Македонистиката не би требало да биде загрозена ако постојано посветено се грижиме за неа, ја негуваме и развиваме и настојуваме нејзината важност да биде аргументирана со добри резултати од нашата работа и како таква препознаена во сите сфери, не само од надлежните министерства и институции. Ова важи за секој политички контекст и никогаш не е едноставно, но македонистиката е цврсто втемелена во делото на големите македонисти со Конески на чело и треба само смело да се продолжи понатаму. За да се постигнат добри резултати е многу важна добра, искрена и сложна соработка на сите државни македонистички институции.
Што треба да направиме за да се зајакнат катедрите и лекторатите надвор од земјата?
– Да се поддржуваат државните македонистички институции, да се иницираат и да се поддржуваат квалитетни проекти, да се покаже и докаже разбирање дека грижата за македонскиот јазик и афирмација на македонската литература и култура не се само приоритетни задачи туку и национална гордост. А лекторатите за македонски јазик, литература и култура надвор од земјата би требало да се сметаат за значајни центри не само за изучување на јазикот туку и за промоција на државата воопшто.
(Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии)