Добитниците се од Русија, Белорусија и Украина, соседи кои имаат врска секако и со војната која владее во тој регион од светот
Овој октомври Нобеловата награда за мир ја доби Алес Бјалијацки од Белорусија кој е во затвор. Покрај него Нобеловата награда ја добија и руската организација за човекови права „Меморијал“ и украинската организација за човекови права Центар за граѓански слободи
Сите три добитници на Нобеловата награда за мир за 2022 година се наградени за нивните напори да документираат кршење на човековите права, објави норвешкиот Нобелов комитет. Берит Рајс-Андерсен, претседател на Норвешкиот Нобелов комитет, рече дека судиите сакале да им оддадат почит на „тројца истакнати шампиони за човекови права, демократија и мирен соживот во соседните земји Белорусија, Русија и Украина. Преку нивните постојани напори во полза на човечките вредности и антимилитаризмот и принципите на правото, овогодинешните лауреати ја ревитализираа и ја издигнаа визијата на Алфред Нобел за мир и братство меѓу народите, визија која е најпотребна во светот денес“, рече таа за новинарите во Осло.
Рајс-Андерсен ги отфрли сугестиите дека изборот на овогодинешните тројца победници е остра порака до Владимир Путин на 70-тиот роденден на рускиот претседател. Наградата, додава таа, секогаш се доделува некому за нешто, а не „против некого“.
Центарот за граѓански слободи на Украина е основан со цел унапредување на човековите права и демократијата. По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Центарот се вклучи во напорите да ги идентификува и документира руските воени злосторства против украинското население. Центарот игра пионерска улога барајќи одговорност од виновните за нивните злосторства.
„Меморијал“ беше основан во 1987 година од активисти за човекови права во поранешниот Советски Сојуз кои сакаа да се погрижат жртвите од угнетувањето на комунистичкиот режим никогаш да не бидат заборавени, особени тие за време на владеењето на Јосиф Сталин. Меморијал се заснова на идејата дека соочувањето со минатите злосторства е од суштинско значење за спречување на нови. Организацијата, исто така, стои на чело на напорите за борба против милитаризмот и промовирање на човекови права и влада заснована на владеење на правото. За време на војните во Чеченија, Меморијал собираше и проверуваше информации за злоупотреби и воени злосторства извршени врз населението од страна на руските и проруските сили. Во 2009 година, шефицата на огранокот на Меморијал во Чеченија, Наталија Естемирова, беше убиена поради тоа.
Тоа беше повеќе мрежа на организации отколку центар со едно место. „Меморијал“ имаше 50 организации во Русија и 11 во други држави. Главната цел на неговата работа е истражувањето на политичката репресија. Во декември 2012 година „Меморијал“ беше затворен со одлука на Московскиот градски суд поради тоа што неговите активисти наводно поддржувале терорисам и ектремизам.
„Меморијал“ како правен субјект беше затворен и ликвидиран во април 2022 година во првите месеци на руската инвазија на Украина. Сепак, некои од неговите активности продолжија. „Меморијал“ чии членови беа едни од најистакнатите активисти за човекови права во Русија, беше под удар на руските власти уште од првите години од доаѓањето на власт на Владимир Путин.
Бјалијацки беше еден од иницијаторите на демократското движење што се појави во Белорусија во средината на 1980-тите во Советскиот Сојуз. Својот живот го посвети на промовирање на демократијата и мирниот развој во неговата родна земја. Тој ја основа организацијата „Вјасна“ (Пролет) во 1996 година. „Вјасна“ еволуираше во широка организација за човекови права која документираше и протестираше против употребата на тортура од страна на властите врз политичките затвореници.
Во 2020 година тој ја доби „Наградата за исправен живот“, нашироко позната како „алтернативна Нобелова награда“. Од јули 2021 тој е во затвор поради наводно даночно затајување.
За време на протестите по претседателските избори во Белорусија во 2020 Бјалијацки стана член на Координативниот совет на Светлана Тихановска, на која, според многуте тврдења ѝ беше одземена победата на претседателските избори.
И покрај огромните лични тешкотии, Бјалијатски не отстапи ни педа во неговата борба за човекови права и демократија во Белорусија.
Според добрите познавачи на работата на Нобеловиот комитет во игра бил и еден кинески дисидент, кој е исто така во затвор, како и политички затвореник од Индија. Оваа дилема укажува дека се повеќе се пшири просторот на агресија врз човековите права во светот а на големо изненадување и Индија се прикажува како земја која не е толку демократска земја каква што била.