СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Да бидеме со Украина, после ќе се докажуваме кој е за Русите и Американците
На нас очајно ни’ треба емпатија, ни треба солидарност и можеби полека се враќаме кон вредностите на социјализмот, како што предвидува Славој Жижек во своите анализи за двегодишната КОВИД криза.
Војната во Русија поттикната од исклучително завојувачки мотиви повторно не’ подели, а што е пострашно се прават споредби со настани преку кои се релативизира новонастанатата агресија врз Украина. Нас ни треба солидарност со сите настрадани граѓани ширум светот, а не висока надворешна политика и преќутно одобрување на нападите на Русија и обвинување на други светски фактори за кризата. Во случајов Западот.
Можеме да ја посветиме цела вечност и да дебатираме за НАТО, за тоа како САД се поставуваат историски кон Блискиот Исток, потоа за про-руските и про-западните погледи на граѓаните. Но, она што денес ни’ треба е солидарност и застапување на вистината. Само така ќе ги спречиме лажните вести и ќе можеме барем малку да сочувствуваме со украинскиот народ. Тоа е нашиот максимум во помош за оваа држава.
Украина е во небрано. Заради ваквата состојба е виновна исклучиво Русија затоа што нема оправдување за нивното неиспровоцирано отпочнување на војна. Западните држави, Австралија, Јапонија сите заедно ја санкционираат Русија и тоа оди во насока да се намали или спречи воената агресија. Тоа е најважно – да сочувствуваме со маката на украинските граѓани, а дај Боже сето ова да заврши, можеме да се „натегаме“ кој е за Русите, а кој за Американците.
Да бидеме солидарни, да сочувствуваме, да ја застапуваме вистината и да не потпаѓаме на лажни вести. Да застанеме цврсто против секоја агресија.