Обуката по информатички вештини во едно училиште во овој град овозможи контакти со славниот Гејтс
Здравствената криза што ја предизвика пандемијата од корона вирусот на површина ги извади сите слабости на македонското образование, но истовремено покажа дека во Македонија има наставници кои сериозно си ја сфаќаат професијата и не чекаат помош од институтиците. Тие се свесни дека имаат моќ да ги инспиририраат свои ученици и колеги и да разбудат нешто во нив, што ќе ги направи подобри и поуспешни граѓани. Овие наставници имаат многу титули и сертификати стекнати низ годините посветени на професионално усовршување и стекнување дигитални компетенции. Нивните ученици се среќни што ги имаат, но образовните институции мора да најдат начин, да овозможат услови и да мотивираат што поголем број просветни работници да се стремат кон вакви успеси и знаења. Во спротивно, голем дел од нашите ученици ќе сметаат дека онлајн-наставата значи испраќање домашни задачи по електронска пошта или месинџер.

МНОГУ ПРАШАЊА ЗА ГЕЈТС Наставничката Георгина Димова, веќе 19 години предава информатика. Таа работи во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино и секоја година има околу 300 ученици. Веројатно не постои ученик што не би сакал токму таа да му предава, бидејќи кај неа часовите се интересни, интерактивни, а виртуелно се патува до многу интересни земји и се запознаваат несекојдневни личности.
„Во периодот од март до јуни со учениците од информатичката секција се вклучувавме на онлајн часови за програмирање. Настаните ги организираше code.org (коде.орг). Со регистрирањето, наставникот добива линк со кој се вклучува на часовите во живо. На часовите секогаш имаше по некоја интересна личност со која учениците можеа да се запознаат како на пример Бил Гејтс, актерката Јара Шахиди и креаторот на Google sheets (Гугл шитс), Фази Хосрошахи. Учениците уживаа во овие средби, секако многу прашања имаа за Бил Гејтс“, вели Димова.
Таа всушност редовно работи на проекти со коишто учениците имаат можности да се запознаваат со нивни врсници од други држави, со експерти од најразлични области, да научат за другите култури и обичаи. Веќе три години по ред нивното училиште учествува во „Skype-a-thon“ (Скајпатон). Станува збор за 48 – часовен настан на кој учениците со користење на „Скајп“ се поврзуваат со ученици од цел свет. Настанот го организира „Мајкрософт“. Димова објаснува дека наставникот треба да биде регистриран на образовната платформа на „Мајкрософт“ за да учествува и преку неа се прават закажувањата на повиците.
„Најчесто се игра „Мистери скајп“ во која преку поставување на прашања од типот да/не, учениците треба да погодат од која држава се учениците од другата страна на „Скајп“. Училиштата што учествуваат прават распоред на повиците и се договараат меѓу себе во кој термин ќе биде повикот. Учениците не знаат со кого се вклучуваат и треба да погодат. ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА По играта учениците најчесто ја презентираат својата држава, традициите, традиционална музика и слично. Сме гледале тајландски танцови, индиски песни, имаме учено за шведските јунаци, се поврзавме и со прифатилиште за деца родени со ХИВ во Африка итн. И ние исто така презентираме наша македонска музика, традиционална храна и традиционални предмети. Учениците го вежбаат англискиот јазик, стекнуваат самодоверба во јавно говорење, учат за другите култури, но учат и како да ја почитуваат сопствената култура. И сето тоа од училницата со користење на дигитални алатки“, објаснува таа.
Димова е и една и од основачите на Неделата на информатиката – настан за промовирање на информатиката во основните училишта. Со колешката Маја Виденовиќ веќе 8 години организираат работилници, настани кои наставниците ги реализираат во своите училници.
„Оваа година околу 40 училишта се вклучија во акцијата. Имавме работилници за програмирање за 2,3,4 и 5 одделение, а за учениците од 6-9 одделение натпревар во Escape room (Соба за бегство), нов метод за учење кој се’ повеќе го добива своето место и во нашите училници. Кога се случи пандемијата изработивме и дигитална соба за бегство преку која учениците од своите домови повторуваа за алгоритми. Овој настан во 2017 беше прогласен за најдобар настан за промовирање на науката на Stem Discovery Week (Стем дисковери вик)“.
Сѐ што работи, Димова го споделува преку нејзиниот блог и секако преку социјалните мрежи.
Обуките за наставниците обично се за онлајн-алатки за видео комуникација – „Зум“, „Тимс“ како и алатки за креирање на онлајн содржини – „Вејклет“ и „УанНоут“.

„Информациите за настаните се споделуваат на социјалните мрежи. Потоа информацијата се пренесува од еден на друг наставник. Наставниците коишто сакаат да присуствуваат се пријавуваат преку формулар. Потоа добиваат линк преку којшто можат да се приклучат на настаните. Најчесто настаните се размена на искуства, или обука за алатки кои може да се користат во наставата. Предавачи се наставници кои имаат искуство со одредената алатка“, вели таа.
Многу наставници поминале низ нејзините обуки. Само во нејзиното училиште веќе две недели врши онлајн обуки и има обучено околу 50 наставници. Секое попладне одвојува по 2 часа за обуките за нејзините колеги.
„Работата како наставник бара многу ангажман, но добиваш и многу за возврат. Најмногу од учениците“, вели Димова.
Најсреќна е, кога после реализираната активност или проект учениците возбудени и насмеани ѝ кажуваат дека било супер и прашуваат што ќе се работи следно.
НАСТАВНИЦИ НА ПОСТОЈАНА ОБУКА Изминатата учебна година покажа дека МОН мора да најде начин да спроведува посериозни обуки за наставниците, да им создаде услови за професионален развој, но и тие самите да се трудат повеќе околу нивните дигитални вештини. Димова смета дека наставниците лани биле затечени од ситуацијата.
„Многумина од почеток не знаеја како да почнат. Дел од наставниците знаеја многу алатки, но не и како да ги вклучат во наставата. Исто така и стравот од непознатото си го направи своето. Многу наставници се откажаа уште на почетокот сметајќи дека не можат да научат, што не е точно. Затоа многу важни се оние наставници кои лесно се снаоѓаат во дигиталниот свет. Министерството треба со тие наставници да соработува при планирањето на следната учебна година. Тие не само што ги знаат алатките, туку знаат кои алатки им се блиски на учениците, што е многу важно, со кои алатки тие се чувствуваат добро. Затоа што на крајот сепак тие треба да ги користат“, објаснува Димова.
(Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Милена Атанасоска-Манасиева)