Различните форми на аутизам се сè поприсутни помеѓу децата, како во земјата, така и во светски рамки, предупредуваат експертите
Првата епидемиолошка студија за деца до аутизам почнала во 2000 година. Заклучено било дека бројот се движи околу 0,25 на 10000 живородени деца. Но има растечка стапка од 10 до 17 отсто годишно вели статистиката.
Различните форми на аутизам се сè поприсутни помеѓу децата, како во земјата, така и во светски рамки, предупредуваат експертите. Но во Северна Македонија нема национален регистар колку е бројката не само на овие деца, туку и на оние со други форми на атипичен развој.
За сега пак науката нема конкретен одговор, кои се причините, кои доведуваат до такви состојби, иако велат професори станува збор за мултифакторски проблем.
„Науката сè уште го нема прецизниот одговор. Постојат повеќе ризик фактори. Изложеноста на мобилните телефони може да биде и се наведува како една причина. Земете го и ова во предвид дека новите генерации се генерации кои растат во дигитален свет, но не се сите аутистични“, вели Ана Фрицханд, професорка по психолошки науки.
Таа потсетува и на насоките кои ги дава Американската педијатриска и психолошка асоцијација, како едни од најреферентните во светот.
„Тие велат во првите две години никако да не се изложуваат децата на електронски уреди. Меѓутоа ние во пракса знаеме дека тоа баш не е така, а после втората година, ограничена употреба од страна на родителите со поставување на граници“, додава Фрицханд.
Додава дека е повеќе од потребно да се делува уште од најмала возраст во изворите на причините за ваквите појави.
„И самото тоа нè става во ситуација да наоѓаме начини како и тие деца да се инклудираат, и како нивниот развој на индивидуално ниво да тече непречено. Тоа е нешто што допрва ќе се отвори, како ќе се зголемува бројот на тие деца, и како тие ќе растат возрасно, и ќе влегуваат од основно во средно образование. Допрва ни престои како предизвик за решавање“.
Но, експертите се против тотално инклузивно образование и вклучување во редовен образовен процес на сите деца без разлика на нивните можности и тешкотии.
„За нас стручњаците е тотално неприфатливо, бидејќи не може секој да посетува редовно основно и средно образование. Може да одат лесните случаи, тие кои можат да се вклопат полесно и каде и на нив ќе им треба голема помош, но не можат тие со умерени и тешки попречености, со тешки аутистични проблеми“, вели Горан Ајдински, дефектолог од Институтот за специјална едукација и рехабилитација.
Околу 2000 ученици со посебни образовни потреби досега се вклучени во основното образование
„Прво да тргнеме дека секој стручен тим во секое училиште треба да биде екипиран со педагог, психолог и дефектолог. Прво треба добро да го подготвите системот. Ако направите анализа во кои се држави постои целосна инклузија ќе ви биде јасно дека ние можеби сме пионери за нешто што можеби и не сме подготвени“, смета Елизабета Томевска Илиевска, професорка по педагошки науки.
Не сите училишта поседуваат комплетни стручни тимови за таков предизвик велат тие.
„Треба да имаме комбиниран модел на инклузивно образование. Инклузивно, да но не по секоја цена на штета на децата и родителите, па и на наставниците кои треба да го реализираат инклузивниот процес“, додава Ајдински.
Околу 2000 ученици со посебни образовни потреби досега се вклучени во основното образование, а обезбедени се 820 образовни асистенти кои даваат поддршка на преку 820 ученици. Во средните училишта, вклучени се 300 ученици со посебни потреби. Со измените на Законот за средно образование кој е во собраниска процедура, образовната асистенција ќе се обезбеди и во средните училишта.
Од МОН велат дека се залагаат за подигнување на нивото на инклузивност на воспитно – образовниот систем, затоа што секое дете треба да има еднаков пристап до квалитетно образование. Значително била подобрена пристапноста на училишните објекти, набавени биле соодветни наставни и нагледни средства и помагала, со што условите за настава за овие ученици биле подобрени.