НИКИЦА КОРУБИН
Надзорната расправа за загрозениот статус на Охрид и охридскиот регион, е класичен пример на целосна нефункционалност на контролниот механизам на Собранието над владата. Иако, заклучоците се донесени на 30 јули 2018 година, до ден денес, речиси ништо суштински не е спроведено од 24 заклучоци, кои ги донесе Собранието
Надзорната расправа е еден од главните инструменти во надлежност на собранието. Тоа е всушност контролниот механизам на законодавната власт. Наодите од надзорните расправи може да бидат основа за кривична одговорност. Оттаму, се подразбира дека заклучоците од надзорната расправа се задолжителни за сите за кои се наменети: извршна власт, локална власт, и сите институции кои потоа следат во хиерархијата. Тоа е уставниот поредок кај нас. Тоа се функционални институции, на чиј недостаток сите се повикуваат сега, чиниш кога ги имавме во полн капацитет, беа навистина функционални.
Надзорната расправа за загрозениот статус на Охрид и охридскиот регион, е класичен пример на целосна нефункционалност на контролниот механизам на Собранието над владата. Иако, заклучоците се донесени на 30 јули 2018 година, до ден денес, речиси ништо суштински не е спроведено од 24 заклучоци, кои ги донесе Собранието, како највисока власт во државата, а последователно имаа обврска да ги спроведат сите државни власти, органи и институции за кои беа наменети. Ова е функционалното собрание, кое го немаме, а треба да го вратиме?
Да погледнеме како е постапено, ако воопшто е постапено по неколку од заклучоците:
[v] Се укажува на потребата да се направи ревизија и усогласување на сите постоечки закони коишто го засегаат управувањето со Охридскиот Регион преку транспонирање на Конвенцијата на УНЕСКО од 1972 година за заштита на природно и културно наследство во домашната регулатива.
Што е направено?
Дали може да го прецртаме, како целосно нереализиран заклучок? Заклучок на надзорна расправа во највисок орган во државата, а речиси целосно неспроведен од страна на надлежни институции. Од страна на владата, надлежните министерства, па дури и специјализираните институции.
Следно …
[v] Се укажува на сите надлежни институции при изготвување на закони, стратегии, планови и други документи за Охридскиот Регион, задолжително да биде земено предвид стручното мислење на установите коишто се грижат за природното и културното наследство.
Задолжително да се земе предвид стручното мислење? Она исто стручно мислење од кое сега се откажува владата со смена на тројца експерти од Комисијата за управување со Охрид и охридскиот регион?
Може да го прецртаме како нереализиран заклучок, од страна на највисок орган во државата, оној по чија функционалност сите се повикуваат. А, на брутален начин го елиминира. Или го “елиминираше” осистематски цело време.
Да видиме дали има уште некое за прецртување, како целосно нереализирано.
[v] Се укажува дека е потребна итна промена во одредбите од Законот за градење и Законот за заштита на културно наследство кои дозволуваат интервенции врз недвижното културно наследство да вршат приватни градежни фирми коишто не се стручни во областа на заштитата на културното наследство. Сите стручни интервенции за конзервација и реставрација на недвижното културното наследство да бидат исклучиво во надлежност на установите коишто државата ги формирала за таа намена.
Ова е многу деликатен заклучок, бидејќи третира дел од законот за заштита на културното наследство, но и законот за градење; со кои директно е засегнато нестручното, непрофесионално и крајно проблематично постапување со севкупното културно наследство кај нас. Новиот закон за заштита на културното наследство, кој требаше да биде донесен на Влада најдоцна до јуни 2019 година, се разбира дека не е донесен; иако нацрт текстот е изработен од страна на истите експерти, за кои државата е толку загрижена, што им се заблагодарува со разрешување, шиканирање и опструирање. Ако, Охрид не ви е доволен пример за штетноста на сегашните законски одредби, еве еден посвеж: старата скопска чаршија.
Да го прецртаме, како уште еден нереализиран заклучок? Се разбира, ако може трајно.
[v] На Владата на Република Македонија ѝ се укажува да изврши целосна ревизија на проектот Возобнова на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник (Имарет), вклучително да направи дополнителна консултација со УНЕСКО во врска со моменталната состојба на теренот.
На крајот доаѓа најиндикативниот, би рекла и највидливиот. Толку е видлив во секоја смисла, што нема начин како некој упатен, стручен и загрижен, ќе може да го убедиме дека тоа е всушност “грижа за културното наследство”. Плаошник. Ужасна приказна на нашата реалност. Што за нас значи културното наследство, како се однесуваме кон него, но и како се справуваме со последиците од нечие нестручно, деструктивно и нелогично постапување.
Да го прецртаме, како нереализиран заклучок? Не мора бидејќи на крај, историјата нас ќе не прецрта како комплетно неспособни да го заштитиме она што требаше само да го пренесеме на следните генерации.
Потфрливме како држава. И од таа одговорност никој нема да се спаси. Ќе останеме заробени на желбите на малкумина кои се повикуваат на сите. И затоа следниот пат кога некој ќе повика на „функционални институции” треба да се запраша, што е побитно, целта која нему му се чини најбитна или целта која сите ја испуштаме? И зошто некој би се колнел во функционални институции, затоа што тие да беа вистински функционални, никој нема да можеше да се повикува на нив. Ќе спроведуваше.