КАТЕРИНА СИНАДИНОВСКА
И, не, нам не ни требаат никакви извештаи на ниедна, ни светска ни домашна организација, за да ни го предочат овој факт. Знаеме дека сме најкорумпирани. И тоа не можеме да го заборавиме. Доволно е да отвориме кој било медиум, таму секогаш има некој „Амди Бајрам“ за да не’ потсети дека да се биде секогаш со власта, да се дојде до Буџетот по која било цена, да се пикне под сукњата на мајката Држава е македонската животна максима.
„Борбата со корупцијата не е добро владеење. Тоа е одбрана на земјата. Тоа е патриотизам!“ – Џо Бајден
Нема толку денови во годината колку што во Македонија има вести што можат да бидат нивни носители. Некаде помеѓу пораките на германската канцеларка Ангела Меркел после средбата со премиерот Зоран Заев и монструозните информации за хоророт што се случувал во Домот 24 Мај, во периодов што измина неправедно се изгубија клучни информации кои и тоа како заслужуваат да добијат третман не само на вести на денот туку и на вести во низа, за потоа детално да бидат анализирани и со денови и денови да им се сервираат на граѓаните од милион аспекти.
Меѓународната невладина организација „Транспаренси Интернешнл“ објави дека според најновото рангирање Македонија е регионален и европски лидер во корупција. За една година (2017-2016) сме падналеза цели 17 места и сега не постои сосед ниту балканска или европска земја каде што митото и корупцијата цветаат како кај нас.
Пред две недели стигна и катастрофалниот извештај за владеењето на правото на „Ворлд Џастис Проџект“. Е тука не сме шампиони, со што веднаш може да се забележи дека овој извештај е составен пред да биде објавена условната пресуда за Ивона Талевска за затајување на данок. Но, чисто за да оправдаме репутација, и тука сме најблиску до регионалното дно, заедно со Албанија и со Србија.
Се разбира, овие два извештаи би биле само производ на некои злобни и антимакедонски, а дополнително на тоа ем граѓански и невладини организации, да не беа дома катадневно поткрепувани со нови и нови докази и факти.
Токму во истиот ден кога се објави регионалното рангирање на корумпирани држави, се обелодени и еден друг извештај, овој пат на една една чисто македонска и државна организација. Некои би ја нарекле дури и институција – Државна комисија за спречување на корупција. Оваа Комисија благодарение на податоците од Заводот за ревизија и Министерството за финансии заклучила дека за предвремените избори во 2016- та партијата Демократската унија за интеграција (ДУИ) била финансирана надвор од законот. На партиската сметка легнале пари од јавни претпријатија – АД „Македонска пошта“, АД „Аеродроми на Македонија“ и ЈП „Македонски железници – инфраструктура“, ПИОМ, но и од општина Липково.
Ова недело е спротивно на Законот за финансирање на политички партии, но и на Законот за спречување на корупција, кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност. Информациите се сега доставени до Основното јавното обвинителство Скопје, од каде што нема абер дали е отворена истрага. Но, додека се чека обвинителите да си ја завршат работата се чека и нешто друго – коментар од Мала Речица. Цела недела го нема Али Ахмети да објасни како тоа пари на граѓаните завршувале на партиска сметка и тоа за кампања. Од партијата за телевизијата „24 вести“ излегоа со некое штуро соопштение според коешто тврдат дека се работело за чист превид. Наводно, на државни функционери од ДУИ (челници во овие институции) партијата им одбивала со траен налог од платата на име на членарина и донација. Значи од ДУИ тврдат дека се работи за лични пари на функционерите, а не за буџетски средства, но, ете превидот настанал поради икс технички причини…
Преголема е оваа работа за да биде сведена на технички причини господине Ахмети! И не е толку голема во пари, колку што е преголема во принцип. Ако се има предвид дека цела една деценија Комисијата (ДКСК) работеше за да скрие, наместо за да открие корупција, не сакаме ни да замислиме колку технички грешки се случиле низ годиниве. Дополнително, ако навистина се работи за лични средства, функционерите многу лесно можеле да си ја земат платата па потоа да донираат како што е ред. Конечно, каков е тој „траен налог од партија“? Постои ли нешто такво воопшто? Самото објаснување од ДУИ е толку надвор од секакви демократски стандарди што човек просто не знае од каде да почне да објаснува како треба да изгледаат релациите на партиите со членовите, на партиите со граѓаните воопшто и на партиите со државата во едно современо и слободно општество. Паралелно со ДУИ, пред јавноста, одговори должат и од Владата, станува збор за партија, коалициски партнер, партија којашто и во овој даден момент располага со моќта да троши јавни пари. Оти, ова е проблем кој не е од денеска и не е од минатите избори. Не беше така одамна кога токму нивните претходни коалициски партнери, ВМРО – ДПМНЕ го создадоа најголемиот скандал поврзан со финансирањето на политичките кампањи во Македонија. Во 2011-та ДУИ беа законски чисти, но на тогашните предвремени парламентарни избори, „Капитал“ будно ги следеше партиските сметки, па до ден денеска ни остана неодговорено како тогаш ВМРО – ДПМНЕ потроши дури 3, 3 милиони евра повеќе од прикажаните донации. Разликата помеѓу приходите и расходите првично беше дури 4 и пол милиони евра, но после донациите од физички лица и парите од државата (15 денари по гласач) партијата ја заврши оваа изборна кампања со „дупка“ од 3, 3 милиони евра, пари за кои никогаш не објаснија од каде им се. Неминовно се поставува прашањето дали можеби и пред седум години, но и во сите останати изборни циклуси, токму државната каса служела како отворена можност за разни технички грешки и превиди?
