Колкави се хонорарите на надворешните соработници во Вила Водно?

ЖAНA П. БOЖИНОВСКА
Досега се платени над 70.000 евра за услугите на надворешните соработници ангажирани за разни прашања – политички, правни, комуникациски, финансиски… Според податоците што ги доби „Слободен печат“ од кабинетот на Силјановска-Давкова, хонорарите за овие надворешни соработници се движат од 30.000 до 60.000 денари месечно.
Канцеларијата на претседателот на Републиката Гордана Силјановска-Давкова досега исплатила над 70.000 евра за услугите на надворешните соработници ангажирани за разни прашања – политички, правни, комуникациски, финансиски… Според податоците што ги доби „Слободен печат“ од кабинетот на Силјановска-Давкова, хонорарите за овие надворешни соработници се движат од 30.000 до 60.000 денари месечно. Највисок хонорар – 60 илјади денари месечно (вкупно 300.000 денари) примил Илија Димовски, кој бил ангажиран како надворешен стручен соработник, како политички советник за прашања поврзани со функционирањето на политичкиот систем во периодот од 13.12.2024 до 31.05.2025 година. Марија Весова примила ист надомест како надворешен стручен соработник за подготовка на анализи за прашања поврзани со домашната политика во медиумскиот простор.
Сепак, нејзиниот ангажман траел само месец и половина, од 15.04.2025 до 31.05.2025 година.
Тања Алтанџиева е ангажирана како надворешен соработник за давање мислења, препораки и консултации во областа на правото и судскиот систем, советувајќи го претседателот од 1.11.2024 година за 50.000 денари месечно (вкупно 550 илјади денари). Денис Јагџи, кој е ангажиран за прашања поврзани со снимање на официјални настани и церемонии, исто така работи за ист надомест – 50 илјади денари месечно – од 17.07.2024 година.
Јасмина Миронски е ангажирана како надворешен соработник за комуникациска стратегија од 1 април за месечен надомест од 50.000 денари (вкупно 300 илјади денари досега). Најдолгогодишен надворешен соработник е Драган Лаковски за прашања од областа на компјутерските системи и мрежи, а од 1 јануари 2024 година, тој прима месечна плата од 50.000 денари.
Горан Ичевски е назначен за надворешен стручен соработник за организирање и координирање на активности за подобрување на системот за внатрешна финансиска контрола. Тој работи од 15 април оваа година за месечна плата од 50.000 денари.
Александар Пауновски работи на прашања поврзани со креирање аудиовизуелни содржини, а е ангажиран од 29 април за 40.000 денари месечно. Од 1 јуни 2025 година, Лина Рангелова е ангажирана и во кабинетот како надворешен соработник за младински прашања, за месечна плата од 30.000 денари.
Пет месеци, од 3 јануари до крајот на мај, Христо Ивановски работеше и во кабинетот како надворешен стручен соработник, односно како советник за прашања поврзани со внатрешната политика, за месечна плата од 40.000 денари.
Минатата година, од 20 мај до крајот на годината, Златко Јанковски беше надворешен стручен соработник за давање експертски мислења, совети, консултации и препораки за прашања поврзани со европската интеграција, политиките на ЕУ, анализи и информации поврзани со тековните процеси во рамките на процесот на преговори со ЕУ, како и во рамките на институциите на ЕУ во периодот од 20 мај 2024 година до 31 декември 2024 година. Неговиот месечен надомест изнесуваше 30.000 денари. Во одговорот што го добивме од кабинетот на Силјановска-Давкова, исто така, се наведува дека „основата за ангажирање на овие лица е пропишана во член 5 од Одлуката за организацијата и делокругот на работа на Кабинетот на претседателот, во која се вели: „Во работата на канцеларијата можат да бидат ангажирани научни и стручни институции и истакнати научни и стручни работници“. Инаку, претседателот на државата, согласно своите уставни овластувања и одговорности, ја формира Комисијата за одликувања и признанија и Комисијата за помилување како постојани работни тела, составени од претседател и членови. Сите тие добиваат надоместок, односно хонорар за секој одржан состанок. Така, Комисијата за одликувања и признанија одржа три состаноци во периодот од 16.1.2025 до 14.3.2025 година. За секое присуство, на членот на Комисијата му се исплаќа 6.500 денари нето хонорар плус 722 денари персонален данок по одржан состанок.
Претседател на Комисијата за почести и одлики е Валентин Мирчески, а членови се Гзиме Старова, Самуел Садикарио, Ана Дурловски, Решат Амети, Андријана Јаневска, Дејан Георгиевски, Гена Теодосиевска, Жарко Башески, Оливера Наковска-Бикова и Весна Петрушевска. За овие седници Комисијата добила нешто помалку од 4 илјади евра.
Втората комисија, онаа за помилување, одржа 13 состаноци во периодот од 26.11.2024 до 28.07.2025 година, при што хонорарот за членовите е ист како и за Комисијата за почести – 6.500 денари нето хонорар, плус 722 денари персонален данок по одржана седница. Претседател на Комисијата за помилување е Милка Ристова, а членови се Оливер Бачановиќ, Александра Груевска-Дракулевски, Блерта Ахмеди, Драгана Батиќ, Афет Мамути и Доан Сулејманоски.
За сите состаноци се исплатени 10 илјади евра. Ова е втор состав на Комисијата. Претходно, во периодот од 29.7.2024 до 5.9.2024 година, Комисијата за помилување беше во различен состав и одржа 4 состаноци, за кои беа исплатени околу три илјади евра. Треба да се напомене дека канцеларијата на сегашната претседателка Силјановска-Давкова е помала од онаа на претходните претседатели. Во канцеларијата работат околу 50 лица и, за разлика од претходните претседатели, Силјановска-Давкова нема специјални советници.
(sloboden.mk – опремата е на Глобус)




