БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Напредокот во евроатлантските интеграциии е остварен не со помош на опозицијата, туку со совладување на просто нестварниот отпор на тој блок предводен од вмро-дпмне и нејзиниот експонент во лицето на лудиот претседател на државата.
Да бев на местото на Заев и јас би ја ставил опозицијата на листата на организации кои се заслужни за напредокот во евроинтеграциските процеси на Република Македонија. Тој прогрес денеска беше верификуван преку препораката за отпочнување на преговорите, а таа препорака е втемелана врз позитивните реформски политики на новата власт. Таквиот однос кон опозицијата е знак за пристојноста на еден висок политичар и на неговите определби на политичките процеси да не гледа како ексклузивно поле низ кое ќе се изразува само неговата политичка партија.
Но, со оглед на тоа дека јас не сум на местото на Заев, туку сум во една друга, многу покомотна позиција, ќе кажам дека напредокот во евроатлантските интеграциии е остварен не со помош на опозицијата, туку со совладување на просто нестварниот отпор на тој блок предводен од вмро-дпмне и нејзиниот експонент во лицето на лудиот претседател на државата.
Од драматичните отпори при конституирањето на новата власт, што кулминираа во крвавиот пуч од 27 април, преку напуштањето на парламентот и глупавите протести за ослободување на таканаречените „уставобранители”, преку амандманската диверзија врз работата на Собранието во случајот со Законот за јазиците, преку се уште актуелната блокада на тој важен законски проект од страна на вршителот на должноста претседател, до конституирањето на една хистерична, пучистичка атмосфера во целото општество, втемелана врз најпримитивната албанофобија, антиевропејство и антизападњаштво.
Политиката на подадена рака, што упорно ја води Заев, дава резултати кои се над моите очекувања. Таа политика е реална во својата понуда и како таква ја остава без аргументи злосторничката структура која вон генералниот, општ и епски судир не може да ги открие причините за своето постоење. И затоа наместо политички настапи, имаме празно трабуњање, што и денеска можеше да се види во празноглавите соопштенија на Мицковски и Николовски, а наместо оганизациска, доктринарна и идејна консолидација, имаме процес на распаѓање на вмро- дпмне.
ВМРО-ДПМНЕ може да даде придонес за националните дела само низ процесот на своето распаѓање или радикално трансформирање во нешто што не е вмро-дпмне!
Тоа е.