ЉУБОМИР ФРЧКОВСКИ
Што се случува во ООН и Њујорк денес?
Фрустрирачка за сите земји и дипломати е блокадата за сериозни и обврзни одлуки за војните кои се водат Украина и Газа. Советот за безбедност е во незавидна состојба на блокада и се претвара во форум за расправи и бројни странични настани организирани во неможност на основните да се донесе задоволувачка одлука. Донесе 50 резолуции што за компарација е многу помалку од редовната годишна работа со многу празен гнев околу нив.
Генералното Собрание на ООН се труди да компензира во оваа клучна делница на одржување на светскиот мир и безбедност за која всушност организацијата е создадена во 1945 – со Резолуции на осуда на војните , агресорите и актерите, но Резолуциите не се обврзувачки, создаваaт политички притисок и клима, но истовремено ги оцртуваат политичките групирања и новиот свет на помеки блокови кој се создава пред наши очи. Тоа е поентата на која сакам да запрам малку
Во сите анализи на меѓународната состојба денес, посебно со војната на агресија на Русија врз Украина, Американското непријатно заглавување со неусловената поддршка на Израел на начинот и консеквенциите како го води одговорот на терористичките напади на Хамас (кој веќе никој не го споменува во светло на разурнувањата и 30.000 цивилни жртви во Газа кои според Меѓународниот Суд на Правдата се со ‚‚сомнеж геноцидни” и кои Израел треба со Рапорти да докаже дека не се сторени) – светските највлијателните институти за меѓународна политика полека но сигурно доаѓаат до сличен заклучок: дека се приближуваме до свет со нови блокови на влијание, помеки на своите рабови од студено-воените блокови во 50 -те години на 20 век. Влегуваме во некаков хибрид на мултилатерализам деформиран од регионални центри на моќ кои се компетитивни и тоа воено, а не само економски компетититивни на теренот на трети земји и континенти.
Ако не повторно “студена војна” тогаш “заладен свет” кој не исклучува војни во региони. Денес се активни 34 војни и внатрешни граѓански војни, заеднл со последнава во Израел и Газа (од кои најголемиот дел ,17, се во Африка).
На таа состојба скандалозно малку влијае ООН, а тоа би требало да биде негова основна задача! Тоа создава голема фрустрација, можеби не и “вина” (која ја носат големите пет сили во Советот за безбедност) но сепак тој цинизам продуциран од немоќ тежи и разјадува. ООН тешко може да преживее ситуација кога земја членка на големите пет во Советот на безбедност флагрантно ќе ја изгази Повелбата како основен акт на ООН, а организацијата треба да продолжи да дејствува како “ништо да не се случило”, да продолжи со дебата за новата “агенда за Мир” на Генералниот секретар или за мировни и разоружувачки резолуции во Третиот Комитет и сл.
Русија предлага мировни резолуции (????) и свои кандидати за места во ООН – како вообичаениот дипломатски бизнис да продолжува?! Таков цинизам ќе ја разори Организацијата .
Поделбата на ‚”нови блокови на влијание” се одразува во друга една област која јас ја сметам за уште повеќе загрижувачка,
Имено, ако некако може да сфатите дека големите сили или оние кои се сметаат за големи се борат за признавање на таа позиција во меѓународната политика, па посегаат и по воени средства, со кршење на Повелбата на ООН, сиот тој ризик го преземаат за добивање позиција на моќ и респект, тоа не го очекувате во областа на досега неспорните и неоспорувани човекови слободи и права: кодифицирани како меѓународно задолжително право во Конвенциите на ООН и редица регионални Организации. Тие се сметаа за основа на новиот меѓународен поредок по Втората светска војна.
Што се случува на тој план ?
Постои општо назадување (push-back) на планот за промоција, заштита и унапредување (како вообичаено се комплетира таа фраза) на човековите слободи и права, а посебно скандалозно во некои области од нив како што се правата на жените и девојките, ранливите групи и малцинствата, бегалците и мигрантите .
Тоа назадување станува глобален тренд и борба се води по клупите на ООН околу таков еден прилично вознемирувачки тренд. Тој е по-интересниот дел од настаните во ООН.
Опасноста за која зборував е во поделбата која се назира помеѓу земјите по линија на одбрана на некои права, некои состојби и некои субјекти. Имено, групи земји од Глобалниот Југ, како се нарекуваат овде земјите во развој, се поцврсто (со значајни исклучоци) се спротиставуваат за дебата за унапредување на некои сегменти од човековите права за кои западните земји се со право мошне. Тие дебати за правата се третираат како наметнати од западниот свет за да се држат под уцени неразвиените земји. Се користи квази аргументот за развојот и финансиите како приоритет за да се дискутира за правата, само потоа правата на ранливите групи (ЛГБТ + мигранти и малцинства) се третираат како наметнати “проблеми” од западот кои непостојат оригинерно во овие земји, а правата и местото на жената се третира согласно националните законодавства и традиција не надвор од нив и сл. Тезата за тоа дека одамна земјите не се потполно суверени во областа на човековите права и дека тие се под меѓународен режим на ЈУС КОГЕНС или задолжително право над националните законодавства – се повеќе и појасно се руинира. Што е сериозно назадување!
