Сликарот Глигоров се сомнева дека неговиот труд на конкурсот за новата банкнота од 200 денари е преземена од првонаградениот Ласко Џуровски а второпласираната сликарка Унковска смета дека најмалку што Комисијата требала да го направи во овој лсучај е јавно да ги објави сите трудови и да се види кој што лепи и креира во државава. Впрочем, зошто се дели прва награда ако идните банкноти од 200 и 2.000 денари бидат крпеници-лепеници? Ова е реобјавување на текст од јуни 2015 година
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Говорејќи неодамна на темата на печатењето на пари како излез од кризата, на еден собир на функционерите од сите централни банки во регионот, одржан во Бечиќи, македонскиот гувернер Димитар Богов рекол дека “може тоа Америка да го работи кога има валута призната во целиот свет, за разлика од Македонија чии пари одвај да ги сакаат и самите Македонци” (последен број на НИН, стр.42).
Оваа дијагноза изречена од релевантен говорник на официјален собир од највисок вид на Балканот, можеби објаснува како земјава и покрај долгогодишни најави и направен конкурс за идејни решенија, се уште ги нема новите банкноти од 200 и 2000 денари, што јавноста и ги очекува, иако гувернерот не тера да помислиме дека граѓаните со некаква резерва или можеби со некакво полугадење ги ставаат денарите во паричниците! Тоа можеби се однесува на постојните банкноти и можеби ќе има променет однос кон новите, од 200 и 2000 денари, кои треба да бидат, се очекува, со модерен дизајн и со ликовни решенија кои евентуално ќе го променат односот на граѓаните кон својата валута, независно што дел од народот е свесен за ерозијата на реалната вредност на валутата која ја користат (200-ка практично ќе ја исфрлува веќе ситната 100-тка а 2000 – ката доаѓа место илјадарката која исто така “исчезнува” веднаш штом се извади од џебот).
ОЧЕКУВАЊА Јавноста веројатно и заборавила дека новите две банкноти требаше да ги има барем, ако не пред две, тогаш пред година дена во оптек. Некои од учесниците на конкурсот за идејни решенија во тоа гледаат само додавка на нивните сомнежи во регуларноста на изборот на изгледот на банкнотите. Сосема е сигурно дека нивната појава место настан кој сам по себе е со висок степен на општествена релевантност и дури и некаков културен чин кој мора да се респектира, се претвора во скандал за кој некој мора да одговара, а во прв ред одговорните во НБРМ. Најнапред заради крајно затворената и нетранспаретна постапка! Но да појдеме по некаков ред.
Пред речиси две години НБРМ го објавува конкурсот за идејни решенија за две нови банкноти – од 200 и 2000 денари – и потоа настапува молк. Од некои други документи е видливо дека решението на Комисијата е донесено на 16 октомври 2014 година (претседател на истата е Вилма Трајковска, вдовицата на покојниот претседател, која е вработена во НБРМ) а дека јавноста е известена за одлуката на тоа тело во ноември 2014 година! Какви се тие временски растојанија? На што се должат?
Решението на надлежното тело.(Комисијата) е потврдено и од Советот на НБРМ, во релативно препознатлив континуитет (декември 2013), но видиви се временски амбиси меѓу одлуката на Советот и нејзиното објавување (една година) и меѓу тој чин и фактот на непечатењето на парите (се уште нема никакви најави). Најпрвин ова потценување на самиот конкурс ги повредува авторите (наводно се јавиле 40-тина автори) кои требале белким “да заборават” дека имаат испратено свои предлози до Народната банка. А да не говориме дека не можеле ниту да реагираат на одлуката на жирито кога не им е позната работата на избраниот; тогаш кога трудот на победникот бил условно познат (објавен во еден дневен весник, што е недоволно за стручна анализа) и кога за него евентуално би се јавила реакција.
РЕАКЦИЈА А реакции има – првата е од сликарот Златко Глигоров, чија понуда не е во првонаградените и трите трудови кои се откупени (значи вкупно шест имаат парична сатисфакција) и кој пишува жалба до НБРМ дека победникот го фалсификувал неговиот предлог. Жалбата е од јануари 2015 а одговорот на Јанче Лековски, од правниот оддел на Банката генерално може да се сведе на тоа дека централната банка може да прави миксови од сите наградени трудови.
Одлуката на жирито е првата награда и сума од 240 илјади денари да се додели на Ласко Џуровски, познат како карикатурист и цртач на стрипови ама без некаков импозантно уметничко “си-ви” зад себе (по професија е економист). На второ место е Билјана Унковска, авторка на постојните банкноти, заедно со нејзиниот син Даниел Шпанзел (автор на многу трудови токму од оваа област), со награда од 200 илјади денари и т.н.
Навистина, човек да се запраша – зошто постои првонаграден труд ако се прави општа компилација, која Банката ја признава во својот одговор? Обично во такви случаи не се доделува прва награда. Понатаму, освен паричната награда за откупениот труд, со авторите се прави додатен договор за користење на неговото дело и тука лежи зајакот, односно парите (условно – тантиемите). Со кого ќе се прави тој договор ако е земано “малку ваму- малку таму”? Дали одолговлекувањето во објавувањето на резултатите од конкурсот требало да му даде простор на првонаградениот да се “инспирира” додатно?
ЗЛОУПОТРЕБА “Злоупотребени се моите авторски права за дизајнот на банкнотата од двеста денари”- вака сликарот и дизајнер Златко Глигоров го коментира победничкото решение на банкнотата од двеста денари, која Народна банка на Македонија се очекува да ја пушти во оптек од крајот на годината. Како што вели, на конкурсот од 2013 година,понудил решенија за новите банкноти од двеста и две илјади денари. Се сомнева дека од лицето на неговата двесте денарка со мотив од четириесет и првиот Давидов псалм и од опачината на две илјадарката каде тој го аплицирал прозорецот од тетовската Шарена џамија, Народна Банка иако ги одбила неговите решенија, направила конструкција за новиот дизајн на банкнотата од двеста денари.
– Провидноста и сечењето, монтирањето мое, после си го гледам во победничкото, но не вакво, туку само раширено, зголемено – вели уметникот Златко Глигоров за Телма.
Како победникот ги видел решенијата на Глигоров? Па тој ги печател истите во дизајн студиото “Тотем”, чиј сопственик е победникот на конкурсот на Народна банка – споменатиот Ласко Џуровски. Телма стапила во контакт со Џуровски, но тој не сакал да зборува во камера. Само рекол дека тука од ништо се прави случај и дека Банката по изборот на наградените и откупени решенија има право да располага со нив и да прави комбинации. Истото го потврдија и во дописот од Народна банка. Но авторот со спротивен став. Глигоров вели дека печатењето се случило два дена пред завршување на конкурсот, па објективно немало време да се прави копија веднаш, ама чудно е што никој не знае чиј труд кога стигнал и што сега се споменува правото на компилација како “конкурсна дозвола” на Банката!
– Да, тоа е точно дека тоа стои во условите, може да се зема од наградените, ама јас не сум меѓу тие што се наградени, ниту трудот ми е откупен а од кај мене е земано – објаснува Глигоров.
Златко Глигоров го информирал Министерството за култура, кабинетот на премиерот Груевски и одделот за организиран криминал во МВР. Од таму му било речено дека победничкото решение за банконатата од двеста денари, лиферувано од медиумите цела година по затворањето на конкурсот, е поинакво од неговото. Тоа го потврдуваат и од Народната банка.
ИДЕНТИЧНИ РЕШЕНИЈА За целиот случај Глигоров го контактирал судскиот вештак и историчар на уметност, Златко Теодосиевски.
– Овде станува збор за идентични решенија кои со мали измени функционираат во две дела во исто време. Такво нешто е невозможно – смета ликовниот експерт Златко Теодосиевски во изјавата за Телма.
Глигоров инаку вели дека работното ЦД се уште не му е вратено од Банката, што секако отвора сомнеж дека работите не се чисти. Очекува дека обвинителството и МВР ќе си ја завршат работата, ако не, тој ќе ја тужи НБРМ.
Но, за тужба размислува и второнаградената – Билјана Унковска, која ја побаравме во Љубљана, каде живее веќе 40 години. Таа веднаш рече дека се саклдисува со она што се случува со овој конкурс, без оглед што е второпласирана.
Најпрвин ја запрашавме дали не смета дека јавноста заслужува да ги види концептуалните решенија кои пристигнале на конкурсот а пред се оние откупните? Бидејќи принципиелно, тоа е обврска за некој кој троши јавни пари и особено поради природата на натпреварот и фактот дека тоа, на крајот на краиштата, треба да биде културен настан. Тоа е начинот на кој во исто време ќе се соберат јавни оценки за објективноста во оценувањето на жирито а секако, тоа не треба да се говори, лесно би се открило што и како е “лепено и креирано” од страна Банката!.
– Моите искуства досега, покажуваат дека сите јавни понуди се јавно и објавувани, се организира изложба на пристигнати трудови, се објавувата и во печатот и секогаш претседателот на Комисијата треба да даде јавно образложение – ни вели Унковска. Од сето ова нема речиси ништо во овој случај! Кога ја добив наградата јас, пред 22 години, НБРМ ги покани сите учесници на прием, имаше коктел, медиумите ги сликаа сите изложени (пристигнати) дела и тие излегоа во јавноста и јавно беа доделувани признанијата.
САМО НА ИНТЕРНЕТ Од конкурсот за кој се говори сега, само на Интернет можев да видат само една страна (веројатно аверс) за банкнота од 200 денари, вели Унковска. Се работи за првонаградената, рече таа. Од тоа што го видов можам да кажам дека е направено примитивна, невкусна копија на стари банкноти кои јас ги имам работено. Авторот на наградениот труд воопшто не ги разбира законите на композицијата, функциите на заштитните фактори и не направил уште еден чекор напред во унапредување или освежување на дизајнот што сум го користела пред 22 години, вели Унковска..
– Ако некој треба да биде “бунтовник” и да се жали за плагијати, тоа сигурно сум јас, зошто од сите учесници во новиот конкурс неинтелигетно се бараше да направат нови кои ќе бидат исти со оние старите, што е апсурдно, ќе признаете! Беше јасно дека тие сакаа да ме избегнат мене и едноставно да ми понудат да направам идејно решение за две нови банкноти во апоени кои не постоеле претходно а кои ќе ги надополнат постојните. По сите закони за авторски права тоа би било логично. Наместо тоа, во телефонски разговор ми понудија да бидам член на жирито. Со други зборови не им се допаѓаше да се вклучам во натпреварот,и нормално јас ги одбив – објаснува Билјана Унковска, инаку сестра на нашиот режисер Слободан Унковски, која е иселена од Скопје после завршување на гимназијата. – Овде нема да го коментирам изборот на претседателката на Комисијата, и на членовите, кои се нивните познавања, образованието и културата за да одлучуваат за квалитетот на работата на таков натпревар. Спротивно на Комисијата од пред 22 години, кога во неа беа првите македонски сликари, графичари историчарите на уметноста, нумизматичари… Имам чувство дека за новиот конкурс е избрана една некомпетентна комисија, за да може од страна максимално да се влијае на неа и таа да биде само покритие за лични одлуки, донесени на друго место, особено околу ползувањето на т.н. “антички” мотиви.
ЛЕПЕНИЦИ Едно од прашањето до Унковска беше поврзано со т.н. право на Народната банка да избира мотиви на наградените дела (дури и од нејзиното, како второнаградено) и да ги “налепува”. Дали сликарката се препознава во објавеното кај првонаградениот труд , дали била прашана, дали тоа стои во конкурсните услови и дали е тоа според некое “обичајно право”? Впрочем, прецизиравме, дали воопшто се дава прва награда ако идните банкноти се лепеници од сите пристигнати трудови?
Унковска во одговорот се согласува дека процесот не бил транспарентен и дека речиси никакви детаљи и информации за него се непознати. “Но самиот начин на криење и н давање на јасни информации во врска со овој конкурс раѓа сомневања и е некоректен од таква сериозна институција каква што треба да биде Народна банка на Република Македонија. “Јас не сум дала, ниту ми е побарана согласност да потпишам ниту било каков вид на документ, со кој би се овозможило да се ползува, менува и употребува мојот дизајн на банкнотите (и на старите кои се во оптек и на новите, за кои конкурирав).
Се сложувам со вас дека нема никаква смисла да се додели прва награда, ако таа се користи со елементи на други наградени работи. Во таков случај, апсолутно не може да се зборува за авторство, ниту за автентичен дизајнерски напор, туку само за злоупотреба.
НЕЈАСНО АВТОРСКО ПРАВО Очигледно на некои вработени од НБРМ, не им е јасно ништо во врска со носителот на авторските права. Информирана сум дека се подготвуваат да направите некакви интервенции на дизајнот и на старите банкноти, и како такви да ги печатат, без консултација со мене како автор, додава таа.
– Дизајнот на банкнотите и нивното спроведување е сложен процес, од избор на хартија и заштитите во неа, до печатот, боите и холограмите. Дизајнот на новите банкноти не треба да биде идентичен со стариот, мора да се направи исчекор напред, од минатиот век до денес. Моите нови банкноти се во склад со старите, но со драматично понапреден дизајн и со вклучување на нови заштити кои се користат на новите банкноти во светот. За време на подготовката на банкнотите од конкурсното решение, имав можност да посетам неколку водечки печатници (Thomas de la Rue, Велика Британија, Oberthur во Франција и Gizeke во Германија) И се запознав со сите новости во изработката на банкнотите. Но, од сето тоа, како што гледате, ништо не помага ако се е претходно договорено.
За цело време на “раѓањето” (или подобро “породувањето”) на новите банкноти во апоени кои до сега ги немало, НБРМ толку го одолговлекувала процесот што тоа навистина како да значи дека се оди на заборавање на целиот конкурс, барем во главите на јавноста. Засега само двајца автори потсетуваат на тоа дека НБРМ ни оддалеку не е на нивото на неопходната и вообичаена во светот транспарентност на ваквите постапки. Можеби има страв дека работата може лесно да заврши и на суд, што ќе биде меѓународен скандал.
(објавено во јуни 2015 година)