Одговори нема, но ние не би биле европски корупциски шампиони ако нема куп нови прашања поврзани со корупција во разни други сфери. Требаше да се смени власта за од „Македонски шуми“ да разбереме дека за акцијата „Денот на дрвото“ се потрошиле 18 милиони евра за осум години. Пари потрошени за џабе! Се „фатиле“ само 20 % од садниците, а акцијата била организирана очигледно со друга цел, оти како што тврдат од Шумите, се садело на несоодветни дури и на исти површини. Никаква контрола, никаков разум. Само одвратен популизам, маркетинг и насмевки на познати пејачки ѕвезди за да се скрие злоупотребата на позиција и на народни пари. За ова некој мора да одговара!
А наместо со барања за апанажа, пред органите на системот со одговори ќе треба да излезат и од Државната изборна комисија. Онаа што се распушти откако беше фатена како си дели огромни суми за патни трошоци и 30 плати за година и пол. Заводот за ревизија открива дека не било само ова – нивната работа била полна со скандали: Комисијата го кршела Законот за јавни набавки, платите биле делени без поединечни пресметки или упатство за надоместок, а патните трошоци надвор од постоечките расходни ставки. Ревизорите тука не нашле покритие ниту за сите потрошени транспортни трошоци.
Сите овие примери, заедно со уште милион други јавно откриени скандали и кој знае уште колку неоткриени, се сведоштво за огромниот пораз на македонското општество изедено не од надворешни непријатели, туку од внатрешни. Тие како молци скриени по неговите системски плакари и фиоки со години ги разјадуваат институциите, ја доведуваат суштината на нивното постоење на ниво на проста бесмислица презентирајќи пред граѓаните дека подобро ни е и да немаме разни Комисии, Заводи, Министерства… кога нивната примарна цел е да се ограбат граѓаните. Попатно, да, ќе ни завршат и некоја работа, ќе издадат некој документ, ќе засадат и некое дрво што ќе се фати, ќе направат некоја реформичка… за која уште треба да бидеме и благодарни кога на сите ѕвона ќе ја презентираат во годишните извештаи како голем успех. Ќе добијат и некоја пофалба од Брисел, од самата Влада, од некој интелектуалец, од пријателска земја…
Да не се лажеме – нема тука никаков успех, нашите институциите се еден срамен колективен неуспех, производ на идејата да се вработат и наградат партиските заслужни. Има ли пострашно за една земја, има ли понеодговорно кон нејзините граѓани кога главен носител на корупцијата е самиот систем? Ниедна реформа и ниту една визија за развој на македонската држава не може и нема да биде спроведена се дури сме шампиони во корупција, во крадење, во безобразен грабеж на сопственото. И додека сите кои вака си ја сакале Македонија низ годиниве (а богами некои се уште исто ја сакаат) не одговараат. Само така ќе можеме да тргнеме напред. Тоа треба да ни се главните црвени линии на македонскиот патриотизам. Борбата со криминалците.
И, не, нам не ни требаат никакви извештаи на ниедна ни светска ни домашна организација за да ни го предочат овој факт. Знаеме дека сме најкорумпирани. И тоа не можеме да го заборавиме. Доволно е да отвориме кој било медиум, таму секогаш има некој „Амди Бајрам“ за да не’ потсети дека да се биде секогаш со власта, да се дојде до Буџетот по која било цена, да се пикне под сукњата на мајката Држава е македонската животна максима.
(Објавено во Капитал на 23 февруари 2018)