ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски на една од прес конференциите после завршените избори за парламентарниот состав од 15 јули годинава, даде изјава со која се сомнева во резултатите на изборите. Причина – големиот број на неважечки ливчиња при ниска излезност на гласачите.
„Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30 илјади кои се несвојствени за избори со ваква излезност, а воедно ќе напоменам дека функционери и експоненти блиски до СДСМ јавно водеа кампања да се пречкртуваат ливчиња и лажно тоа го преставуваа дека е повик на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ кои сега се сметаат за неважечки. Што значи се поништува нивната волја. Затоа ние ќе побараме како политичка партија рачно пребројување на гласачките ливчиња. Потребно е во овие моменти да се заштити волјата на граѓаните. Да се штити демократијата во Република Македонија. Институциите им го должат ова на граѓаните и затоа мора да го реализираат“,
рече Арсовски.
(извор: https://360stepeni.mk/arsovski-barame-da-se-prebrojat-glasachkite-livchina-golem-del-od-nevazhechkite-se-za-vmro-dpmne/) – 360степени | 17 јули, 2020 18:04
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ: Изјавата на Арсовски е невистина, без било каква основа во досегашните изборни резултати. Бројот на неважечки ливчиња отсекогаш бил дел од избониот „фолклор“ а партијата ВМРО ДПМНЕ која 11 години добиваше на сите избори изведени во тој временски дијапазон, никогаш не се жалеше на таквата појава при изјаснување на граѓаните!
Да одиме наназад, до ланските претседателски избори. Во првиот круг, кога учествуваат тројца кандидати бројот на неважечки ливчиња изнесувал 32.696, додека во вториот круг, каде имаше прегласување меѓу двајца кандидати неважечки беа 30.407 гласачки ливчиња. Излезноста и тогаш беше слична – во првиот круг таа изнесуваше 51 отсто а во вториот 45 отсто. Имавме ниска излезност, посебно во вториот круг, пониска од сега (50,5 отсто) ама бројката на ливчиња со разни „хиероглифи“ беше релчиси идентична. А на ливчето немаше никакви сугестии кои би влечеле кон такво однесување на гласачите!?
(Извор: https://mk.wikipedia.org/wiki/Македонски_претседателски_избори_(2019)
Претседателски избори 2019).
Уште поилустративен е примерот со референдумот кој се одржа во земјава во 2018 година, кога излезноста беше доста пониска (истиот не беше обврзувачки). Имено, гласале 609.814 гласачи а неважеќки биле 19.230 ливчиња или близу три отсто од оние кои пристапиле до гласачките кутии. Што би рекол на ова Арсовски!?
Одејќи наназад стигнуваме до локалните избори во 2017 година, кога бројот на неважечки ливчиња бил дури 56 илјади!
Во првиот круг на локалните избори ДИК утврдил дека 44.481 од гласачките ливчиња се неважечки. Бројот на неважечки ливчиња е поголем за нешто над 6.000 од оној за изборите за градоначалник во 2013, кој по двата круга ги имало 38.787.
И во вториот круг на локалните избори во земјава во 2017 година се утврдени голем број неважечки ливчиња. Според податоците на ДИК, вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња во вториот круг е 12.282.
Да не должиме, да укажеме само дека бројот на неважечки ливчиња на парламентарните избори во 2014 година бил 23.428, но тогаш се уважувале и ливчиња на кои имало ненамерна чкртаница или други отстапувања. На претседателските избори во 2009 година имало приближно како и на првиот круг од гласањето – 45.513 неважечки ливчиња.
Ова јасно покажува дека овој тип на гласање е просто дел од изборниот фолклор кај нас. Понатаму, истиот е редовен револт во однос на понудите на партиите односно одговор на разните притисоци за излез на гласање, кога гласачот не може да ги одбие тие постапки кон него ама сепак не го дава својот глас за таквата ситуација.
Како и да е Арсовски не ја говори вистината и се обидува да ја замајува јавноста.
Извор: https://www.pravdiko.mk/nad-56-iljadi-nevazhechki-livchina-na-lokalnite-izbori/)
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери