Умниот голем човек Рене Декарт по враќањето во Париз по отсуство од десет години, запишал дека „глупоста на луѓето од големите градови сигурно има инфективен карактер“ бидејќи „не е можно да се биде опкружен со толкав број на луѓе што се површни и непромислени, необразовани и вулгарни, како што е тоа неизбежно во големите градови, а самиот да не станеш глуп, прост и незнајко.“
Така, нашата малограѓанска интелигенција маѓепсана од имагинарната музика во уште по имагинарниот „град на културата“, пасивно се влечкаше и се влечка зад европските и балканските научни и културни трендови како дрогирана мазга во магла. За фрустрациите и неспособноста на огромното мнозинство од локални самопрогласени интелектуалци, за нивниот индиферентинизам кон судбината на луѓето од градот, за отсуството на било каква плодотворна и плодоносна визија за развојот на градот во нивниот мисловен простор (чие постоење е, повторно, под знак на прашање) не вреди дури ниту да се троши повеќе од една реченица, оти тие се огромни и лесно видливи.
Да не се залажуваме, основното место каде се создаваат интелектуалци е – училиштето. Примерите за интелектуалци кои стекнале неформално образование, се само исклучоци кои не го уриваат правилото. Но, како што убаво запишал еден вистински и голем интелектуалец Антонио Грамши „би можело да се рече дека сите луѓе се интелектуалци, но не сите луѓе ја имаат во општеството функцијата на интелектуалци“. Имено, за него неможно е да се раздели homo faber од homo sapiens, односно не постои човекова активност од која би можело целосно да се исклучи секакво интелектуално учество. Токму во овој контекст терминот малограѓански интелектуалец и не звучи така оксиморонично. Значи, најнапред, да се разбереме: во потесна и полнокрвна смисла на зборот, интелектуалец е оној кој навистина чита, поседува знаење пишува и јавно говори и, згора на тоа, активно учествува во општествениот живот како градител, организатор и влијателна личност во конструирањето на определена свест и совест.
Нашиот просечен малограѓански интелектуалец, всушност, е многу „симпатичен“ и, на прв поглед, може да се каже дека е љубезен и мазен, што би се рекло фин до лигавост. Сноб кој е академски образуван и е почитувана личност во граѓанско-буржоаските кругови. Во првите децени на дваесет и првиот век, просечниот наш малограѓански интелектуалец, најчесто, се самоопределува, при здрава памет и целосно свесно (!?), да биде десничар и бугаромански неоврховиста. Причината за ваквата определба е иманентно произлезена од неговиот незапирлив и незгаслив стремеж за материјално богатење, кое, му се чини дека може да го обезбеди единствено преку додворување и лигавење пред мафијата и политичката елита. Всушност, нашиот просечен малограѓански интелектуалец сфатил дека политичката превртливост и идеолошката недоследност носат привилегии и богатство во малограѓанската средина. И, понатаму од тоа „генијално сознание“ не се труди ништо да сфати и разбере.
Постои кај нас и друг дел од малограѓанската интелигенција. Оној неолиберален дел во кој се вбројуваат нарцисоидните снобовски интелектуалци, кои заради сопствената „прошетаност“ низ светот си вообразиле дека ја „испиле“ светата водичката на знаењето и го поседуваат каменот на мудрост. Но, не разбираат дека попусти им се прошетките до Париз и Дубаи, дека попусто им е образованието во Лондон или Вашингтон, дека попусто им е играњето тенис или голф, кога мозочните процеси им се спори, говорот празен, а стилот на изразување беден. Без разлика на нивните „странските“ училишта, скапата облека, луксузот во кој живеат, како и без разлика на сопствената нарцисоидност и непоткрепена самодоверба дека имаат и „огромно знаење“, тие се само обични пауни кои се шепурат наоколу и, фактички, не се ништо повеќе од приглупи фолиранти кои скришно служат единствено за потсмев. Тие жални креатури не сфаќаат дека пред да направат нешто, треба да станат некој. Зборувајќи за нив, скоро секогаш, на ум ми доаѓаат оние зборови кои ѝ ги припишуваат на Фрида Кало: „Тука постојат толку многу проклети „интелектуалци”, што веќе станува неподносливо… Попрво би седела на земја на пазар и би продавала тортиљи, отколку да имам нешто со овие ’уметнички’ кучки од Париз.“