Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

НАМЕСТО РАБОТНИ ДОЗВОЛИ ЗА СТРАНЦИ, ОБУЧУВАЈТЕ НЕВРАБОТЕНИ РОМИ

July 1, 2025 Filed Under: Македонија

Ромите не мора да бидат товар. Тие се економска можност и потенцијал за локален раст и развој. Ако ние не вложуваме во сопствените граѓани, кој ќе вложи?

ВРАБОТУВАЈТЕ РОМИ Само 16 отсто од работѕоспособните Роми се во редовен работен однос – тие се значаен продуктивен ревир

АСИБ ЗЕКИР

Нашата влада ја зголеми квотата за работни дозволи за странци. Според законот, работните дозволи може да се зголемат до 5% од вкупниот број на вработени во државата. Според податоците од Државниот завод за статистика, Северна Македонија има околу 705.000 вработени лица – што значи дека квотата може да достигне и до 35.250 странски работници.

Истовремено, над 118.000 македонски граѓани се невработени, од кои огромен дел се млади, жени и припадници на ромската заедница. Според реални проценки, во земјава живеат околу 100.000 Роми, иако официјалниот број е 46.000. Над 60% од нив се на работоспособна возраст, но само 16% се формално вработени. Тоа значи дека државата располага со значаен човечки потенцијал, а сепак се определува за увоз на работна сила од странство.

Ромите не се туѓинци. Тие се државјани на Северна Македонија, живеат тука, плаќаат даноци, ги носат своите деца во училишта, користат здравствени услуги, зборуваат македонски и се дел од ова општество. Зошто тогаш да се третираат како товар на социјалниот систем, а не како потенцијал за економски раст?

Зошто државата не инвестира во сопствениот човечки капитал, туку се врти кон странски работници кои ќе дојдат, ќе заработат и ќе си заминат носејќи ја добивката во нивните земји? Решенијата ни се пред очи, но политичките приоритети остануваат заробени во краткорочни сметки.

Да зборуваме со бројки:

Доколку се обучат и вработат 20.000 Роми, со просечна инвестиција од 2.500 евра по лице (за обуки, менторство, субвенции на дефицитарни професии и занаети во изумирање) државата би вложила околу 50 милиони евра. Со просечна бруто плата од 500 евра месечно, тие би генерирале над 120 милиони евра доход годишно. Од тоа, најмалку 36 милиони евра би се вратиле во буџетот преку даноци и придонеси, плус околу 10 милиони евра во заштедени средства од социјална помош, плус дополнителен приход преку потрошувачката и ДДВ.

Ова значи поврат на инвестицијата за една година, и континуиран приход секоја следна година.

Оваа можност, се разбира, не се однесува само на Ромите. И другите долгорочно невработени граѓани заслужуваат поддршка. Но, не смееме веќе да ги игнорираме оние што со децении се ставани на дното на листата на приоритети.

Македонија не може да се развива ако увезува работна сила, додека својата ја охрабрува да се иселува, да гради туѓи економии или уште полошо  да молчи и преживува.

Секој вработен човек е поблизу до стабилност, а секоја изгубена можност – чекор подалеку од одржлива држава.

Ако државата зголемува квоти за увоз на работници кои ќе ја искористат македонската економија, а парите ќе ги трошат во нивните земји, тогаш дефинитивно не сме на вистинскиот пат. Странските работници не доаѓаат за да останат и да ја поддржат нашата државна економија и развој на Македонија, туку доаѓаат на печалба, баш како и македонскиот интелект што секојдневно заминува во европските држави.

Ромите не мора да бидат товар. Тие се економска можност и потенцијал за локален раст и развој. Ако ние не вложуваме во сопствените граѓани, кој ќе вложи?

(авторот е извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија)

 

Filed Under: Македонија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet