На Свети Илија, во збегот околу пладне дошол абер дека турскиот аскер го опустошил Претор. Ограбил се што било вредно, па ги запалил куќите и продолжил кон Долна Преспа. Кога го слушнал тоа, Јон Јанков Суџов, кметот на Претор, го помилувал својот прв внук и миленик четиригодишниот Јаким, се поздрави со жена му Цвета и со керките, и кинисал кон селото
МЕТОДИЈА ЈОНОВСКИ
Први августовски денови 1903 во Претор. Селото со денови беше празно. Жените, децата и старите биле избегани во планината, кај „Сребрена вода“ и „Дабџеј нивје“ подалеку од патот зашто Турците кога се движат од Горна кон Долна Преспа или обратно, мораат да поминат низ Претор. Насекаде комитите воделе нерамни борби со турскиот аскер. За одмазда Турците не оставија ниту едно незапалено село во Преспа. Многу мажи, жени и деца беа ѕверски измачувани и убиени. Лугето останаа без крави, волови, овци и кози. Се им однесоа Турците. Житото остана неожнеано по нивјето. Не можело да се видат коњи на преторските гумна како го вршат вравот со житно класје околу стожерот.
И фамилиите на Суџовци веќе цела недела било избегани во планината. Јон, Андреја и Петре биле синови на Јанкула. Сите биле учени, но најмногу школо имаше Андреја. Тој во Стамбол каде што живеел еден период со татко му Јанко, го имал завршено познатиот колеџ Роберт. Јон имал два сина, Димитар и Панде, кои беа во комитските чети.
За заслугите во Илинденското востание, на Димитар, за жал педесетина години подоцна, му било доделено високото државно признание „Илинденска споменица 1903“ а пак, Панде, по Првата светска војна, во три мандати беше претседател на општината. Претседател на општината, која го опфаќаше подрачјето на Горна Преспа од Претор па се до Ресен на север, ќе стане и внукот на Јона од синот Димитар, Јаким. Јон имаше три керки, Василка, Ивана и Неда, Андреја ја имал само керката единица Божана, а, пак, Петре долго време немал челад, па го имал посвоено Нонета.
На Свети Илија, во збегот околу пладне дошол абер дека турскиот аскер го опустошил Претор. Ограбил се што било вредно, па ги запалил куќите и продолжил кон Долна Преспа. Кога го слушнал тоа, Јон Јанков Суџов, кметот на Претор, го помилувал својот прв внук и миленик четиригодишниот Јаким, се поздрави со жена му Цвета и со керките, и кинисал кон селото. На вјасина стигнал до своето лозје на „Копач“. Тука ја сокрил својата пушка, а на појас ја остави кубурата што му ја имал подарено неговиот пријател Дамјан Груев. Со него бил и неговиот момок, Христо од Ќулумовци. Думани чад беа кренати над селото.
– Да повјасаме, немам трпение да видам дали нешто останало во селото, му рекол Јон на момокот. Само што дојшле над селото го сретнале Видина, негов сосед и близок родина.
– К’ј да са опулиш се е пеплосано, само стисојте останаа од кујќите. Глетката е очајна, рече Видин. Јон беше попарен. – Барем некоја ока мед да извадевме од кошарината со пчели, рече преторскиот коџобашија со горчина во душата.
– Од кај синорине гредат други Турци. Да бегаме в планина, извика Видин.
– Јас останувам тука. Ќе им се одмаздам на Турците за големиот зулум, рече Јон и му заповеда на момокот Христо да потрча до лозјето и да му ја донесе пушката со редениците. Видин го молеше Јона веднаш да се упатат кон збегот во планината, но тој не го послуша. Штом стигна момокот Христо се скрил зад трњето во неговата бавча над патот на излезот од селото, чекајќи го турскиот аскер да се појави од кај светичето, параклисот Свети Тодорија, на ширинката кај Чешковци, зашто селото веќе беше запалено, и за очекување беше дека Турците нема да се задржуваат во Претор, туку ќе се упатат право кон долнопреспанските села. Така и би. Кога аскерот наближа до бавчата на Јона, тој се прекрсти и рече:
– Господе, прости ми. Нанишани и почна да стрела кон аскерот. Еден падна, по него друг, трет, покоси петмина Турци. Аскерот веднаш отвори оган кон местото од каде што пукаше Јон. Беше ранет на неколку места. Целиот беше облеан во крв.
– Бегај нагоре, му рече на момокот кој беше ранет во десната рака. Тој потрча покрај градешот и побегна кон „Копач“. Јон Суџов, тешко ранет, немаше каде против многубројниот аскер.
– Нема жив да ме фатите, клети Турци, храбро извика Јон. Ја зел кубурата, ја вперил кон челото и се самоубил. Oвчарчето на Суџовци, момокот Христо едвам стигна во збегот и кажал за случката, но набргу и тој починал заради обилното крварење.
Кога сонцето веќе беше зајдено зад Галичица и веќе се стемнувало, керките на Јона, Василка, Ивана и Неда отишле до селото и го пренесоа мртвото тело на татко им до нивното лозје, кое се наоѓа недалеку од местото каде што си го одзеде животот Јон Суџов. За среќа имало месечина, па трите моми за неколку часа го ископале гробот и тука го погребале својот татко, во најголема тајност, да не се разбере кој ги убил петтемина Турци зашто во минатато Суџовци имале многу лошо искуство со Османлиите. Подоцна останките на Јона беа погребани на преторските гробишта, но и ден денес родот на Суџовци оваа месност во лозјата на Копач ја вика кај гробон на деда Јона“,,.
Всушност, Јон Јанков Суџов е непознатиот херој. За него пишува публицистот Недин, кој во својство на секретар на Скопската митрополија, го придружувал владиката при посетата на сите села на опустошената Преспа, пет месеци по Илинденското востание, односно во декември 1903 година.
Така заврши животот на Јон Суџов од Претор, член на првата клетка на организацијата на ВМРО во Преспа што ја формира учителот Дамјан Груев, во која учествуваа активисти од фамилиите на Љапчевци, Татарчевци, кои од Претор беа преселени во Ресен, Стрезовци и Суџовци од Претор. Јон Суџов учествуваше и на првиот револуционерен „конгрес“ на ВМРО на 15. август 1894 година во куќата на д-р Христо Татарчев, при осветувањето на новата црква Свети Кирил и Методиј во Ресен. Неговиот татко Јанко Суџов беше еден од основачите на Егзархијата. Долги години живееше во Стамбол. Ги засади најголемите лозја во Преспа на падините над источниот брег на Преспанското Езеро и активно работеше на оспособувањето попови за богослужба во црквите во Преспа на славјански јазик место грчките попови на патријаршијата. Заради тоа и беше убиен од грчките патријаршисти во Стамбол, каде што ги управуваше бавчите на Суџовци во кои работеле и до триста гурбетчии од Преспа. Неговото дело на овој план подоцна ќе го продолжи познатиот деец на ВМРО неговиот внук, синот на Јон Суџов, Панде, еден од најпознатите политичари во Преспа во триесеттите години на дваесеттиот век. Во 1927 година, како во несреќен случај во наместен „функционерски лов“ тој, како претседател на општината, беше смртно ранет од српските џандари.
Ете, затоа преторските камбани бијат и за Јон Јанков Суџов, херојот од Илинденското востание.