Проценка е во Нарoдната банка дека на овој начин ќе се зголеми конкурентноста и ќе се намалат надоместоците
БИЛЈАНА АНАСТАСОВА КОСТИЌ
Со новиот Закон за платежни услуги и платни системи се очекува да се јават нови даватели на платежни услуги со што ќе се зголеми конкурентноста на пазарот што пак ќе придонесе кон збогатување на услугите, дигитализација и намалување на надоместоците што им се наплатуваат на граѓаните.
Покрај банките, сега платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците и специјализирани институции за платежни услуги кои ќе треба да добијат дозвола од Народната банка, а притоа да исполнат низа строги критериуми.
– Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или иницирајќи ги во работните простории на давателите, да користат платежни картички, мобилни телефони и други паметни уреди за да иницираат плаќања на физичките места на продажба или преку интернет, како и да подигнуваат и внесуваат готови пари на своите платежни сметки користејќи банкомати или на шалтeрите кај даватeлите. Притоа, ако се има предвид искуството од земјите каде што ваквите институции се присутни, се очекува дека новите даватели на платежни услуги ќе понудат иновативни начини за полесно иницирање на плаќањата и нивно побрзо извршување, вели вицегувернерката на Народната банка Емилија Нацевска во интервју за МИА кое подолу е објавено во целост.
Таа нагласува дека парите на граѓаните и на компаниите кај овие даватели на услуги нема да се третираат како депозити, но ќе бидат заштитени така што ќе стојат на посебна сметка и во случај на стечај или ливидација нема да влезат во стечајната маса.
– Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата коишто ги чуваат кај банките и штедилниците коишто, согласно законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари согласно новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив коишто граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства коишто ги користат за нивното редовно работење, истакнува Нацевска.
Народната банка, како што нагласува, ќе врши теренски и вонтеренски надзор над работењето на новите даватели на платежни услуги со цел да ја следи нивната усогласеност со важечките прописи.
Новиот Закон за платежни услуги и платни системи стапи на сила од јануари. Со него се отвора можноста за влез на нови играчи на пазарот на плаќања. Кои се новите видови на даватели на платежни услуги кои може да ги очекуваме и какви платежни услуги ќе нудат?
– Една од значајните придобивки којашто произлегува од овој закон е отворањето на пазарот за нови даватели на платежни услуги и проширувањето на сетот платежни услуги коишто ќе се нудат на пазарот. Па така, покрај банките, платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците, а како нови играчи ќе се јават и специјализирани институции за давање платежни услуги и/или за издавање електронски пари со кои, исто така, би се извршувале плаќања. Новите институции, како и штедилниците, треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или за издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови коишто се јасно пропишани со Законот и подзаконските акти.
Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или иницирајќи ги во работните простории на давателите, да користат платежни картички, мобилни телефони и други паметни уреди за да иницираат плаќања на физичките места на продажба или преку интернет, како и да подигнуваат и внесуваат готови пари на своите платежни сметки користејќи банкомати или на шалтeрите кај даватeлите. Притоа, ако се има предвид искуството од земјите каде што ваквите институции се присутни, се очекува дека новите даватели на платежни услуги ќе понудат иновативни начини за полесно иницирање на плаќањата и нивно побрзо извршување. Секако, дополнителна придобивка за граѓаните и фирмите ќе биде и можноста плаќањата да се извршат со користење електронски пари коишто ќе ги издаваат давателите на платежни услуги. Во едно вакво конкурентно окружување, за очекување е и постојните даватели на платежни услуги да понудат нови, иновативни платежни услуги и продукти за поефикасно и побрзо извршување на плаќањата од страна на граѓаните и фирмите.
Кога се очекува да почнат со работа овие нови даватели на услуги?
– Новата регулаторна рамка е во примена од почетокот на оваа година. Оттука, заинтересираните субјекти може да поднесуваат барања и соодветна документација за добивање дозвола за давање платежни услуги, односно за издавање електронски пари до Народната банка. Доколку барателите ги исполнат предвидените регулаторни услови, ќе може да започнат со давањето платежни услуги по добивањето на дозволата од Народната банка.
