Должноста за редовно доаѓање на работа и за можноста да се одземе мандатот ако некој пратеник неоправдано отсуствува повеќе од 6 месеци е напишана и во Деловникот за работата на Собранието
Пратеникот Емил Димитриев даде изјава која ја сметаме за недоследна:
Изјава: „Не можам да му одземам нешто што не сум му дал“
[Извор: РСЕ – Виси пратеничкиот мандат на Груевски…,датум: 23.05.2019]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:Спроти седницата на надлежна комисија што треба да расправа за одземање на мандатот на Никола Груевски поради неоправдано отсуство од работата на Собранието, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, даде изјава која e недоследна. Изјавата на Димитриев, поранешниот привремен македонски премиер, е недоследна, бидејќи се политизира нешто што не би требало ако се гледа од правна гледна точка.
Точно е дека пратениците се слободни во изразувањето на своето мислење и ставови и за тоа не можат да одговараат никому, освен политички и морално пред гласачите и евентуално партијата. Но, треба да се земе предвид дека Димитириев има политичка и морална обврска да се однесува подеднакво кон сите пратеници или кон сите граѓани генерално, кога ја извршува својата пратеничка обврска.
Тоа значи дека ако постојат услови или обврски со кои некој пратеник, во случајов Груевски, не ги исполнува своите должности како пратеник, Димитриев, исто како пратеник, без оглед што можеби формално не гласал за Груевски ако бил на друга избирачка листа, е должен совесно и одговорно да ја извршува својата работа, а тоа значи да ги почитува прописите со кои се уредени правата и должностите на пратениците.
А, тие се уредени со три прописи. Највисокиот правен акт во државата – Уставот, децидно ги утврдува приликите кога на еден пратеник може да му се одземе имунитетот. Во Членот 65, алинеја 2 од Уставот се наведува:
На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Ова прашање понатаму е транспонирано во Законот за Собрание. Таму навистина децидно не стои одредбата за одземање на мандатот за неоправдано отсуство од најмалку 6 месеци од работата на Собранието, но се наведува следната реченица во Членот 5, став 4:
(4) Со верификацијата на мандатот пратеникот стекнува права и должности утврдени со Уставот, со закон, Деловникот и со други прописи и општи акти.
Покрај ова во Членот 6, став 4 од истиот закон се наведува дека на пратеникот му престанува мандатот ако е одземен во согласност со Уставот:
(4) На пратеникот му престанува мандатот кога Собранието му го одзема мандатот согласно со Уставот.
Ова упатува повторно на одредбите во Уставот и за начинот на одземање, но и за причините, т.е. одговорноста, односно должностите што треба да ги извршуваат пратениците.
Конечно, должноста за редовно доаѓање на работа и за можноста да се одземе мандатот ако некој пратеник неоправдано отсуствува повеќе од 6 месеци е напишана и во Деловникот за работата на Собранието. Во Членот 59 во два става се нагласува зошто и како се води постапката за одземање на мандатот:
(2) За пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
(3) Предлог за одземање на мандатот на пратеник во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието.
Од погоре изложените факти може да се дојде до заклучок дека пратеникот Емил Димитриев може да гласа согласно своето уверување, но и согласно Уставот, законите и подзаконските акти, а може и да не гласа, бидејќи тоа е негово загарантирано право.
Но, во секој случај, изјавата дека не е сигурен како ќе постапи зашто негов личен став е дека не може да одзеде нешто што не дал, е лошо оправдување и затоа ја оценуваме како недоследна. Таа не е доследна со должностите што Димитриев ги има како пратеник.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.