„Не знам што се случи“ – македонска државјанка меѓу протераните од Србија. Таа е припадник на невладина организација а адвокатот што ги брани интересите на протераните активисти вели дека ќе оди до Стразбур ако треба

Сунчица Стојановска Зоксимовска
Искра Росо, извршна директорка на здружението на граѓани „Солем“ е единствената македонска државјанка која учествувала на едукацијата на „Ерсте фондација“ во Белград и е протерана од Србија. Протерани се вкупно 13 лица од девет држави. Македонското МНР изрази загриженост, најави дека ќе бараа објаснување за ваквиот чекор на српските власти и очекува дека случајот „ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни“. Реагираа и Хрватска, Албанија, Романија и Европската унија.
„Не знам што се случи, како се случи и зошто се случи… никој од нас не знае. Но, беше многу непријатно“.
Вака Искра Росо, македонска државјанка, за Радио Слободна Европа (РСЕ) опишува што се случувало на 21 и 22 јануари во Белград, кога српската полиција протера 13 странски државјани од девет држави затоа што оценила дека се „безбедносен ризик“ за Србија. Каков ризик претставуваат? Русо вели дека не им било кажано. Една година ѝ е забранет влезот во оваа земја. Меѓу протераните се и државјани на Хрватска, Словенија, Словачка, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка.
Сите учествувале на едукација организирана од австриската „Ерсте штифунг“ фондација, која се занимава со развој на граѓанското општество во централна и југоисточна Европа и Академијата за невладини организации на Виенскиот универзитет за економија и бизнис.
„Полицајци во цивилна облека нè легитимираа после полноќ. Бевме излезени. Кога се вративме назад во лобито во хотелот, малку после полноќ, полицајци во цивилна облека побараа да нè легитимираат. Не ја носев личната карта, па во присуство на полицаецот се качив до собата да ја земам. Нè однесоа во полициска станица. Таму седевме од 1 часот до 4 часот сабајле. Полицајците беа фини и културни, но никој не ни кажуваше зошто сме таму. Во мојата група бевме тројца, јас и двајца колеги од Романија. Нас не нè испрашуваа. Но, првите четворица беа прописно испрашани – зошто се таму, со кого се“, вели Росо за РСЕ.
После тоа, полицајците им рекле да потпишаат дека го добиле решението. Во примерокот во кој РСЕ имаше увид, пишува дека се откажува престојот на македонската државјанка Искра Росо и таа е должна за 24 часа да ја напушти Србија.
Тоа било на 22 јануари, дента кога и онака завршувала едукацијата и учесниците секако ќе си оделе.
„Според членот 9 од Законот за странци, доставено е мислење од државниот орган надлежен за заштита на безбедноста на Република Србија, со кој е утврдено дека престојот на именуваната државјанка на Северна Македонија претставува неприфатлив безбедносен ризик во Република Србија, па е одлучено како во диспозитивот“, пишува во решението.

Александар Маршалевски, професор на Правниот факултет во Загреб, кој им дава правна помош на протераните, вели дека сите имаат исти решенија за депортација и треба да поднесат жалба во рок од 15 дена. „Се договараме да направиме една иста жалба за сите депортирани лица. Не верувам дека оваа жалба ќе има успех во управна постапка, бидејќи, одлучува МВР на Србија, а се работи за политички прогон на странците поврзани со барање надворешни непријатели кои се обвинети за протести во Србија. И сам бев таргетиран после интервјуа што ги дадов за медиумите „Н1“ и „Данас“ во Србија пред еден месец. Пратеник на владејачка партија СНС бараше да бидам протеран од Србија како хрватски државјанин. Имав среќа што веќе излегов од земјава и затоа сакам да им помагнам на луѓето кои се соочени со такви проблеми и на кои им се прекршени нивните основни човекови права“, изјави Маршалевски за РСЕ.