Која е гаранцијата дека новите даватели на услуги ќе работат согласно законот и што доколку некоја од нив пропадне. Дали средствата на граѓаните и на фирмите ќе бидат заштитени?
– Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата коишто ги чуваат кај банките и штедилниците коишто, согласно законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување на депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари согласно новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив коишто граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства коишто ги користат за нивното редовно работење. Притоа, давателите на платежни услуги се должни со соодветни докази и документи во законски пропишан рок да ја известат Народната банка при какви било промени во начинот на заштита на паричните средства примени за извршување платежни трансакции, односно користење електронски пари. Во случај на стечај или ликвидација на платежна институција или институција за електронски пари, така издвоените парични средства на граѓаните и фирмите на посебни сметки нема да влезат во стечајната маса на субјектот, односно ќе бидат заштитени и ставени на располагање на сопствениците. Народната банка ќе врши теренски и вонтеренски надзор над работењето на новите даватели на платежни услуги со цел да ја следи нивната усогласеност со важечките прописи.
Една од новините во законот е тоа што на граѓаните како можност им се нуди платежна сметка со основни функции. За каква сметка станува збор и по што се разликува таа од платежните сметки што сега ги користат граѓаните?
– Платежна сметка со основни функции, согласно Законот, ќе може да отвораат потрошувачите, односно граѓаните. Сметката со основни функции може да биде само во денари и, слично како и другите платежни сметки, може да ја користат за плаќања сметки за комунални и други услуги, јавни давачки, разни други плаќања и преноси на парични средства, внесување и повлекување готовина или за купување на физичките места на продажба или преку интернет со дебитни платежни картички. Разликата во однос на другите платежни сметки е што преку овие сметки граѓаните ќе може да извршуваат плаќања само во рамките на средствата со кои располагаат на сметката, односно нема да можат да користат договорно пречекорување и да навлегуваат во т.н. „минусно салдо“ за да вршат плаќања. Токму заради ваквото ограничување, банката или штедилницата за услугите со платежната сметка со основни функции може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок само до разумна висина, којшто не смее да биде повисок од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци. Во согласност со објавите од страна на Државниот завод за статистика, вака пресметаниот месечен надоместок тековно би изнесувал околу 31 денар. Овој надоместок вклучува месечно одржување на сметката, неограничен број платежни трансакции за внесување или повлекување готови пари непосредно на шалтерите во работните простории на давателот, или преку неговата мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог, или со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истиот давател на платежни услуги. Притоа, важно е да се напомене дека за потрошувачите коишто ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права, како што се на пример издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете, стипендија или слично, а што произлегува врз основа на закон, за користењето на наведените платежни услуги преку платежната сметка со основни функции, банката или штедилницата не е дозволено да пресметува и да наплатува надоместок.
Согласно наведеното, клучната разлика помеѓу постојните платежни сметки коишто ги имаат граѓаните кај банките во однос на платежната сметка со основни функции е во ограничувањето на надоместоците коишто ќе ги плаќаат граѓаните за користењето платежни услуги преку оваа сметка и можноста за лицата со законски права да ја користат без надомест.
Доколку некој сака да отвори ваква сметка, дали тоа значи дека ќе може паралелно да ги користи и сите досегашни сметки?
– Граѓаните кои сакаат да користат платежна сметка со основни функции ќе може да имаат само една платежна сметка во денари кај сите банки и штедилници. Оттука, доколку граѓаните тековно имаат повеќе платежни (трансакциски) сметки во денари, ќе треба да ги затворат, а ќе може една од нив да ја трансформираат во платежна сметка со основни функции. Доколку граѓаните сакаат да отворат платежна сметка со основни функции кај банка или штедилница кај која тековно немаат платежна (трансакциска) сметка, тогаш ќе треба да ги затворат сите платежни (трансакциски) сметки во денари кај другите банки и штедилници коишто ги отвориле во минатото. Од друга страна, кај истата банка или штедилница граѓаните ќе може да користат кредитна картичка за што ќе мора да склучат одделен договор, како и да имаат неограничен број платежни сметки во странска валута.