Во исто време кога оваа непријатна дебата се води во ООН: сите повреди и кршења на правата на жените и девојките се во пораст без исклучок. Тие се непропорционални жртви во земјите каде се водат граѓански војни и конечно нивните права се на удар и во најразвиените демократски земји под налетот на анти-феминистичкиот конзервативизам и фантазмите на машкоста и машкиот идентитет заснован на доминација. Лично ме шокира стравот кај некои земји за давање на права на сопствените граѓанки, што се смета за повознемирувачки од отварање судири со соседите(???) Неверојатен, на моменти неразбирлив отпор!
Тој отпор на овие групи земји од геополитички причини ги поддржува Русија и Кина и групацијата станува поцврста низ гласањата за Резолуциите за човековите права посебно во Третиот Комитет на ГС на ООН. Таму се одбива секој развој на оваа група права и посебно заштитата на жените и девојките онаму каде страдањата се евидентни и докажани, се ставаат резерви на таквите членови со зборовите дека се користи речник кој не е консезусно усвоен во меѓународното право и сл. Резултатот е неможност да се направи напредок преку консензус и практично почнуваме да гласаме “во блокови”: тие против нас ние против нив. Од тоа излегуваат Резолуции за човековите права со многу резерви на нивните членови и поделба која е се поочигледна.
Што телата на ООН сепак направија во обид да го потиснат ова назадување, што е некаков напредок наспроти сè?
Се постави на маса можноста да се дефинира злосторство против човештвото наречено “женски апартхејт” целејќи ги Авганистан и Иран пред се како општества кои структурално се поставени врз доминација и поделба на своите граѓани врз родова основа. Ова е посилна одредба од оние за дискриминација врз жените. Се дискутира воспоставување на ново дело: злосторство против човештвото – насилно забременување на жени и девојки во услови на силувањата во војните. Се направи навистина важен чекор за поставување на женските права, освен во секторот на човекови прави каде нормално припаѓаат и во секторот на економските и социјални односи како критериум за оценка на т.н. “одржлив развој”. Разликата е битна и се состои во тоа што сега женските права и омоќување на жената, паритетната застапеност во државата и економијата е фактор за оценка на економскиот развој на земјата. Нејзиното вклучување недвосмислено се смета за мотор на економскиот развој (посебно се користат искуствата и бројките на некои земји, Норвешка пред сè). Со овој потег се одзема “аргументот” на некои земји дека прво треба економски да се развијат, а потоа да расправаат за права на нивните сограѓанки.
Се направи мрежа за подршка на ЛГБТ+ групите каде тие се под закана за кривичен прогон или дури смртни казни (Уганда , делови од бившиот СССР, Азија и сл.) И се инсистира на нивна заштита и промоција на нивните права во сите Резолуции за кои стануваше збор независно од резервите на земјите за кои зборував.
Kонечно се укажа прилика Македонија да понуди едно важно решение во оваа мултилатерална мелница на идеи и интереси!
Ми се чинеше важно, а и единствено продуктивно за нас како мала земја, но со извонредно искуство во преговарање на конфликти на идентитети – тоа да им го понуди на ООН кои имаат проблем со скоро целосна палета на токму такви конфликти во целата своја историја. Исто така во структурата на ООН нема едно место каде се концентрирани знаењата, датотека на институционална меморија и можен избор на експерти и тренинг курсеви за дипломати кои би се вклучиле со знаење и пракса во помош за преговарање конфликти и медиирање во жешките жаришта низ светот . Тоа зачудува но така е: постои некоја мрежа на т.н.градење на мирот полу-институции, Комисија за градење на мирот и оддел за преговарање при Секретаријатот, но неструктуирани и нефокусирани на специфичните и посебно тешки,, а толку чести – идентитетски конфликти, без фокус на превенција и учење посебни методи и техники на преговарање, што во перспектива може да создаде и ‚‚школа на преговарање и посредување карактеристична за ООН”!
По пат, во овој момент во кој ова се случува, недостатокот на такви знаења, инцијативи и храброст за посредување е наслабата точка на ООН за која организацијата е масовно критикувана.
На некој начин работите се поклопија и инцијативата за која Македонија направи концепт – нота полека почнува да се реализира во делот за превенција на Геноцидни злосторства против човештвото на Генералниот Секретар.