ДЕНКО МАЛЕСКИ
За бугарските националисти кои веруваат дека ние сме Бугари, држењето на Македонија надвор од европските интеграции со помош на бугарското вето е формулата за стагнација и пропаст на македонската држава, но и шанса за остварување на сонот за Голема Бугарија. За нив би било пожелно а не „ужасно“ Албанија да напредува кон ЕУ
Безбедносниот вакуум кој го остави зад себе повлекувањето на ЈНА од Република Македонија, на почетокот од деведесеттите, не се пополни со моќта на некоја соседна држава заради нивната европска и евроатлантската агенда. И покрај тоа што слабоста во меѓународната политика е своевидна покана за окупација, никој не ja нападна македонската држава. Се разбира, ние не ги оставивме работите само на вербата во идејата туку се обративме до ОН со молба да испратат трупи на границите со соседните држави како прва превентивна мисија на светската организација. Целта беше да се заштитиме од евентуален напад и да добиеме во време до формирањето на македонски вооружени сили. Во разговорот кој го имав со Сајрус Венс и Лорд Овен во Њујорк тие беа изненадени од идејата на претседателот Киро Глигоров за таква мисија и ме предупредија дека трупире на ОН можат само да набљудуваат но не можат и да ја бранат македонската држава од напад на соседна држава. Барем ќе бидеме погласни ако заедно викаме „Помош!“, реков внесувајќи малку хумор во една сериозна ситуација. Сепак, ниту еден од помоќните наши соседи не посегна по оружје за да не окупира. Вашингтон и Брисел не одобруваа такви агресивни акции туку бараа сите балкански држави да работат на своја демократска трансформација како критериум за идното членство во НАТО и во ЕУ.
Тој дух на Европа го почувствував и деновиве, триесет години подоцна, во изјавите на првите луѓе на српската и на бугарската политика. Во неодамнешното интервју, претседателот на Србија Александар Вучиќ порача дека треба да се остават на страна недоразбирањата со Бугарија за историјата и да се искористи шансата која ја дава францускиот предлог за отпочнување преговори со ЕУ. Таквата политика ќе значи економски и севкупен прогрес за Македонија каков што доживеа и Србија. Ние ништо не бараме од Македонија освен да бидеме пријатели, порача српскиот претседател на начин карактеристичен за односите меѓу скандинавските држави. Наместо, како во некои минати времиња, да не заглави во спор, за неговата држава да се јави како наш спасител, Вучиќ не турна на европскиот пат. Премиерот Кирил Петков, пак, рече дека би било ужасно Албанија да отпочне со преговори со ЕУ а Македонија да остане надвор од процесот на интеграцијата.Ужасно ? Загрижен за нашата држава Петков вели дека ако сака да се развива, единствениот пат за Северна Македониј е европскиот пат.
Она што ги обединува двајцата политичари на две балкански држави, Србија и Бугарија, историски ривали во поделбата на Македонија, е реторика во духот на европската идеја ослободена од национализам. Една класична националистичка политика од некои минати но и сегашни времиња, би се раководела од принципот „Што полошо за Македонија тоа подобро за нас“ или „Непријателот на мојот непријател е мој пријател“. Имено, таквата политика би работела на уништување на македонската држава. За бугарските националисти кои веруваат дека ние сме Бугари, држењето на Македонија надвор од европските интеграции со помош на бугарското вето е формулата за стагнација и пропаст на македонската држава, но и шанса за остварување на сонот за Голема Бугарија. За нив би било пожелно а не „ужасно“ Албанија да напредува кон ЕУ со што, со време, би се предизвикала стагнација и етничка поларизација во државата и рушењето на меѓуетничкиот консенсус. Она што би следело е нова криза, вакуум како оној од почетокот на деведесеттите. Реална би била опцијата од создавање на некаков политички вртлог кој би ги вшмукал Србија, Бугарија и Грција во нова битка за поделба на сфери на влијание во Македонија. И сето тоа врз нашите глави. Се разбира, околностите се променети и историските аналогии, како оваа што ја прикажав сега, не секогаш се веродостојни.Но, и покрај НАТО и ЕУ, национализмите и ривалитети меѓу балканските држави не се мртви. За среќа, се покажува дека е моќна европската идеја која извира од свеста дека на мојата држава ќе и биде добро ако на сите држави им е добро, како што рекоа нашите пријатели Петков и Вучиќ. Свеста дека сите на Балканот сме во истиот европски чамец.