Зошто надлежните се толку неефикасни во борба со заканувачите кога тие и не го кријат својот идентитет?
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ регистрира повеќе од 3.000 случаи на говор на омраза и повеќе од 200 случаи со дезинформации. Ова го соопшти на прес конференција Џабир Дерала. Тој посочи дека мониторинг тимот на ЦИВИЛ секојдневно бележи дезинформации и говор на омраза на социјалните мрежи, а неретко и во медиумите, нагласи Дерала.
На социјалните мрежи, претежно на Фејсбук и Икс (поранешен Твитер) се бележи трицифрена бројка од коментари на различни објави, во кои се бележи експлицитен говор, говор на омраза, повикување на насилство, и закани со убиства и линч („народен суд“).
Во дел од медиумите, исто така, се бележи неселективно пренесување на дел од објавите на социјалните мрежи во кои има дезинформации и говор на омраза, со што на овој начин на јавна комуникација му се дава кредибилитет и го одобрува таквиот начин на изнесување на ставовите.
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ, колку што дозволуваат условите и времето, ги архивира овие случаи, според методологија усвоена и подобрувана со години наназад.
Целосно обработени случаи на дезинформации и говор на омраза се објавуваат на медиумската платформа на ЦИВИЛ најмалку три пати во неделата, посочи Дерала.
Откако видоа дека директната закана по мојот живот кон крајот на декември минатата година предизвика само краткотрајна врева, центрите за продукција на дезинформации и говор на омраза покренаа нов бран закани во втората половина на март годинава. Да не се стекне погрешен впечаток – валканата кампања за дискредитација и заканите се континуирани и траат веќе со децении. Овде пишувам само за неодамнешните пикови во кампањата, не дека ги нема во меѓувреме.
Јавноста треба да знае дека во валканата кампања со навреди, дискредитација, клевети, омраза и закани не учествуваат само анонимни тролови и трол армии, туку и луѓе со име и презиме, меѓу кои се познати пропагандисти (новинари, интелектуалци и други) и политички лидери или високи партиски функционери. Меѓу нив, се разбира, прикриени, се и припадници на безбедносните структури во земјата, но и од странство. Шарена дружина…
Повеќепати сум кажал дека јас не сум единствената мета на овие кампањи. Нападите и смртните закани врз мене и други поединци во јавниот, граѓанскиот, медиумскиот или политичкиот живот, имаат покомплексна намена освен да заплашат еден човек или група.
Прво и основно, се работи за напад на тоа што го работам и вредностите што ги застапувам, идеите и ставовите за кои пишувам и говорам. Тоа го подразбира и моето пошироко опкружување – организацијата ЦИВИЛ во која сум веќе 25 години, како и редакциите, односно новинарките и новинарите со кои работам, соработниците, експертите и колумнистите со кои соработувам.
Штетата што ја предизвикуваат ентитетите што се занимаваат со криминална контаминација на јавната комуникација и медиумите, не се ограничува само на интелектуалците, медиумите и граѓанското општество.
Нападите се насочени и кон пошироката јавност. Нивна цел е да ги замолкнат луѓето. Да ги заплашат и да им покажат што може да им се случи ако размислуваат со своја глава.
Трол армиите се тука за да го наметнат ставот на своите работодавци како единствено точен. Не како доминантен став, туку единствен. Ни трага од дебата и преиспитување, никој не смее да размислува различно! – тоа е нивната цел.
И за да ја остварат својата цел, радикалните и ултранационалистички, антидемократски и проруски политички и шпионско-субверзивни ентитети (кои се меѓусебно добро поврзани и координирани) се подготвени да одат докрај.
Денеска сакам да споделам неколку препораки до кои дојдов во консултација со литературата (онлајн и на моите полици), како и по разговор со ChatGPT. Значи, прашањето е: Што треба да направите кога се соочувате со говор на омраза и смртни закани? Во соработка со моите колешки и колеги во ЦИВИЛ, деновиве ќе предложиме и подетален документ со препораки што треба да направат оние што се соочуваат со напади и смртни закани.
Пред сѐ, поединците, организациите и редакциите што се соочуваат со дезинформации, говор на омраза и смртни закани треба да знаат дека тие не смеат да се занемаруваат, особено не онака како што тоа го прават институциите во Северна Македонија.
Сфатете ги заканите сериозно! Иако на некој начин е установено непишаното правило „да не им се обрнува внимание“, заканите, дури и ако изгледа дека нема да се спроведат – мора да се сфатат сериозно. Тие имаат поширока цел, а тоа е да ги замолкнат и заплашат луѓето. Исто така, дури и ако постои најмала шанса тие закани да се остварат, тоа значи дека е сериозно нарушена безбедноста на луѓето што се под напад.
ЦИВИЛ со години ги документира и архивира овие напади. Тоа е важна компонента на одбраната од овие напади. Сите податоци за напаѓачите се собираат и се складираат во заштитени дигитални архиви кои се чуваат онлајн, а не во физички простор. Ова е особено важно, затоа што „екипата“ што го изврши нападот на седиштето на ЦИВИЛ, непосредно по 27 април 2017 година, си замина со „празни раце“, поточно само со компјутерска опрема и со мојата гитара. Но тоа се надополни, благодарение на солидарноста и помошта од донаторите. Архивите останаа нечепнати.
Без оглед на тоа колку се неефективни и ги игнорираат овие кампањи, треба да се контактира со институциите и да им се поднесуваат пријави за овие случаи.
Истото се однесува и на социјалните медиуми. Иако повеќето не реагираат соодветно, особено кога се работи за т.н. кодиран јазик со кој се служат пропагандистите и троловите, важно е да се одржуваат „во форма“ разните механизми за заштита од говор на омраза и навредливо однесување на социјалните мрежи.
Важно е да се остане доследен на принципите и вредностите. Гласноста е најголемиот наш сојузник. Притоа, треба да се остане пристоен и конструктивен. На дезинформациите и националистичките наративи треба да се одговори со факти и стории за напредокот и благосостојбата на општеството во кое почитувањето на човековите права и слободи е на прво место.
Не се плашете! Стравот е нивното оружје. Вашиот арсенал е многу поголем и посилен: пристојност, конструктивност, факти, почитување на различностите, почитување на човековите права и слободи – напиша Дерала.