Тој очекува да поднесат тужба пред управните судови, „ако треба и жалба пред Уставен суд“, со аргументи дека полиција повеќекратнo ги прекршила нивните човекови права според Европската конвенција. Убеден е дека ако не успеат во Србија,нивната жалба ќе биде прифатена на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Прво, нивното приведување од страна на полицајците во цивилка во необележани возила без јасно објаснување за причините претставува прекршување на право на слобода и безбедност од член 5 на Конвенцијата и слобода на движење од член 2 на Протокол бр. 4. Дополнително, депортацијата и едногодишната забрана за повторен влез без соодветна правна основа и без можност за ефективно оспорување го нарушуваат правото на приватен и семеен живот од член 8 на Конвенцијата. Покрај тоа, со одлуката за депортација, полицијата под очигледна директива на режимот на Александар Вучиќ, ги прекршила процедуралните гаранции во случај на протерување на странци од Член 1 од Протокол 7 бидејки не биле исполнети законските услови за протерување. Конечно, нивното третирање било дискриминаторско според Член 14 на Конвенцијата, бидејќи биле таргетирани како странски државјани без конкретни докази.“, образложува Маршавелски.
Министерствата за внатрешни и за надворешни работи на Србија и безбедносно-информативната агенција досега не одговорија на прашањата на РСЕ за приведувањето и депортирањето на странските државјани.
„Ерсте фондација“, во својот одговор до балканскиот сервис на РСЕ наведува дека ниту тие, ниту Академијата за невладини организации на Виенскиот универзитет за економија и бизнис не биле информирани за причините за протерувањето. „Овој инцидент е крајно загрижувачки. Ние продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата со нашите партнери. Длабоко жалиме што учесниците на нашите работилници мораа да поминат низ такво искуство и ја повторуваме нашата посветеност на граѓанското општество во Централна и Источна Европа“, пишува во одговорот од фондацијата до РСЕ.
Оттаму велат дека нивните програми се организираат од 2013 година, неколку од нив биле во Белград и биле организирани без проблеми.
Други земји веќе реагираа. Поради апсењето на пет хрватски државјани во Белград, кои учествувале на истата едукација, Загреб испрати протестна нота до Србија и им препорача на хрватските граѓани да ги одложат патувањата во Србија.
Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Србија ги обвини хрватските власти за „несоодветна“ реакција, наведувајќи дека нивните граѓани биле „постапувани во согласност со законските процедури и вообичаената меѓународна практика“.
Од Министерството за надворешни работи на Романија потврдија дека меѓу протераните има и еден нивни државјанин и побараа објаснување од официјален Белград.
Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија го повика амбасадорот на Србија во Тирана, Слободан Вукчевиќ, од кого побара објаснување за протерувањето на албанските државјани и „ја истакна потребата српските власти да ги разгледаат жалбите против донесени одлуки“.
„Загрижени сме што мирните активисти на граѓанското општество, од земјите членки на ЕУ и регионот на Западен Балкан, беа приведени и подоцна побараа од властите да ја напуштат Србија бидејќи претставуваат „безбедносен ризик“, рече портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
Група невладини организации од Србија во заедничко соопштение побараа од државата да им се извини на сите приведени претставници на граѓанското општество и на нивните земји и „итно да ги укине срамните одлуки“ на Министерството за внатрешни работи.
„Кукавичкиот, незаконски и гнасен однос кон колегите од цивилниот сектор од земјите во нашето соседство е опасен обид да се зајакне наративот за странски агенти, платеници и тајни служби чија намера е да ги заплашат граѓаните на Србија“, пишува во сопштението.
Пратениците на владејачката „Социјалистичкото движење“ во Србија, чиј основач е вицепремиерот Александар Вулин достави до Собранието предлог-закон за посебен регистар на агенти со странско влијание.
Според предложениот закон „агент на странско влијание“ се сите невладини организации кои главно се финансираат од други држави, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации кои се финансираат од странство.
Како „агент на странско влијание“ се наведени и непрофитните организации кои се занимаваат со политички активности насочени кон загрозување на демократијата, нарушување на интегритетот на Србија, кршење на слободите и правата загарантирани со Уставот и поттикнување национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.
(РСЕ)