БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Дали е преземен најмалиот чекор за намалување на корупцијата, за владеење на правото, за задоволување на правдата? Не, но оваа власт ќе ви каже дека преку ноќ не можело ништо од ова да се стори. Допрва правеле планови, пишувале закони и размислувале на сите овие важни прашања. Но, што правеа сиве овие години во опозицијата
Не се фаќајте за глава кога го слушате премиерот Мицкоски кога говори низ светот, со цел да го чујат тука- дека македонското прашање сѐ уште не е затворено. Имајте разбирање за него, а што има друго да каже, што повеќе од тоа тој има да понуди?
Дали го решава проблемот на болните од рак, кои немаат лекови? Не, затоа и мора да се говори за македонштината, за која ќе се грижат оние кои ќе преживеат тука.
Дали донесе барем една мерка со која се намали загаденоста на воздухот, за да се спречи барем трошка алармантната смртност? Не, затоа и на масата се историските болки на Македонците, како да сме се вратиле во 19 век и единствено што ни преостанува е да се органираме со четата мустаќлии од комити, за да му зададеме смртоносен удар на непријателот.
Дали барем минимално е подобрен животниот стандард, дали се скротени цените, ако веќе не може да се намали сиромаштијата? Не, затоа и на послужавник ја добивате вековната тага на Македонците, за прашањето кое ги притиска и мачело храбрите борци кои го дале животот за слобода, кои ни ја подариле државата за да ја распрчкаат и разграбаат нивните политички наследници.
Дали е преземен најмалиот чекор за намалување на корупцијата, за владеење на правото, за задоволување на правдата? Не, но оваа власт ќе ви каже дека преку ноќ не можело ништо од ова да се стори. Допрва правеле планови, пишувале закони и размислувале на сите овие важни прашања. Но, што правеа сиве овие години во опозиција, зарем седум години им беа малку за да ги конципираат и заокружат важните, неопходни измени, кои сега можеа да ги понудат на јавна дебата.
Тоа се вистинските македонски прашања и историски теми за кои треба да се говори, на кои се очекува да работат и да дадат некакви резултати. За тоа се гласани и избрани, да направат од оваа земја пристојно место за живеење. Камата, крстот и кандилото се оружје за минатите векови. Дури и дијаспората низ деценииве созреала и почнала да сфаќа дека македонското прашање е решавање на мизеријата во која сѐ повеќе тоне државава.
ВМРО- ДПМНЕ како една од најбогатите партии, водена од едни од најбогатите политичари ништо од тоа сега не гледа, никаква борба за лекови, за воздух, за преживување, за живот, немаат појма за вистинското македонско прашање. Сега ништо од тоа не гледаат, но нека не се радуваат премногу, ќе дојде ден кога ќе прогледаат, макар било предоцна.
(25minuti.platform.mk)